Бидејќи на форумов има доста читатели/ки и приврзаници/чки на различни видови литература би сакала да споделиме искуства што според вас е најважно да поседува едно литературно дело за да ве трогне - дали тоа е самата приказна, стилот и нарацијата, можеби маестрално опишаните ликови и внатрешни доживувања или надворешни описи на пејзажи и културно-историски или тековни политички и сл. прилики? Веројатно би било најидеално делото да е склоп на се‘ горенаведено, меѓутоа реално тоа често не е така некои автори повеќе обрнуваат внимание на некои за сметка на др. од карактеристиките. Еве, јас ќе говорам од свое име за мене најзначајно е прво, колку е обрнато внимание на самата обработка на ликовите и нивниот карактер и темперамент и др. одлики кои ептен ни го доближуваат што поцелосниот психолошки профил, внатрешните размислувања и мотиви за било какви постапки и дејствувања и второ, стилот и самата нарација значи паѓам на автори кои имаат уникатни стилови, смислуваат нови кованици на зборови и реченици и создаваат такви мисли од кои застанува здивот, имаш бура на емоции која знае длабоко да те потресе и да те натера да се расплачеш неутешно како мало дете или да се превиткуваш од смеа до солзи и кај кои нарацијата едноставно лизга без никаков напор и ништо не може да ми го одвлече вниманието . Ете самата приказна сама по себе без овие елементи колку и да е необична, мене не ме допира баш онака вистински, а во однос на оние описи на природата и општествените прилики кои често знаат да се извор на корисни информации и знаења често ако траат и траат чиниш до бесконечност низ делото ми предизвикувале и долгометражно зевање . Што е она што е пресудно кај вас?
Мене приказна како приказна воопшто не ми е важна. Според мене, вистински писател е оној што ќе успее од некоја најобична, секојдневна приказна да направи врвно дело. Многу е просто, ако приказната е на пр. како сонцето изгрева за обично литературно дело тоа ќе биде сонце како сонце позади некој рид. А за да биде тоа врвно литературно дело - ќе биде спектар од бои, тие и тие чуства, таков и таков потиг, означува почеток на ден, нечиј нов живот, нечиј роденден... Ова е пишано во метафора и немојте да ме сфатите буквално. За мене да ме заинтересира некое дело потребно е игра на зборови, сплет на околности, тук таму некоја тропа, но ништо претерано! И мене, како на Теодора ми е важна обработката на психолошки профил, навлегување на ликовите, нешто како во стилот на психолошки реализам. Поради ваквите детални анализи многу ги почитувам Толстој, Достоевски, Балзак и Џон Штајнбек. Ценам добри quotes, обично книгите ме се цели поцртани со моливче, за да си ги имам некаде мислите на страна. Почитувам уникатен стил и многу ми се допаѓа стилот на Петре. М.Андреевски, Буковски, Ерика Јонг затоа што си имаат свој личен и претпознатлив стил. Ако за Андреевски тоа е употребата на дијалекти и разиграниот стил, за Буковски тоа е цинизмот и болната за искреност, кај Ерика Јонг е контраверзноста. Очекувам од некое дело да ме возбуди, да ме вознмири и откога ќе ја затворам книгата да ме облее чуство на катарза. Знам дека е добро тоа дело кога ќе го завршам и не знам тогаш што да правам со животот Битно ми е писателот да биде присутен и битно ми е делото да е полно со емоции. Spoiler Можеби мислењето малку ми е оксиморонско пошо напоменав дека сакам тропи и писателот да е тука, па ги спомнав и Блазак и Толстој. Ама книгите не ги судам според литературниот правец
Обработката на ликовите е многу важна. Ако ликовите се неизградени доволно, се премногу површни, немаат никаква психолошка длабочина, јас не би можела да се поврзам со ликот, ниту пак да си создадам некаква замисла за него, па ни приказната не би ме привлекла.
Во целост се согласувам со Теодора . Дополнително - и литературното дело како и самиот човек треба да се одликува со некаков темперамент , да биде детално а не нафрлано ,да биде јасно а не апстрактно па кој како сака да си го сфати ,да нема вулгаризми ,како Бадемот на Неџма ,недолично е да се нарече литературно дело! Има милиони начини како да се опише страста помеѓу две индивидуи уметнички ,а за улично секој знае да си каже ,нели? Мора да има изобилство на зборови и фрази ,неограничено ,да има леснотија во пишувањето ,а не како една реченица да била мислена 100 дена.
Пред се, детална обработка на ликовите. Ако неа ја нема, не можам да го сфатам ни целото дело зашто просто не знам каков е ликот. Речениците убаво средени, јасни и прецизни, не да не можам да сфатам што сакал да каже авторот. Потоа содржината. Џабе ми е да го има сето ова горенаведено, ако содржината е без врска. Исто така, важен ми е и описот на настаните. Но, не само нафрлани информации за случувањето, туку со игра на зборови доловена ситуацијата.
Приказната не ми е пресудна. Темите на светов се неколку и цела историја на литература тие се вртат, љубов, војна, семејство итн, ама во различен период и општествени прилики поинаку се обработуваат. Битен ми е начинот на кој авторот се справува со истите, како тој ги доживува и опишува со неговиот инструмент - зборот, зашто сите знаеме да пишуваме, ама не и да се изразиме. Длабока анализа на лик, копање по психологијата на ликот и одење во детали - не лежат секому. Не му држи на современиот човек толку концентрацијата. Мене ми се допаѓаат такви дела, иако е карактеристика на минати ака за денешниот народ "досадни" правци, ама кој колку разбира, не се сите за книга. Таков е новиот живот, се нема време за ништо, камо ли да седнеш и да читаш страници и страници опис на соба/фустан/состојба на лик. Што е можно побрзо и инстант обработено - подобро, да би можеле да се фалат како читаат и читаат луѓето. Јас па оваа новата генерација автори не можам да ја сварам, искрено. Се наоѓа квалитетна книга дури и меѓу средношколските лектири, ама ко за инает не им` се чита на деца. :geek: И после не знаат ни запирка кај се става.
Стилот на пишување. Може да се пишува за нешто сосем банално, а да ме привлече и да ми остане во сеќавање, ако начинот на кој е отсликан ликот / настанот / приказната е магичен. Стилот според мене треба да поседува длабока леснотија на изразување. Убаво спакувани реченици, фин начин на пишување, да освојува на прво читање. Да ве тера да ги вртите страничките со возбуда и неизвесност, да си подвлекувате реченички и пасуси и да се восхитувате на тоа колку добро се скроени истите. Неретко и добрата, инвентивна идеја за приказната е важна за едно литературно дело, ама пак ќе кажам, ако е скромно и бедно напишана, со лош избор на зборови, паѓа се' во вода.
Според мене најважно кај едно литературно дело е писателот да успее да го задржи вниманието на читателот до самиот крај. Потоа стилот на пишување и не натрупаноста на премногу настани (Прво на памет ми паѓа „Клетници“- Виктор Иго кое го исполнува овој критериум)
Најмногу ми е битна приказната, можеби затоа и покрај солиден број на прочитани книги јас сепак не умеам да се изразувам 'уметнички' затоа што често деловите кај што се објаснува нешто ''небитно'' по мое мислење нели, го читам летимично, набрзина, површински, а се задржувам на главните елементи на приказната...Можеби не сум вистински читач, но не можам да читам страници и страници каде се објаснува дел од природа пример или изглед на куќа каде е детално опишан секој ќош, секое делче без разлика дали е магично претставен, ме заморува едноставно... Длабока психолошка анализа на ликовите-да, тоа најмногу ме интересира и ми го задржува вниманието, а често од нетрпеливост знам и да си го ѕирнам крајот, но без разлика, тоа не ми ја скратува возбудата при читањето...
Добро дело треба да има совршен склоп на стил, приказна и ликови. Секако, во денешно време имаме само по едно од овие, ама некои ретки книги можат да се пофалат со сите овие
НАЈважно ми е да не биде претрупано со детали.Зборам за се буквално се да опишува,бидејки тоа знае да ми стане и досадно..А важно ми е да не се префрла одма-зборува за една личност и веднаш почнува за друга,тогаш ке се измешам и книгата станува глупа..Да биде се како една реченица..Да неможеш да се стрпиш за да продолиш со читање..
Многу ми се важни ликовите, посебно ако има некој лик со кој јас можам да се идентификувам, во него да пронајдам особини слични на моите, случки кои се слични со оние од мојот живот, едноставно да се пронајдам самата себеси. Така автоматски и книгата ми станува поинтересна за читање. Од ова произлегува дека и приказната не ми е помалку важна, да има нешто што го задржува вниманието. Значи, умешност од било која тема да се направи интересна, привлечна приказна, а книгата да се чита во еден здив. И на крај, ништо без добра поука, порака што ни ја носи делото, нешто што ќе те натера да размислуваш.
Вредноста на книжевното дело се мери со бројот на сликите што ги предизвикува во секунда читање. - Љ.К.Бочваров
Пораката, начинот на кој е тоа напишано, стилот, придавките, описите, најважно е да не понесе самата приказна..
Кај едно литературно дело, најголем впечаток ми остава стилот со кој е раскажана содржината и описите на ликовите, местата, настаните, така што, тоа би го нагласила како важно. Освен тоа, многу важна е и пораката која авторот сака да ни ја пренесе. После читањето сакам да размислувам за делото и поуката.
Стилот на пишување и изграденоста на ликовите, испратените пораки низ содржината и непредвидливоста на дејството.