Жал ми е што во денешно време на факултетот се гледа како на залудно потрошено време. Според мене, најдобрата одлука што ја донесов е да запишам факултет зошто вистинското искуство за животот тука се добива на тој период 18/19-25 години. Плус си опкружен со врсници, тоа има исто влијание, а на работа не работиш само со луѓе на твои приближни години што се. Додека на факултет со твоите врсници се замарате за врски, пријателства, испити, журки, на работа ќе слушаш и муабети за деца, внуци, пензионирање, сопруг/а, затоа секогаш би одбрала факултет > работа во тие години. Убаво е да си опкружен со луѓе на твои години во раните дваесетти. Секогаш планирав да запишам факултет, сум била ученик со сите петки, образованието и те како е важно и е убаво да се искуси пред се и за свој личен напредок. Во средно се е некако повеќе наивно, бајковито, си фантазираш нешто за животот и мислиш се ќе биде лесно. Кога влегов прв пат на факултет на 18 години и неколку години подоцна (уште студирам), сме како сосема различни личности и 80% од тоа врз мене имаше влијание факултетот и луѓето со кое се соочив и запознав таму (колеги и професори). Од предобри луѓе до надмени, среќаваш секакви видови и типови на луѓе (во средно си ограничен на 20-30 ученици во клас, а на факултет запознаваш и повеќе од 200 луѓе во генерација, а и многу постари/помали колеги, со кои сепак сте приближна генерација во години). Можеби ова зависи од факултетот, кај мене сме премногу студенти. На факултет се соочуваш со разочарувања - особено првото паѓање на испит (за мене беше големо разочарување зошто помала оценка од 4 на тест немав добиено пред тоа и мислев крај на светот е), со неуспеси, плановите не ти се реализираат како што си сакал, гледаш многу неправди, сфаќаш каков е системот навистина, учиш како да се снаоѓаш и да се бориш за себе. Не дека на работа и во средно не е така, само мислам дека студирањето е поинаков концепт и убаво е да се доживее. Не само што се надоградуваш и правиш нешто за себе, туку на тебе е оставено колку ќе научиш и ќе се трудиш, дали ќе одиш на предавања или полагања, тука стекнуваш битни навики. Кога не ти е нешто задолжително, а ти одлучуваш како ќе постапиш. На работа мора да одиш секој ден зошто газдата нема да те толерира да не му доаѓаш и да те плаќа. На факултет можеш да скокнеш сесија/сесии за полагање, денови за предавање, да си споиш денови за патување кога тебе ти е желба без да имаш голема загуба (како помала плата и викање од шеф) зошто има повеќе шанси и дозволени отсуства. На факултет учиш како САМ да си го менаџираш времето и одбираш приоритети. На тебе е дали ќе успееш да дипломираш или не, дали си упорен, дали лесно се откажуваш, дали си снаодлив, дали си трудољубив... Не сум барала пари на моите, не сум пребарувала искрено, сум знаела колку имале можност, максимално од тоа ми пружиле и не сум пребарувала. Просечна фамилија сме, се има колку за пристоен живот, ни премалку, ни премногу. Немам работено уште, студирањето ми било приоритет, колку ќе ми дадат моите, толку имам и јас ден денес... Само некогаш заради социјални мрежи кога гледаш други колку имаат и што прикажуваат, патувања на пример, може да се осетиш глупаво зошто ти немаш такви услови за живот. Во тие години се споредуваме со врсниците, мислам од таму и потекнува лутината на децата денес за финснсии. Сега на интернет, особено на инстаграм, се споделува доста луксузен живот, па и помали и постари се фаќаме како се споредуваме со финансиската состојба на другите. Лошо е кога ќе почне да преоѓа во комплекс и завист, желба да се влезе во тие богаташки друштва и кругови, да се биде во чекор со нивниот стандард на живот. На тинејџери и адолесценти ова често им е проблем. Сигурно станува збор за нешто вакво.
Да баш како што пиша, фали контрола врз емоциите што ги имаат. Тоа е и научно докажано дека фронталниот дел од мозокот кој е одговорен за контрола врз емоциите, но и за некои когнитивни задачи како решавање проблеми и планирање, не е созреан целосно кај адолесцентите и тоа созревање трае до средина на 20-те години од животот. Затоа тешко контролираат експресија на емоции, затоа тешко им е да ги разберат последиците од нивните постапки, и затоа се однесуваат на тој начин. Исто и влијанието на врсниците и пријателите е условено заради ова ниво на недосозреаност. Посклони се кон ризично однесување под притисок на друштвото. И тоа ми е јасно. Баш заради ова се трудам да бидам трпелива кога ми драми, кога гледам дека преемотивно реагира. И баш заради ова другово, повеќе ми е битно со кого се дружи и каков пример зема од тие врсници. Се трудам да ја измешам со најразлични личности, за да види различни примери. И позитивни и негативни, ама различни од тоа што го вртат во круговите каде што се движат..
Да, тоа се промени во работните места кои се предвидуваат со развој на технологијата. Вие вон мк се соочувате со нив побрзо од нас овде. Робот ќе работи, т.е. компјутер а човекот ќе стои зад него. Верувам дека децата ќе се адаптираат побрзо од нас. Само не верувам дека факултетската диплома е помалку битна од неформално образование. И да немаш диплома, да си одел на факултет некое време и да си полагал некои испити а не си завршил, пак е повеќе од тоа да останеш со средно и да не си ни се упишал на факс. Во психолошка смисла прави разлика. Луѓето ја обезвреднуваат дипломата зошто не успеале финансиски да ја валоризираат, а не го ценат она што го добиле од факсот (под претпоставка дека не ја купиле, туку со труд ја заработиле дипломата).
Фала ти за ова. Неповрзано со твојот проблем, ама би се надоврзала на дискусијата за образование. Очекуваме од 18 годишни деца што ништо не виделе од животот да донесат одлука која треба да им го дефинира цел живот - на кој факултет ќе студираат, т.е. што ќе работат цел живот. А ако не се спремни да донесат одлука (и сакаат да ја одложат, да земат слободна година или да работат), зошто реално не се, родителите им се лутат и се плашат дека интелигентни, паметни, амбициозни деца ќе останат да работат во маркет цел живот дека „виделе пара.“ Мислам дека родителите треба повеќе да им веруваат на децата. Работата во маркет (и слични) е напорна и ќе им здосади, тогаш платата нема да е доволна мотивација, ама ќе видат и ќе искусат како е на реално работно место. Тогаш мислам ќе се позрели за носење на животни одлуки.
Решив да и дадам малку повеќе доверба, баш ми се надоврза со муабетот. Во смисла дека што и да реши ќе е во ред. Нека пробува без страв. Ако не се најде во еден правец, не е страшно и да го смени. Еве и во разговор со други родители кои минале лани низ истите проблеми, таков совет ми дадоа. На некои од нив децата истака паузирале една година, работеле, па откако размислиле што сакаат да учат се спремале за тоа и се запишале на факс.
Фала ти што сподели твое искуство. Лично и јас имам исто мислење за факултетот и за неговата вредност. Постои споредба со другите, и за тоа си во право, што е нормално кај млад човек. Тоа што тие споредби се прават преку социјалните мрежи, каде добиваш идеализирани делови од нечиј живот, се причина за поголеми фрустрации. Негде читав дека во периодот на изолација заради пандемијата пораснало незадоволството кај младите со своето тело, а со тоа и на психички пореметувања поврзани со сликата за себе. Заради тоа што почесто биле он-лајн, повеќе биле изложени на социјалните мрежи и почесто правеле споредби меѓу себе и она што таму е презентирано. До некаде вакви споредби прави и во однос на факултетите и изборите на другите околу неа. Знам колкава е вредноста на друштвото баш затоа, но одамна престанав да и се мешам во тој поглед, мислам дека знае да бира вистински пријатели.. Јас само имплицитно и влијаам, со тоа што се трудам да ја вмешувам во различни кругови, баш за да види и други примери од тие што ги знае..