Здраво, сакам да одам со момчето на одмор во Драч,Албанија... никогаш не сум била, какво е местото? Преку која агенција мозе да се оди и дали е скапо место ?
Малку да ја освежам темава, дали некој од вас бил ма одмор во Химаре, да ми каже како е и ако има некој контакт од некоја била да ме информира добро би било. На букинг гледав скоро се е зафатено од тоа што ми фати око.
Мои блиски имаат многу лошо искуство од одмор во Албанија и не би можела да се одлучам за таму. Во иднина некогаш можеби, не знам.
Има ли некој кој летувал во Дерми? Гледам дека преовладуваат мислења за Валона, Саранда, Ксамил и Драч, изгледа малкумина знаат какви убавини кријат плажите во Дерми и Химара ( помеѓу Валона и Саранда ), но и цените за сместување делуваат повисоки. Некој со искуство за барање на сместување на лице место?
Деновиве ќе одам. Колку што успеав да добијам сигурни информации, цена на 2 лежалки се движи околу 5-8 евра. Смештајот е доста скап, во споредба со Ксамил, Валона, Саранда каде што се наоѓа солидно студио/апартман за 20тина евра од вечер. Во Дерми под 50 евра за периодов НЕМА, зборувам за онлајн информации. Химара, Борш има поевтини сместувања но тие се подалеку. Ќе споделам искуство кога ќе се вратам, здравје боже
Па девојки, еве ме! Денеска се вратив од одмор, па да споделам искуство, некому можеби ќе му биде од корист. 1.Патот Со оглед на тоа што читав најразлични коментари(негативни) и очекував само калдрми и камења, се изненадив позитивно. Се до Дерми патот е асфалтиран, нормално прооден, може да начекате гужви и дооста полиција по патот, во зависност од периодот од денот кога патувате. Совет-доколку знаете некоја обиколница на Валона, искористете ја. Ние од мерак да поминеме покрај море, влеговме низ градот, и останавме саат и пол во огромен метеж. Кој бил преку националниот парк Логара-знае, кој не-да биде спремен за искачување и симнување на планината по стрмни кривини, но како што читав до сега, повеќето се запознати со Логара. Забележавме доста возила кои пројавиле дефект или загреале во тек на искачувањето па запреле така да-понесете вода и секако, контролен сервис на возилото пред тргнување. Погледот е прекрасен како во текот на возењето по Логара, така и одозгора од каде што се гледаат трите блиски плажи Дерми, Дримадес и Паласа. Сите селца се планински, со стрмни, тесни улички ( асфалтирани ), но морам да напоменам дека се вози доста брзо, поготово после 8-9 часот кога сите се симнуваат со колите покрај брегот на вечера, па движење пешки е малку ризично. 2.Сместување, решивме да бараме на лице место, со цел да најдеме нешто под 50 евра од вечер. Беше пеколно жешко, тешко за движење со автомобил постојано од еден до друг хотел поради тесните улички, па 95% од хотелите/вилите каде што се обративме беа зафатени. Според мене, нареден пат-со однапред резервација. Најповолен избор од тие што ни останаа, ни беше Марк Хотел, 60 евра од вечер со доручек ( како опција ги имавме само омлет, јајце на око и мармалад), имавме пространа опремена соба,купатило, огромна тераса и сигурен паркинг. Како туристи ќе најдете луѓе од Италија и Албанија, ретко Франција. Она што го слушав од страна, е дека се смета како луксузно, престижно летувалиште, па ќе исплакнете очи од скапи коли (се надевам никој нема да ме сфати погрешно). 3.Плажите се прекрасни. Мислам дека каде и да одите нема да згрешите. Водата е кристално чиста со мали/средно големи камења . Во непосредна близина на 5 минути возење ги имате плажите Дерми и Дримадес, на 10тина минути е Паласа, на 15тина веќе во регионот на Химара е плажата Јала. Заливот Ѓипе е еден од по познатите и е исто тука во близина. До него пристап со кола до лице место е опција само доколку поседувате теренско возило, во спротивно со кола можете до одреден дел, па од таму треба да пешачите 30тина минути што искрено нас не ни беше баш по ќеф, па не отидовме таму. Понатака накај патот за Саранда има уште убави плажи, но веќе ни беа далеку за секојдневно патување( Ливади, Борш, Бунец, Порто Палермо, Ламан). Има прекрасни песочни заливи ( пример Grama Bay) до кои се оди со мали бродчиња/глисери. Цените на лежалките беа како што споменав и во претходниот пост, 4-5 евра за две лежалки со чадор во прв ред, без пијачка ( во Јала беа поскапи-8,5 евра во прв ред). 4.Ноќен живот искрено, немаше. Барем ние не искусивме таков. Покрај плажите Дерми и Дримадес кои ни беа најблиски има импровизирано шеталиште со таверни, ресторани, неколку кафулиња со музика, каде што можете да прошетате, вечерате и да се напиете нешто. Единствен ноќен клуб за кој ние знаевме на овие плажи е Хавана клубот( кој беше затворен од инспекција 2 дена пред нашето доаѓање ), па останавме и без него. За подалечните плажи не би можела да дадам доверлива информација. Цените на храната по ресторани мислам дека беа достојни за туристичко место и беа прилично слични во повеќето места каде што јадевме. Живеевме на тестенини и рижото со морски плодови ( 6-10 евра), пица ( 5-6 евра), лигњи, а рибите беа поскапи. Имате мали маркетчиња како низ селцата така и на плажите, од каде најчесто купувавме само вода и сладолед. Додека сте на плажа или на вечерно излегување, паркинг може да си обезбедите бесплатно покрај некој од ресторанчињата доколку најдете место или пак да платите околу 100-200 денари за цел ден. Се на се, ние си поминавме прекрасно, ништо помалку од очекувањата освен скапото сместување, кое секако не е мала работа, но мислам дека убавината на плажите надомести за се. Ми прираснаа за срце некако местенцава, па радо би ги посетила и следен пат( со претходна резервација и не во Август ).
Ксамил, Спиле, Валона, Саранда или Драч? Каде има песочни плажи, водата да е чиста, навечер да има да се прошета. И што мислите за патот, опасно ли е, стрмно, од тоа ми е шубе некако
Валона е многу убава, има убави плажи со песок е градската и другите плажи, а и градот е голем има каде да се шеташ навечер. Е сега патот од Валона до Саранда е незгоден, на стрмно и со кривини многу. Саранда не е нешто посебно, плажите се камчести и се е збиено, на стрмно е местенцето, ама водата е чиста и многу убава. Ксамил не сум била, ама вака по муабети го фалат местото, дека има убави песочни плажи.
Спиле еднаш и не знам дали би помислила пак. Плажите се прекрасни, кафичите исто, цените ок....но има премногу комарци, онолку комарци во живот не сум видела. Буквално раат неможеш да си прошеташ туку цело време мора да мафташ со некој партал за да ги бркаш. Кафичи има преубави но џабе кога внатре не ни седат луѓе, сите шетаат. Млади слабо претежно се пензионери. Освен покрај плажа нема кај да се шета, маркетите се далечку и така. Јас бев лани и кога појдов и ја видов плажата реков wow колку е добро, песок се, но после кога ги видов комарците и дека освен патеката покрај плажите нема кај да се плажите го сменив мислењето. Валона многу повеќе ми се допадна, само што градските плажи не знам колку се ок. Таму за поубави плажи само во Радиме или накај Орикум (после тунелот). Мислам дека од овие сите места најмногу за шетање има во Саранда а Ксамил се најдобри плажите. Не сум била таму за кажам лично искуство.
Сум била Валона, многу е убаво, плажи имаш премногу, водата е чиста и кристална на плажите со камења додека на песочните не баш. Шеталиштето е огромно има кај да седнеш да прошеташ и би ти препорачала да ја посетиш. Цените се како овдека и секој може да си дозволи да седне на вечера исто и на плажите е многу ефтино. Бев и во Дерми, како дестинација за побогати ја сметаат, водата е камен ладна ама чиста и кристилна убаво е местото ама многу скапо. Од овие две Валона би ти ја препорачала. @Seli20
Јас се изненадив од Ксамил, очекував во ептен село дека ќе идам. Еве тука поопширно имам споделено импресии. Патот до Ксамил преку Грција е одличен, нов, рамен и толку прав без кривини, што ќе ти се смачи од возење. Во Албанија има кривини, јебига таков е пејсажот, ама не се страшни. Плажите им се топ, со бел мек песок поради што и водата е тиркизна. Ако сте со автомобил, може да отидете и на уште една преубава плажа што се наоѓа помеѓу Ксамил и Саранда. Има каде да се шетне, не е апла село како што мислев. Има еден куп улици со ресторани и продавнички, а има и еден дел покрај брегот, хотел до хотел, кафич до кафич. Нема класична дискотека (мислам), ама кафичите им се у тој фазон. Сите велат во Саранда има повеќе избор за ноќен живот, така да ако сте со автомобил, може да идете таму барем навечер.