Мој став е дека е избрзано враќањето на настава со физичко присуство и дека е прерано сега да се вратат во училници. Не сум против настава со физичко присуство, ама кога ќе има услови за тоа. Под услови прво подразбирам да има поголем процент од населението вакцнирано, второ да дадеа подолг период за вакцина на малолетните од овој што го имаме сега. На малолетните им дозволија да се вакцинираат дури почнувајќи од 19.07 годинава. До први септември тоа е месец и половина. Реално тоа не е голем период за сите заинтересирани да се вакцинираат со двете дози, и плус да поминат уште две недели за да се формира имунитетот комплетно. Многу деца над 12 години ќе тргнат без ниту една доза, или со само една доза примена. Трето- мислам дека училиштата нема да можат да го запазат протоколот што го објавија. Почнувајќи од проветрувањето на училниците меѓу часовите (колку ќе проветруваат тоа? 5, 10, 30 минути? и тоа кога имаат лекции за оддржување и распоред на часови?), па преку честото бришење површини (по облеката на децата можев да видам колку се бришеа често клупата или подот во спортската сала и досега) се до контролираното движење низ ходници, со маски нон-стоп (ова тешко ќе успеат, ама ајде да видиме). И во најдобар случај, и да го запазат до танчина протоколот, нема никаква гаранција дека се тоа е доволно да се заштитат децата и наставниците. Доволно е еден болен да дојде и да го зарази цел клас од 30+ деца и пола наставнички колегиум. @Cosmi иако се сложувам со тебе дека децата без настава со физичко присуство многу губат, за ова не си во право: „За децата ковидот не е сериозна болест. Тоа беше прво што требаше да го соопштат повикувајќи се на сите студии досега.“ Просто нема студија која може да ме убеди дека ковидот не е сериозна болест, кога јас имам лично искуство со ковидот, како да ти кажам. Моето дете (13 годишно) требаше да биде хоспитализирано заради ковид и не го примија зошто тогаш немаше место во болниците, преполни беа со деца болни од ковид. Маж ми пак беше хоспитализиран со ковид во исто време (и за него едвам кревет се најде). Сеуште имаат последици, и физички и психички. Маж ми тоа што го искуси и виде во болница на никој жив не му го посакувам. Нема ни да пишам тука за тоа, зошто не ми е целта да ширам страв а и свесна сум дека некои имале полесно искуство со болеста. Ама доста веќе ја потценувате коронова и правите генерализации.
За жал пандемијата се шири повеќе од грип. Никогаш нема да ми биде јасно како се плашите од вакцината, а не од вирусот. Со мислењава само го докажувате тоа. За кафенце се крена толкава галама, ама тоа што присилно мора да посетуваш настава во вондредни услови не е кратење никакво право. Патем несомнено е потребна наставата со физичко присутство, можеш да забележиш и во моите претходни мислења кај вакцинација на деца дека и јас се залагам за тоа, но при соодветни услови.
Да, баш ова си го размислував. Да ни дадеа избор, немаше да изберам да го пуштам во школо. Да имам избор, би го пуштила откако ќе биде вакциниран со две дози.
Проблемот е дека Македонија често ги прилагодува мерките според соседните или западните земји. Кај нив сега состојбата е подобра, има помалку заразени, повеќе вакцинирани, а и имаат повеќе капацитет во болниците (самата напиша за твоето лошо искуство од овој аспект). Затоа кај нив може да почне настава и нема рестрикции. И сега и покрај 800 инфицифарани на ден, ние ги следиме нив а реално се потребни поразлични мерки кај нас во моментов. За жал цела пандемија е вака, ненавремено реагирање, несигурност, страв. Факт е дека властите не се справуваат добро.
За мене ова е чиста дезинформација. Секој ден се повеќе се слуша.. кој тоа слуша? Каде го слуша? Кој е изворот? За мене се е ова рекла-казала муабет или селективно примање информации. Јас еве пак, за разлика од вас, се повеќе слушам дека невакцинирани се заразиле и пренеле на други исто не вакцинирани. И истотака слушам дека вакцинираните поретко се разболуваат и ако се разболат повеќето полесно се опоравуваат и не завршуваат со најлошото.
Мила вика се додека епидемиолошката состојба дозволувала, наставата ќе била со физ. присуство. Еве не знам ако на 800+ на ден дозволува, кога нема да дозволува. Секако, чекаат кога ќе е најкритично. Со оглед на тоа што има уште 2 недели до 1ви септ., мислам дека ќе ја сменат одлукава.
Ќе чекаат да донесат такви мерки во другите земји, па тек тогаш. Во исчекување до последен момент. Тоа е тоа што го спомна ти погоре. Прво ќе речат физичко, па онлајн, и само паника кај децата ќе створат.
Во кои болници немало место за деца.Наредба имаа да ги примаат ако се случај за примање.Какви симптоми имаше? Не беше преполно со деца,по околу 20 деца лежеа.Повеке беа хоспиталзиирани во Гевгелија од сосема друг вирус пред еден месец. И јас имам лично искуство со ковид кај деца. Прележани деца не би вакцинирала,а уште помалку со 2 дози. А и не знам зошто прележани деца да не одат во школо.
@Cosmi мило ми е што не си имала такво искуство, најискрено. И дај боже да немаш. Ама не шпекулирај со бројки, не биле многу и сл. Нема потреба. Видов со свои очи. Јас ова во март го поминав, годинава, на почетокот на пролетниот бран. Болниците вагаа кого мораат да примат, а кого не, зошто беа преполни. Со син ми отидов во Козле, а маж ми го носев на контроли во инфективна. Колку беше сериозна состојбата на син ми или не, еве нека ти е ова показател - син ми за исто толку лош резултат од крвта беше веќе еднаш хоспитализиран како помал (само тогаш и бил хоспитализиран претходно). Ама тогаш немаше пандемија, имаше места во болницата. Докторите ми рекоа треба да лежите, резултатот не е добар и треба да го следиме и да сме сигурни дека нема да се влоши. И останавме. А сега ми рекоа знаете дека за ова треба да лежи, нели? Дали се слагам да останам со него во болница, ме прашаа. (маж ми дома веќе неколку дена гореше од температура, беше многу исцрпен, често одевме на контроли на инфективна и одеше состојбата негова накај полошо и се спомнуваше можна хоспитализација веќе). Во моментот се најдов во незавидна ситуација, мислите ми отидоа во триста насоки. Дај Боже никој да не треба да се најде во таков избор - да треба да бирам помеѓу грижата за едниот или другиот. Се согласив да останам со синот во болница, мислејќи дека маж ми е сепак возрасен и ќерка ми е дома (иако таа беше изолирана во посебни соби, и тоа ќе подразбираше и неа да ја изложам на вирусот и да се зарази). Се јавија во одделението, прашаа за слободно место, па ми рекоа одете дома и вие следете го наредните три дена. Ми дадоа упатства што да правам за тие три дена, кој лекови да ги дадам во кои случаи и ако е полошо да се вратиме. Уствари и ако е подобро, за контрола рекоа да дојдеме после три дена. Тие три дена, викенд ко што се падна, секој ден во лабораторија го носев, му вадеа крв, за да го следиме со матичната. Среќа не се влоши состојбата. Стагнираше тие три дена, па почна да се подобрува. На контрола не отидов, зошто козле беше тој понеделник повторно направен ковид центар и не примаа за контрола. Маж ми за жал не беше подобар, за некој ден на контрола кога отидовме го задржаа. Бевме благодарни што прво му најдоа место, а второ што беше примен на инфектива, тоа случајно се погоди да има тука кревет таму. Инаку ќе требаше да го примат во некоја друга болница на клинички. Искуството негово од таму беше многу трауматично, тешко го издржа. Има психички последици од тоа што го виде таму. Да не влегувам во детали, најкусо - воена состојба. Борба за живот.
Страшно. Уште само колку не фамилии го преживуваа истово .. ако не и полошо. Ако нејќеме реприза мора до нова година барем да биде онлајн наставата. Вакцините не се гаранција за ништо со оглед на тоа што пак можеш да се заразиш а и цело време мутации се јавуваат. И да почнат со физичко, нема да трае долго. До крајот на септември ќе ги вратат онлајн.
Леле, аман со психичките последици како оправдување за враќањето во клупа! Псхиолог сум, знам многу добро за нив. Колку и да звучам „бумерски“, прво сакам да ми е детето физички живо и здраво! Како може да е тоа на второ место?! После социјализација, дружба, лекции...?! Зар тоа е побитно од човечки живот?! Просто не ми е логично, се коси со здрав разум. Па физички прво треба да си способен за да те биде за се друго. Извинете, ама мене така ме учеле моите бумери од дома, кои преживеале (успешно) и војни, епидемии и глад: дека прво треба да преживееме, да опстанеме, потоа ќе се погрижиме за другото. Па и права, права, само се труби и се прикажуваат дел од правата само како загрозени. Кое право е побитно? Ќе ги мериме? Па прво на живот имаат право децата/луѓето, ако така гледаме. И имаат децата право да добијат здраствена заштита и грижа. Или и ова е помалку битно?
Мое мислење е дека ке тргнат на 1ви септ и пак ке ги вратат онлајн за некои 2 недели . Уверена сум дека во школите особено кај поголемите во средно нема да се почитуваат никакви мерки меѓу нив.
Барем во стручните да им се овозможи некаква пракса мора, ништо нема да знаат. Јас бев 4та средно, за сестра, кога беше епидемијата со морбили, и верувајте, многу изгубив со тоа што едно нецело полугодие не одев на пракса, да не зборувам колку би изгубиле во две години. Нека биде наставата онлајн, ама пракса, макар и редуцирано, мора да се одржува, колку што е битна теоријата, толку е и праксата. Исто и за факултетите каде што има практични вежби. Барем нека дадат избор, кој сака физички, кој онлајн, па секој нека си одлучи, како што смета дека е најдобро за него, односно за неговото дете.
Нема да ги вратат на онлајн.Ако Мила намислила да се со физичко годинава така ќе е.И лани велеа дека ако се влоши сосотојбата сите ќе се онлајн ништо во најгустото одеа.Ама лани навистина не се ширеше многу меѓу децата. Овој период во мојата околина во моментов најмногу тинејџерите заболуваат. Лани одеа со скратени часови а годинава според новата концепција и децата од 1 одд ќе треба да се во училиште по 5 работни саати . Незнам што да речам...
А што е со вакцинација на децата? Еве брат ми и доста деца од неговото училиште имаат желба да се вакцинираат, професорите упорно им велат дека е подобро за нив ако не се вакцинираат.
@Cosmic Girl Јас не шпекулирам,а и ти со објаснувањето го потврди тоа.Значи не ви рекле нема место. Докторите во Козле се доволно стручни и имаат насоки кого да примат. Заради ситуацијата и зошто не било итно не ве задржале туку ви дале насоки за домашно лекување и се стабилизирало за 3 дена. Сигурна сум дека проблем со температура и дишење детето немало,да имало би ве сместиле. Значи разбирам дека сте имале голема траума од болеста,и јас знам како беше внатре во ковид центар но зошто сега прележано дете не би пуштиле во школо ?
Ништо страшно. Мојата лани беше прваче и осетивме и онлајн, и физичко присуство. Со физичко беше каде-каде подобро и немаше никаков проблем во реализирање на наставата. Со онлајн е проблемот што им паѓа концентрација на децата, а зависи и од школо, може да имаат технички проблеми. Не знам зошто толкава бука околу ситуацијата со наставата овие две години. Децата ако останат неписмени, тоа ќе биде секако ако не се погоди наставникот и ако родителите не седнат да поработат со детето. Ние повеќе имаме проблем со наставната програма што ја изучуваат, а воопшто не е соодветна за нивна возраст, отколку со начинот на изведување на наставата.