Ме поттикна темата за манастирот Св. Јоаким Осоговски, па зошто да не и за другите свети места во Македонија. Конкретно каде се сте биле, кој манастир или црква досега сте го посетиле. Од особена важност се и информациите околу ноќевањето во конаците на некој од манастирите. Каде е возможно тоа, колку е цената за ноќевање и слично. Знам дека има доста места за посетување во областа на Охрид, ако сака некоја охриѓанка нека напише нешто околу тоа. Особено ме интересира манастирот Св. Наум Охридски, колку е смастувањето и ноќевањето во хотелот или некоја алтернатива за сместување, но да биде многу блиску до манастирот. Некоја добра релација на движење започнувајќи од Св. Наум Охридски, па ...
Охрид има навистина убави цркви и манастири, .Не сум многу запознаена со цените искрено на сместувањето но ќе дадам некои сугестии за сместување-конкретно за Св.Наум ако сте за време на летниот период дојдени може да си се сместите во кампот Св.Наум ем ќе ви биде блиску манастирот,ем плажата која според мене е најубавата на цело крајбрежје-преубав песок и најчиста вода.Друга опција е да се сместите приватно во Љубаништа или Трпејца-тоа се селски населби во непосредна близина кои исто така можат да ви понудат приватно сместување. Ако веќе сте во посета на Охрид во стариот дел на градот има многу цркви - Плаошник, Св.Димитрија, Св.Софија, неколку посветени на Св.Богородица, две на Св.Врачи-Кузман и Дамјан, Св.Варвара, Св.Софија, Св.Константин и Елена, Св.Јован-Канео и др.- ги има навистина многу. Исто така фасцинира с.Велгошти со- Св.Петка, Св.Илија, Св.Никола и др.таму има и конаци сепак немам конкретни информации за сместување и цена, ама знам дека одат луѓе да преспијат и таму. Понатаму Св.Еразмо, горе по една стрмна патека е и Св.Катерина итн. Се надевам барем дека потпомогнав околу посочување барем локациски,барем на еден скромен дел-да не заборавам да ја препорачам и галеријата на икони до црквата Св.Богородица-Перивлепта-во стариот дел од градот,во близина на ОУ „Св.Климент Охридски„ .
Ти благодарам Theodora на одговорот. Претпоставувам дека си од тој дел на Македонија, па би сакала да те запрашам уште нешто. Планот за прошетка не ни е во летниот период и во сезоната на годишните одмори. Сакам да биде мирно и тивко, без премногу посетители (иако таму ги има скоро секогаш)... Конкретно сакам да те прашам дали знаеш (или можеби некој друг) нешто во врска со служењата во манастирот, утринска, вечерна, Литургија, дали има само во недела и празници или? Спојлер Да бидам искрена, ова патување ми е изненадување за мажот ми . Затоа сакам се сама да организирам и сместување ( нешто скромно, но убаво ), организација во однос на оброци (некој не толку луксузен и скап ресторан, пицерија ...), посета на многу места, се на се еден викенд. За тоа време ми е потребна една добра маршута на движење со повеќе места за посета како цркви и манастири. Ако сакаш може да ми пишеш и л.п. и подетално да ми објасниш. Поздрав и ти благодарам
Есента имав една мини турнеја низ Македонија, и го открив овој прекрасен манастир во с.Рајчица. Кога влегуваш низ портите преминуваш во друг свет. Во манастирот опстојува монашко сестринство и само овде се изработуваат митри (капи) кои ги носат православните свештеници од цел свет. Еве нешто што сликав, се стемни и едвај чекам наредна прилика да го посетам.
Е за овој манастир Св.Георгиј Победоносец во Рајчица можам да кажам дека е Рај.И една многу важна работа е дека имате можност да се поклоните пред моштите на Св.Георгиј кои имаат посебен мирис.Едноставно прекрасно ќе се чувствувате,а и монахињите се многу добри и гостопримливи.
Рождество на Пресвета Богородица- Калишта Чудотворната икона на Мајката Божја. Посебно за оние сопружници кои немаат свои деца. Безброј чудеса се направени пред оваа икона со само една искрена и топла молитва.
Во контекст на темава сакам да го споделам своето поклоничко патување кое ме утврди во верата а тоа е Манастирот Св.Јован Бигорски... Кој не бил треба да отиде за да го осети тоа духовно преродување што јас го доживеав таму...Неизмерна среќа е и што мојот духовен татко е Отец Партениј , игумен на Бигорскиот манастир и на Женското сестринство во манастирот Рајчица во Дебар... Офф тема: незнам како да прикачам слики за да споделам дел од таа прекрасна природа, од тоа духовно смирение, од чудотворната икона на Св.Јован Крстител....
За прикачување слики кога пишуваш мислење,подолу пишува прикачи фајл,па на choose file,па откако ќе ја избереш сликата,одиш на додај го фајлот и сликата ќе биде прикачена. Во врска со темата,огромна желба ми е да го посетам Бигорски манастир и да го запознаам Отец Партениј. Се надевам дека ќе ми се оствари.
Чудотворната Икона на Св.Јован Крстите. Иконата носи едноставна, мирна и живоносна порака, која слегува од Небесниот Ерусалим. Таа ти говори за нешто, кое го надминува вчерашното и денешното, овдешното и тамошното, моето и твоето. Од неа на човекот му се обраќа неизменливата и вечна Вистина, која и покрај своето смирено молчење, сепак воскреснува нешто длабоко во човекот. Едно од чудата е и самиот начин, на кој иконата му се открила на ктиторот. Таа, според преданието на манастирот, едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓаат трите чешми под црквата. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал манастирот. Благодатта, што иконата ја носела во себе, ја чувала од погибел и не дозволила таа да биде уништена, во неколкукратното пустошење на манастирот. Таа секогаш одново се појавувала, сведочејќи за вечно-живиот дух на манастирот, кој повторно се раѓал, како феникс, од своите урнатини. Влезот од манастирот ... Св.Јован Бигорски .... Св.Јован Моли Го Бога за Нас
Јас сум православна христијанка и каде и да одам обавезно гледам дали има некои цркви и манастири за посетување, за да ги видам, едноставно ме исполнува тоа. Св. Јован Бигорски, Св, Софија, Плаушник, Св. Јован Канео, Беровскиот манастир, Св. Наум Охридски (со посебна убавина) ги имам посетено и други меѓу кои и куќата на Богородица во Турција, исто доста прекрасно свео местенце. Е сега малку ќе избегам од темава, имам едно прашање.Летово ќе одам на Закинтос, читав за една црква која се вика по нивниот патрон светец Агиос Дионисиос, чиј гроб таму се наоѓа. и јасно е дека е католичка. Дали е грев ако влезам таму, да ја разгледам од гледна точка на посета на знаменитост.
Ако посадиш лубеница до тиква, дали таа ќе го изгуби вкусот и обратно? Нема ништо лошо во тоа да посетиш католичка црква. Јас лани бев на Тасос и во близина на местото Лименарија се наоѓа еден гоолем женски манастир Архангел Михаил. Прв пат бев таму пред 7-8 години и лани пак ме влечеше нешто да одам да го посетам кога бев на одмор, а што била целта и внатрешната желба. Дури тогаш дознав (и тоа од едни англиски туристи на кои водичот им раскажуваше) дека во тој манастир се наоѓа дел од ноктот од распнувањето на Исус и многу бев возбудена и на сите им кажував за тоа кога се вратив. ММ направи слика и имам слика од местото кај што се чува и сега и јас имам дел од ноктот во мојот дом.
Не, не е грев, бидејки и тоа е црква, па и да отидеш во католичка црква без да биде причината за разгледување на истата како знаменитот.Ја уште немам отидено, а многу сакам да отидам во католичка црква.Нема разлика голема помеѓу католичката и православната црква, исто е Така што нема зошто да биде грев за да се влезе во католичка црква.Но и во било кој верски објект да се влезе од аспект на туризам не е грев
Од каде идејата дека во Грција има римокатолички манастири? Тоа е исто како да тврдите дека има државни факултети на македонски јазик. ) Грција е Православна држава (98% православни). Другите верски заедници имаат права помали дури и од правата на Македонците. Така да ич не му ја мисли, оди затоа што манастирот е православен. Единствена разлика меѓу нас и Грците е календарот, Грчката православна црква го користи Греогријанскиот календар, а ние го користиме Јулијанскиот календар. Православен христијанин смее да влезе во римокатоличка црква, ако и само ако во неа има мошти на заеднички светители. Инаку нема што да бара. Единствено исклучок можат да направат државни или црковни функционери на некоја прослава, но не и обични цивили.
Црквата Свети Дионисиј во главниот град на Закинтос Занте е најсигурно 100 % православна црква, во никој случај не е римокатоличка црква. Летово бев таму и ја посетив црквата, таму се наоѓаат моштите на светецот, а моштите можат да ги видат и допрат само православни христијани морате да кажете дека сте православен христијанин и да бидете пристојно облечени за да влезете. Овој светец се смета за едена од најважните светци во Грција на што самите грци се многу горди, а на празникот на светецот доаѓаат луѓе од цела Грција за да присуствуваат на богослужбата и сега незнам како точно се вика тоа но слично како во Острошкиот манастир и овде на светецот му ја менуваат облеката зашто е искината како да е носена и обувките односно опинците кои ги плетата монахињите од еден грчи манастир се излижени како да се носени па се смета за светец кој оди меѓу луѓето на островот и им помага, телото на светецот не е распаднато може да се види. Црквата е навистина прекрасна и луѓето кои работат таму се многу љубезни. Исто така интересен податок е дека во 1953 година островот бил зафатаен од силен земјотрес поради што речиси целиот остров бил разрушен освен Црквата на свети Дионисиј и уште два друго објекти. Ако ве интересира нешто повеќе за оваа црква побарајте на интернет сигурно ќе најдете се што ве интересира, а доколку на некој му се пружи можност секако да ја посети.
Уште од помала, не знам оти во главата ми е всадено дека Грција е католичка земја, дали од средината во која живеам сите така кажуваат па и тој податок така ми е навлезен во потсвеста што дури не сум ни прочитала убедена дека знам. За светецот Дионис доста прочитав и се информирав додека истражував за островот.И сигурно додека читав за него и црквата во негова чест ми има поминато зборот Orthodox, ама пак ќе повторам од толку што бев убедена дека Грција е католичка го немам ни заприметено истиот тој збор.Во секој случај добро е што прашав и што дознав како е правилно.Инаку црквата е фантастична, резби со злато внатре, столчиња каде можеш да си поседиш и да се помолиш и да добиеш спокој.Со еден збор прекрасна.
Во Грција преовладува православието, но во некои делови постојат тнр. Унијати (на пр. Гоце Делчев бил унијат)т.е. грчка византијска црква која иако голем дел од ритуалите ги има задржано какви што се во православната црква, за поглавар го признава католичкиот Папа. Освен тоа зборот католичка кој дословно преведено од грчки значи „сеопфатна, општа„ понекогаш се употребува и за православната црква, иако повеќето од луѓето не се навикнати на тој израз да се употребува во тој контекст. За да не дојде до забуна со онаа во Рим т.е. Ватикан, вторава се нарекува уште и римо-католичка црква.
Во Грција нема унијати. Унијати има во Словенските земји, иако се викаат гркокатолици. За дејствувањето на Римокатоличката црква во Грција не знам колку е дозволено, со оглед на тоа што римокатоличките бискупи постојано добиваат тужби потпишани од Православни митрополити (предводени од најсветиот Митрополит Пирејски к.к. Серафим). РК бискупите редовно ги губат споровите. Од друга страна во Грција има голем број на православни расколници (кои се држат до православната вера, Светото Писмо и светото Предание, ама не се во единство ниту со атинскиот ниту со константинополскиот архиепископ) за кои не знам кого “сакаат“ повеќе, еретичкиот собор (на чело со римпапа) или пак црниот ѓавол. Гоце Делчев бил унијат тоа е точно, припадник на кукушката унија, која се распаднала со воспоставувањето на Бугарската егзархија. Голем број од нашите преродбеници (Миладиновци, Прличев, Гологанов итн) биле љубители на унијата, а единствен кој што најжестоко се борел против тоа е Јордан Хаџи Константинов Џинот, во чии молитви топло се препорачувам.
Во ГРција постојат и ден денес унијати. Ги има на илјадници, особено во Атина. Но тие од државата не го уживаат истото право како ГПЦ. Еве го нивниот вебсајт во Грција: http://www.elcathex.com/
Е добро и да ги има колку се? Во цела неколкумилионска Атина ако ги има 20 на коњ се. Во времето на Отоманската империја римскиот папа испратил и во Охрид надбискуп, ама се прошетал до Охрид и си се вратил во Рим со свиткана опашка.
Дали некој знае нешто повеќе за конаците во Лешок во Тетово. Некои искуства да сподели со нас, сакам да ги посетам.