Од време на време луркам на #козметиказалице на Твитер и само ова инфо го најдов за тоников. Се надевам дека ќе ти помогне колку толку.
Во право е дека е послаб ретинол, ама за тоа дека не е во првите состојки - не ни треба да е, тогаш ќе добиеш (на пример) 10% ретинол, што е пресилно и никој не продава толку јак ретинол. Дури и 1% ретинол е јак за некои луѓе, особено за почетници . Конзервансот Phenoxyethanol што се наоѓа пред состојката Retinyl Palmitate може да се користи во концентрација од максимум 1%, па претпоставувам дека и ретинолот е помалку од 1%, само не знаев дали некој знае точна концентрација и дали е океј за почетници. Си велам, веројатно океј е, особено дека плус е и послаб, понежен ретинол .
Јас најпрво неа ја купив, па не ми се виде ко нешто ептен ефикасна ни мене. После земав и AHA, ставав еднаш до два пати неделно и веќе почнав да приметувам разлика. Е сега, дали после два месеци и кусур се покажаа ко успешна комбинација, не знам (не ги користам во ист ден, ама сепак...), ама лицево ми е топ. Имав флеки од акни што преку лето знаат да станат малку така закоравени, да не речам, а летово речиси воопшто ги нема. Него, го земав и Ретинол тоникот, веќе ставам по еднаш дневно и ептен ми е прекрасен, кожата ми е мека и осеќам свежина долго време откако ќе го нанесам. Тоа ми е и целиот скинкер летово и баш ми одговара: АНА, салицилна, ретинол, хијалурон и moisturizer на Clean&Clear што превентира акни и затнати пори. Некогаш ретко Витамин Ц серум и крем, строго навечер.
Ретинолите (видови на витамин А) се користат за анти-ејџ ефект. Слободните радикали од сонцето, загадувачите во воздухот итн ја уништуваат ДНК структурата во кожата, со што со тек на време почнуваат да се создаваат „мутирани“ клетки и се уништува колагенот во кожата кој ни го дава тој младешки изглед. Резултат на тоа се брчките кои се создаваат како старееме. Ретинолите функционираат така што стимулираат производство на колаген и (забрзано) производство на „здрави“ клетки, односно го намалуваат разорувачкиот ефект кој го имаат слободните радикали (најмногу од сонцето). Со тоа се намалува изгледот на брчките и се спречува нивно понатамошно формирање. Важно да се напомене е дека најдобри ефекти се добиваат од „чистата“ форма на витамин А (најмногу истражувања за анти-ејџ ефектот има токму за оваа форма на витаминот А) - третиноин, меѓутоа таквите производи се добиваат само со рецепта поради јачината и поголемите несакани ефекти. За општа, пристапна-до-јавноста употреба се користат послаби верзии на витамин А (но и меѓу нив има појаки и послаби) кои имаат послаб ефект во споредба со третиноин. За било кој вид на ретинол да се работи, не треба да се има нереални очекувања, односно нема магично да исчезнат брчките и нема да изгледате 10 години помладо. Брчките кои веќе постојат, ќе продолжат да постојат и понатаму, може само да им се подобри изгледот. Ретинолот е само помагало за спречување на создавање на нови брчки. Затоа и се препорачува да се користи ретинолот уште пред да се појави првата брчка, а откако веќе се појавиле (особено длабоки) брчки, само естетски/пластични зафати може да направат да исчезнат. Исто така, при почнување со употреба на ретинол може да се има несакани ефекти: црвенило, чешање, сушење или лупење на кожата, па затоа секогаш се препорачува да се почне со слаб ретинол кој ќе се користи ретко (на пример: еднаш седмично) и полека да се гради толеранција кон зачестена употреба или зголемување на концентрација. Особено треба да внимаваат луѓе со чувствителна кожа или со некои состојби како егзема, псоријаза итн (најчесто им се препорачува да го избегнуваат, во зависност од ризикот за иритација кој го имаат). Од придобивки на користење на ретинол (покрај анти-ејџ ефектот), поради неговиот начин на функционирање (стимулирање на формирањето на здрави клетки) се добива и поизедначен тен, се подобрува текстурата на кожата, избледуваат флеките од сонцето или акните и се смируваат нафрлувањата (или акните - затоа и на тинејџерите кои се мачат со акни некогаш им се препишуваат производи кои содржат ретинол). Ретинолот (поточно третиноинот) е исто така единствената научно докажана состојка која помага против стареење на кожата, покрај редовната употреба на СПФ крема. Ова не значи дека не постојат и други состојки кои помагаат (се претпоставува дека и бакучиол има вакви ефекти, без да предизвикува иритација), но не се докажани, т.е. не се направени доволно истражувања за да се даде истата констатација. Се препорачува ретинолот да се користи навечер бидејќи при негова употреба кожата станува пофотосензитивна, односно полесно ќе гори на сонце, иако технички може да се користи и наутро, но задолжително со СПФ крема со висок фактор која често ќе се нанесува во текот на денот. Иако не е експлицитно забрането да се користи со други активни состојки, се препорачува да не се комбинира, т.е. да не се користи истовремено со ексфолијатори (AHA/BHA) или витамин Ц поради поголемата можност за иритација. Но, некој може да поднесе да ги користи истовремено и тоа индивидуално секој треба да си го провери. Што се однесува до неговото нанесување, ретинолите се нанесуваат на сува кожа. Може да се користат како последен чекор пред нанесувањето на хидратантна крема, но доколку предизвикува иритации може да се стави и по неа со цел потешко, т.е. побавно да пенетрира во кожата, а со тоа и ќе се намали ризикот од иритација. Како што напишав погоре, овој ретинол веројатно е послаб и со помала концентрација, па можеби нема да биде проблем ако се нанесе и пред кремата (чистење на лице -> можеби некој серум со хијалуронска киселина или нијацинамид/хидратантен тоник -> чекам сè убаво да се впие -> тоникот со ретинол (ако можам да го поднесам, би го ставила и веднаш после миење лице) -> чекам убаво да се впие -> кремата). Исто така, поради можноста за сушење на кожата, подобро е да се стави „побогата“, „помрсна“ крема како контра ефект, или пак можеби да се нанесат два слоеви од истата крема и да се обрне внимание на (или воведе, доколку не се користи) „хидрирачкиот дел“ во рутината.
Здраво девојки. Во суштина немам некоја проблематична кожа, освен blackheads и whiteheads на носот кои страшно ме нервираат и дисколорација околу очите (потемни подочњаци и капаци) од остатокот од кожата. Мојата рутина од пред некое време е следна: Навечер - го чистам лицето со Гарниер мицеларна вода, на влажна кожа нанесувам Ниацинамид на Ревокс, после неколку минути хидратантна крема и на крај Squalane масло исто од Ревокс. Наутро - само го мијам лицето со вода и нанесувам Bioderma (hydrabio) со СПФ 30. Нека кажат поискусните дали е ок рутинава и што би ми препорачале да вметнам за подобар резултат за моите проблеми. Сакам да вметнам и витамин Ц од сабајле (само не сум сигурна дали тој од Ревокс пошто прочитав дека брзо оксидира. До сега сум го користела тој на Dr.Viton, aма веќе подолг период не користам никаков Ц витамин. Иисто ме интересира какви се вашите искуства за Caffeine серумот?
Мицеларната вода не се смета доволна како единствен чекор при чистење на лице, туку повеќе како помагало и прв чекор за поповршинско чистење на лицето (најчесто се користи за првично отстранување на шминка). Дури и ако не носиш шминка, СПФ кремите се сметаат за потешки и помрсни и потребно е „помоќно" средство, некое кое длабински ќе ти ја чисти кожата. Од средства за чистење можеш да одбереш меѓу пена, гел и млеко, но за било кое од нив треба да важи дека нема да ја чувствуваш кожата затегната после тоа. Пените често го прават тоа, додека геловите (не Неутрогена!) и млеката не би требало да го прават тоа. Меѓутоа, за сѐ има исклучоци. Ако сакаш да ги таргетираш црнките и други нафрлувања, тогаш ти треба производ со салицилна киселина, па можеш да го пробаш Salicylic Acid 2% од REVOX. Можен е период на purging, односно наеднаш од кожата да ти се извадат сите „скриени" идни нафрлување, но по неколку дена или некоја седмица би требало да ти се стабилизира и да ги снема сите. Јас редовно користам салицилна киселина (друг производ, купен во странство) бидејќи вечно имам (длабоки) црнки на носот и со употреба ми се намалија (дури и ако ги притискам (што не препорачувам) има далеку помалку нечистотии во нив), меѓутоа никогаш не ми исчезнаа. Со ова сакам да ти кажам дека можно е и ова, но сепак е добро да ја користиш салицилната киселина за нивно „зауздување", односно без неа веројатно полошо би ти изгледале црнките. Можеш да внесеш и витамин Ц серум наутро. Што се однесува до темниот околуочен регион, доколку дисколорацијата ти постои отсекогаш, односно ти е генетска, најверојатно ништо нема да ти помогне со тоа, за жал (меѓутоа, не штети да пробаш, доколку сакаш). Доколку е „новитет", тогаш можеш да пробаш со користење на производи со кофеин, меѓутоа имај предвид дека нема да добиеш брзи резулати и клучно ќе биде колку си конзистентна, па можеби по неколку месеци ќе забележиш подрастични резултати. Конкретно тој кофеински серум не сум го пробала, па не можам ништо да ти кажам околу тоа. Се надевам дека ти помогнав .
Кога веќе користиш крема на Биодерма би било добро и нивен клинсер. Ниацинамидот можеш и наутро да го вметнеш и веднаш потоа да ставиш крема. Јас би ти препорачала вака.
@calliope Не ми се допаѓа приметив слаб ефект има иако едвај чекав да ја земам. Можеби таа на ТО е појака, но сеуште ја нема на залиха. Треба да направам нарачка на ТО. AHA ja имам и сум задоволна, ја ставам еднаш неделно. Реално со продуктите на ТО ми се исчисти лицето но салицилната ми е потребна многу.
Јас ја ставам салицилната ама не знам дали делува на црвени флеки од акни ама битно јас ја ставам, обавезно спф ако искочам на сонце. Ќе ја користам ме интересира што ќе се деси. Aha е хемискиот пилинг? На ревокс го имаш?
Сум размислувала да пробам со некоја киселина, ама не сум сигурна околу нивниот начин на примена. Ако можеш да ми објасниш како би ја користела салицилната? Инаку повремено го мијам лицето после мицеларната баш со Неутрогена гел за секојдневна примена и за црнки, ама во право си, го осеќам баш затегнато после тоа. Имам млеко за чистење од Гарниер, ама и него скоро никогаш не го употребувам, може треба да го вметнам во рутината за чистење? Фала на советот, ќе земам секако некој клинсер дали од Биодерма или од некој друг бренд, пошто до сега го чистам само со мицеларна, што очигледно не е доволно.
Салицилната се става навечер, подобро на сува кожа, па на влажна кожа да ставиш хујалоронска па крема.
@Bella_Stella салицилната навечер, ама само двапати неделно. Или направи си распоред на два или три дена. Секој ден е многу. Исто така, наутро задолжително заштитен фактор, без разлика дали е сончево или облачно. Наутро можеш прво хијалуронска, па ниацинамид и хидрантна крема и SPF. Ако планираш да воведеш Ц витамин, тогаш витаминот наутро, а ниацинамидот навечер ќе го префрлиш, а салицилната оние вечери кога ќе испланираш и ништо друго, односно, чистење, салицилна и хидратантен крем.
Така и имам читано, дека киселините не се користат секој ден. Инаку хиалуронска киселина немам во рутината. Ниацинамид и squalane oil само. Ќе земам киселина и Ц витамин.
Ајде да ти одговорам и јас, малку задоцнето . Салицилната киселина можеш да ја користиш било кога во денот, само важно е да ставаш СПФ крема, што ти веќе и го правиш. Како што веќе ти кажаа, се става на сува кожа. Не мора да ја користиш секој ден, но не е проблем ни секој ден да ја користиш (јас ја користам секој ден). Во ред е да ја комбинираш и со нијацинамидот, па ако имаш толеранција, дури и со витамин Ц. Салицилната киселина работи на тој начин што прави ексфолијација на порите, со што се „исфрла" нечистотијата од нив. Дали и колку често ќе ја користиш зависи исклучиво од твоите потреби. Најчесто салицилната киселина е „потребна" на луѓето со мрсна/комбинирана кожа затоа што тие се посклони кон собирање на нечистотии, поради поголемото количество на себум кое го произведуваат. Така што, ако ти чувствуваш дека секој ден ти се берат нечистотии на лицето, во ред е секој ден да ја користиш, а ако видиш дека немаш потреба, можеш да ја користиш и поретко. Што се однесува до клензерот, моја препорака е: доколку немаш негативни реакции (иритации) на тие клензери што веќе ги имаш, потроши ги прво нив, со цел да не фрлаш пола производ без врска (или подари ги некому кому би одговарале). Сите Неутрогена гелови во себе содржат салицилна киселина, така што пред да купиш засебен серум, можеш 2-3 пати седмично навечер да се миеш со него (почекај некоја минута за да се впие салицилната киселина наместо сѐ одма да измиеш) и тој да ти биде извор на салицилна киселина. Останатите вечери миј се со млекото. Кога ќе ги потрошиш, можеш да си купиш и нов клензер (ете од Биодерма) и засебен серум со салицилна киселина и нема да фрлаш неистрошени производи (малку свртив внимание и на еколошкото влијание) . Погоре напишав како „работи" салицилната киселина, така што минимално ќе ти помогне за површински дисколорации, односно за црвенилата од акните. За тоа многу повеќе ќе ти помогнат AHA, нијацинамид, azelaic acid и витамин Ц. Инаку, и AHA и BHA (салицилна киселина) се хемиски пилинзи, само едните вршат ексфолијација на површината на кожата, а другите подлабински, во порите.