Секогаш кога е убаво времето мене ми е време за слушање на Архангел. Ме потсетува на детството, младоста. На сите утра кога трчав во 5 часот и ги слушав само нив, кога се движев низ тивките улици на Скопје, на сите осамени прошетки или подобро кажано осаменичко безделничење низ сите градови во кои сум бил. На една девојка што ја видов само еднаш на нивни концерт, на нејзиниот сјај во очите, на тоа што никако не можам ни да се сетам како изгледа, само знам дека беше таму и дека во еден момент додека свиреа, ни се сретнаа очите. На самотија, осаменост, на убавина, на безделничење, на мечтаење. На моето мечтаење дека некогаш ќе најдам љубов. На сите соништа, на сите преспиени денови, на сите непреспиени ноќи. На едно лето во Охрид кога ја читав за првпат поезијата на Петре М. Андреевски и ги слушавме со друштвото Архангел во дворот. Не знам дали би можел да љубам во стварниот живот или само во животот на мечтите? И сите прашања кои си ги поставувам.