Маалото ги викаве 'арм маало' поради дом на АРМ. Изгледаше скоро вака, само со многу дрвја во тревниците: Кај шо стои коњчето играв фудбал. На бетонираните клупи сепариња одмаравме, ама под сенка, дрвјата беа огромни. Во редот на кино Култура најдесно во влезот се отвори за мене првата компјутерница Сетнет на крај на 90тите, играв Халф Лајф и Ворд оф Воркрафт. Во кино Култура ретко одев, специфично памтам "Spy Kids' кога го гледав со другарка. Ама затоа во кино Вардар дремев, во буквална смисла сите филмови ги гледав, памтам дури го гледавме 'Street Fighter', само ние децата од маало бевме, урлавме, ги правевме потезите на сред сала, нема везе шо сме имале по 4-5-6 години. Ги обожавав тоа кино, имам тонови спомени. Позади киното (поврзано) кога бев многу мала имаше и билијард. А ова ме потсеќа на мојот тегет метален трицикл шо го возев низ маало, други додека играа. Позади киното еднаш направивме огромен 'бункер', имаше и теписон внатре дури. Имаше дрвја со кајсии што многу плод даваа, ги бервме и јадевме. А позади собрание на тревникот имаше црвени темни сливи и дудинки. Колку фудбал имам играно на тревников, ама и на плочникот. Е тука лево на плочникот најмногу игравме. И фудбал, и 'народна', и 'сакате ли војна', и тука научив да возам точак. Во 90тите служеа војска, па нè прекинуваше во играње комбенцето што им носеше храна насабајле и попладне. А на плочникот десно кај споменикот, игравме исклучиво 'серва', зошто имаше поголеми правоаголни полиња. А во тревникот (имаше многу дрвја) игравме џамлии, земјата беше совршено измазнета на еден дел. Тука колку имаме седено, на лето навачер беше идеално, нежно осветлено, ама редовно раздвижено зошто домот се користеше за разни настани, всушност цело лето правеа свадби. Еден куп деца, од разни возрасти, со сендвичите од дома, никој нејќе да се прибере. Во Ескимо и Малага одевме на сладолед, а фрижидери сладолед имаше пред Пелистер на плоштад, тука имаше трафика под огромните дрвја што беа порано. Долго време омилен ми беше 'овошен јогурт' од Ескимо. На улица Македонија, тогашна Маршал Тито, имаше Жито Лукс кај шо глувче и кока кола во стакло беше частенка за посебна пригода. Од Краш до Леснина купувавме рефус за частење. Едно време имаше Европа подолу накај плоштад, кај што денес има друг Краш, а Улкер отворија кај што е корејската продавница на Даме Груев. Првиот Тинекс (и за мене голем маркет) го беа отвориле во градски ѕид на Даме Груев, до старата Акеденска Книга шо беше. Имаше ГоДел за чевли, и Пеко постои таму од пред да сум родена. А спроти Пеко имаше црвен шанк како тој во Охрид на кеј што е, трештеше музика на лето. 'Палата' кога ја направија, долу отворија компјутерница, ама имаше и плејстејшн, пикадо и фудбалче. Уште една компјутерница имаше позади Мак Петрол во зградите во близина на пазарче. А маалото кај пазарче, го викамвме 'кучкар маало'. На тој кош таму, игравме кошарка, друг немаше. На флипери одевме 'во друго маало', имаше сега кај шо е стриптиз клубот кај Мистер Џек. Тука ја научив 'кадилак'. Дома на нинтендо ја игравме таа со тенковите, супер марио, duck hunt со пиштолот, а на компјутер најмногу Lion King, Tarzan и Hercules. Пораснав со MTV и VH1, ама и со емисиите, не само музиката. А ко деца, изнајмувавме касети од една видеотека во зградите спроти Рамстор Мол, мислам дека натписот уште стои. Омилено ми беше кога ќе се соберевме кај некого дома, ќе спуштевме ролетни за да гледаме хорор. А се собиравме да гледаме и Beverly Hills и Baywatch, нема врска газовите и цицките. Ем дремевме надвор, не се прибиравме, спортувавме, се дружевме огромни бројки деца, ем гледавме сè и сешто, слушавме, никој не нè ни прашал за возраст, ниту се замарал. Од сè по малце, умерено, ама редовно. Правевме сè, и маалото си го чувавме. Никогаш не сме скршиле ништо, баш обратно, си знаел дека не е твое, ама е твое зошто само тоа е, нема друго. Бевме другари, немаше некои посебни замерки. Се осеќам ко да бил некој друг живот, или ко да сум го измислила моето детство.
Се плашите ли од темнината? Чувари на плажата.. Еден период имаше некој тренд со графити и лични потписи со пипсови низ град на ѕидови и прозори т.е не беше тренд имаше само неколку што се потпишуваа..
Леле вкусот на глувчето перверзен беше За чоколадното глувче збориш? Од се што пиша, само у ова се пронајдов, уште го памтам тој сочен кремаст вкус Штета што мислам дека го нема одамна више тој десерт