Ова е мојот најнов начин. Го сечам лебот на парчиња, па секое парче на пола. Ги мачкам лепчињата со кечап, им рендам малку сирење одозгора, ставам четвртинки маслинки и наросувам со оригано. Дури ги подготвувам лепчињата, мачкам едно тавче со масло и го ставам во рерна да се загрее. Потоа ги редам во тавчето и ги потпекувам околу 15-20 минути, додека да станат крцкави.
На кришките лепче намачкајте малку сенф, поросете со мелен црн пипер и оригано или сушен магдонос, изрендајте краставичка - не е битно дали конзервирана или свежа (мене повкусно ми е со конзервираните корнишони), ставете по неколку тркалца чајна врз секое парче и кечап на крај. Ги ставате во тепсија претходно намачкана со малку маслиново или обично масло, па може и путер доколку немате масло и ги печете на 200 степени десетина минути. Добивате бејкролс, многу повкусен од купечкиот, фала Богу. П.С. Многу е поубаво кога наместо кечап ставате тркалца патлиџан. Се потпекува и станува многу убав, па секако и дава многу поубав вкус. Кога ставам патлиџан, редам по друг редослед, т.е. патлиџанот го ставам над ренданата краставичка за да не ми „бега“ тркалцето домат кога грицкам.
Ме мрзи да листам низ темиве, имаше еден чуден рецепт за двопекче такво ко зачинето, нешто се мрцкаа у зејтин со зачин па се потпекуваа? Де некој?
Ние често си правиме домашни брускети: - Најпроста верзија е со топен маргарин или маслиново масло и малку солца. Лебот со остар нож се сече на што потенки кришки. Кришките се сечат на покрупни (или поситни) коцки. Со четче се премачкуваат одозгора и одоздола со маслото (и додадената сол по желба) и се печат во загреана рерна додека поруменат убаво (но да не изгорат); - Втора варијанта правам на следниот начин: Блендирам неколку излупени маслинки со кечап, додавам масло и оригано и со четче ги мачкам лепчињата; - По желба и во двете варијанти може да се додаде сушен лук, кромид и сл.
Јас најчесто го сечам на кришки го премачкувам со путершили маргарин и одозгора ставам , кечап, шунка , кашкавал , краставички ,оригано зависи кој што сака и ги потпекувам во релана и си имаме мини пици
Се сече лепчето на коцки и се става во подмачкана тава. Одозгора се посипува со матени јајца и млеко и се остава додека да упијат убаво. Потоа одозгора се става се како за пица кечап, оригано, кашкавал, маслинки, салама..... и се пече. Оригинал пица, пробајте многу е вкусно.
Многу често останува леб од претходниот ден и затоа што јас не сакам кога ми се распаѓа лебот во истиот момент кога ќе го допрам си правам вака: -сечам неколку кришки од лебот -ги ставам на тостер -му ставам тенко сечено сирење, оригано, сол, коријандер, суво лукче и италијанската мешавина(не знам што точно има во неа, знам само дека на пакувањето пишува италијанска мешавина) Ова многу често го правам во лето со тенко сечен домат. Абе милина
Топеница! Стар специјалитет за кој мајстор е татко ми: -Во поголемо тенџере се става малку зејтин, лебот се дроби на ситни парчиња и се динста. Можете да правите и варијации на вкусот со било што:ситно сецкано лукче, оригано, сусам или само обична сол. Се јаде со прилог од вкусно,домашно(по можност)сирење и кисело млеко или павлака.
Убаво е, да исечиш кришки леб, во тепсија.. И да ставиш маргарин одозгора, салама, сирење.. И кечап Да го ставиш во рерна, да се испече малце, и ги вадиш.. Брзо, едноставно и вкусно е Пица лепчиња мислам ги викаат
Имав исушено лепче, а случајно си најдов и интересен рецепт, па си приготвив прекрасен појадок. Крцкави лепчиња со сланина и прелив од лукче *Преземено од „Мои рецепти“ Состојки 6 тост лепчиња 200гр. ленти чадена сланина 200гр. маринирани шампињони 50гр. сирење пекорино 1 лажица магдонос 1 чешне лук Прелив 4-5 чешниња лук 3лажици вински оцет 2 лажички вода 1,5 лажичка маслиново масло по потреба сол Подготовка Во тефлонска тава ставете ги лепчињата да се подзапечат, додека станат крцкави. Лентите сланина ставете ги во тава и пржете ги се додека станат крцкави. Во тавата во која сте ја пржеле сланината ставете ги шампињоните и кратко пропржете ги. Потоа пригответе го преливот, така ,што во мал подлабок сад ставете го истолченото лукче,водата, оцетот, маслото. Посолете по вкус и измешајте. Секое лепче премачкајте го со чешне лук. Одозгора ставете од лентите сланина, печурките, парчиња пекорино и малку магдонос. Нанесете по малку од преливот и послужете. П.С. Немам јас тефлонско тафче, одлична работа ми заврши и моето обично, само убаво ќе го намачкате со путер или маслиново масло. Никогаш не ми загореле. Имав пармезан кој ми заврши работа наместо ова пекорино - какво и да е, а дефинитивно се поубави и повкусни со сланина. Јас немав доволно и пола од дозата направив со сланина, пола со пилешка салама. Ќе пробам следниот пат и со чадена свинска печеница.
јас кога имам стар леб дома од него правам пирошки лебот го наводенувам со млака вода да се размеси одново,и во тестото ставам салама сусам и сирење,потоа земам мн мали топчиња и правам пирошчиња долги колку прст од рака и не мн дебели се ваљаат о презла и јајце и се пржат мн се вкусни и од еден цел ладен леб излегуваат мн уубави се за мезе
Најчесто си правам нафора .Го пропржувам со зејтин и вегета и на крај му рендам сиренце . Ем вкусно ем практично
Гледав пред малку на TLC еден десерт со вчерашен леб. Го насече лепчето на подебели парченца, ја отстрани кората, а во друг сад стопи чоколадо и одозгора истури рум и експресо кафе и на крај по малку ставаше шеќер од око. Во друг сад ги нареди парчињата леб и ги прели со смесата. Откако убаво впија од чоколадото ги стави во шоља за сервирање стави парче лепче и одозгора едно како хопла, незнам баш што беше, може и шлаг крем. Стави и бадеми одозгора и повторно едно лепче хопла и бадеми. И на крај чоколаден прелив. Вкусно ми изгледаше, треба да порбам, а ако некој пробал нека каже какво е
јас го мачкам со маргарин од двете страни и му ставам вагета и го ставам на фолија и го печам на шпоретот на мала температуа додека не зарумени, пробајте испаѓаат како на скара да се печени
Леле колку добри идеи има тука, ова мора цела тема детално да се испита Еве што јас правам. Ова ми е едно од јадењата кога ептен сум во брзање. 2 кришки леб сечам на залчиња и го ставам во чинија. Сипувам одозгора јогурт, да се натопат убаво залчињата, за пола минута се меки, одозгора ставам некој зачин, во последно време ставам од еден се вика бибер и лук мислам, многу е вкусен. И го кркнувам одма. Ем брзо, ем лесно. Попара се вика ова инаку