Ја почнувам темава за да изразам колку сум задоволна од диетава. Од почетокот кога ја прочитав ми се чинеше тешка за држење ама пробав и сум изненадена од тоа колку добро ми иде (а не сум некој карактер за диети ) и колку брзо се слабее. Сега ја привршувам првата фаза а веќе имам изгубено 7 кг. Па дали и некој друг има искуство со оваа диета и како сте заодволни? За тие што ја знаат, опис подолу. Аткинсовата диета вклучува четири фази: воведна фаза, фаза на продолжување на загубата на телесна тежина, фаза пред одржување и фаза на доживотно одржување на телесната тежина. 1. фаза Воведната е најстрогата фаза од диетата. Во текот на оваа фаза вие треба да ги елиминирате скоро сите јаглехидрати од вашата исхрана. Дозволено е внесувањето на само 20 грама нето јаглехидрати дневно. Препорачливо е првата фаза да трае 2 недели. Во текот на оваа фаза се губат најмногу килограми. Дозволени храни: Сите видови месо се дозволени (пилешко, мисиркино, телешко, јагнешко) и најдобро е да го консумирате месото печено или варено. Исто така можете да јадете и риба и морски плодови. Во дозволените храни спаѓаат и јајцата. Околу 12-15 грама од јаглехидратите што ги внесувате, треба да доаѓаат од зеленчуците. Од зеленчуците можете да јадете: зелена салата, зелка, карфиол, брокули, домати, пиперки, кромид, спанаќ, модар патлиџан, аспарагус. Дозволено е и консумирањето на различни сирења: овчо, кравјо и козјо сирење, фета, моцарела, чедар, сино сирење, гауда. Но, внесувањето на сирење треба да се ограничи на 120 грама. Можете да внесувате уште и маслиново масло, мајонез и путер. Забранети храни: Сите житни растенија и продуктите создадени од нив како леб, колачи и тестенини, се забранети. Исто така не треба да се консумира и храна што дополнително содржи шеќер. Од зеленчуците не треба да се внесуваат компири, пченка, а исто треба да се избегнат и мешунките. Во оваа фаза треба да ги елиминирате од исхраната и овошните и јаткастите плодови. Во текот на првата фаза потребно е да пиете по 8 чаши вода на ден, да го сведете до минимум консумирањето на кафе и целосно да го елиминирате пиењето алкохол. 2. Фаза Во оваа фаза можете да го зголемите списокот на дозволените храни со повеќе зеленчуци, јаткасти плодови, семиња и овошје како јаготки, боровинки, малинки и капинки. Внимавајте колку јаглехидрати консумирате, затоа што и во текот на втората фаза вие треба да губите килограми. Зголемувајте го приемот на јаглехидрати со 5 грама секоја недела. Останете во оваа фаза додека не дојдете на 4,5 килограми од посакуваната тежина. 3. Фаза Во текот на оваа фаза, зголемувајте ги јаглехидратите кои ги примате со 10 грама неделно. Целта е да го определите критичното ниво на јаглехидрати за одржување на телесната тежина, т.е. максималниот број на јаглехидрати што можете да ги внесете, без да ја покачувате својата тежина. 4. Фаза Со оваа фаза вие треба да ги спроведувате навиките кои ги придобивте со досегашното практикување на диетата, без да се враќате на стариот начин на живот. Приврзаниците на Аткинсовата диета сметаат дека најголем дел од луѓето можат да внесуваат од 45 до 100 грама јаглехидрати дневно и да ја одржуваат својата тежина. Ако вежбате барем половина час дневно, можете да ги зголемите јаглехидратите во исхраната.
dieti/atkinsova-dieta-dieta-bez-jagleni-hidrati-t3569/?hilit=%D0%B0%D1%82%D0%BA%D0%B8%D0%BD%D1%81%D0%BE%D0%B2%D0%B0