На почетокот веруваа дека е светулка залепена на небесниот свод. Потоа дека е божество. Потоа со телескоп видоа дека е ѕвезда и им се насмеаа на претходните. Со подобар телескоп видоа дека уствари не е една, туку се милијарди ѕвезди, галаксија, необично сјајна. Откако зумираа подобро, видоа дека всушност е судир на две галаксии. За некого ова претставува вселенска катастрофа, за друг ѕвездени војни, за трет уметност на ноќното небо. За заљубениот ова е спој на два света, брак на галаксии овенчан со ѕвезден огномет и раѓање на нови ѕвезди. Во центарот на двете галаксии веројатно има и црни дупки, кои кријат дополнителни мистерии. Не брзајте да им се смеете на незнањето на претходните генерации, зашто и идните ќе ни се смеат на нас. „Божја слава е да ги обвиткува работите со мистерија, а слава на царевите е да ги откриваат.“ (Изреки 25:2, Библијата, слободен превод) https://apod.nasa.gov/apod/ap121019.html