Политички колумни

Дискусија во 'Политика и настани' започната од BoaVista, 12 јануари 2011.

  1. BoaVista

    BoaVista Форумски идол

    Се зачлени на:
    23 август 2010
    Пораки:
    3.911
    Допаѓања:
    31.651
    Пол:
    Женски
    Овде можете да пишувате ваши колумни или пак да ставате туѓи колумни поврзани со политиката.
    Ќе почнам прва со колумна на девојка која се претставила како Мими од страната колумнист.мк

    Преродбата продолжува – народот се задолжува!

    Од неодамна, цената на едно кокошкино јајце во Македонија, достигна 200 евра. Имено, ако некој возљубен стечаец во знак на протест, се осмели да направи кајгана на прозорците на Владата, за тоа ќе плати со горенаведената сума.Минатата недела бев пред Влада да известувам за протестот на стечајните работници. Во најголемата мака и очај, ми рекоа дека чекаат да излезат печурки и полжави. Ги собираат и ги продаваат - 200 денари за десет килограми. И сега – следува простата математика за поговорката што народски гласи – сиромавиот двојно плаќа: Една табла јајца – 6 000 евра. Значи, душиве напатени, треба да ги оберат сите никнати животински и растителни видови во Македонија за да можат да си го дозволат луксузот да го испомаваат владиниот објект на Илинденска бб, попатно опколен со дваесетина јарболи вредни колку пола имот на Доналд Трамп.

    Наместо да ги соберат на разговор и да им го решат прашањето на луѓето што буквално трпат за леб, одредени структури ја земаат под закрила и полицијата. Обично, во сите демократски земји, полицајците за време на протест треба да чекорат во близина на демонстрантите, а сообраќајот да е во мирување. Е, минатонеделниот протест на стечајците, не беше таков случај. За разлика од сиот цивилизиран свет, возачите буквално ги отвораа вратите од автомобилите и им довикуваа најпогрдни зборови со доза цинизам и исмевање на „демонстрантите“ што паѓаа по улиците ко крушки, кој од срце, кој од што го удрил автомобил. А полицијата, си седи, си медитира. Мува не ги лази... Ко да ги платиле да бојкотираат и да стојат ко статуи. Бев сведок на незаборавна глетка, дијаметрално спротивна на секое човечко чувство и делување. Имено, еден млад господин во солиден џип го „потчукна“ стечаецот кој падна на асфалтот. Наместо да излезе од колата и да му помогне, со дерење му стави до знаење да не се обидува да го тужи оти ништо не му можел. Бил член на ВМРО – ДПМНЕ.Ситуацијава, како да беше интернет игрица во која главната поента е да згазиш што повеќе луѓе со својот автомобил и така да добиеш што повеќе „животи“.

    И после вакви доживувања, кога никој на улица не го фермаше стечајниот очај, а истиот дури и беше предмет на исмевање, како да не му дојде на човек да распука милион јајца кон институцијата што треба да има капка обѕирност во морето глупости? Ама не може бре! Не знам што е потажно, дали тоа што никој не сака да им исплати сто евра месечно на жртвите од пропаднатите фабрики, или тоа што им се заканија дека секое јајце со кое ќе фрлат кон владата, ќе го платат ни помалку ни повеќе, туку 200 евра. А патлиџаните се бројат? Ќе има ли ценовник за ако фрлиш капричиоза или сок од портокали во владин прозорец?

    Знам, со ова Владата гарант го регулира здравјето и нивото на холестерол во крвта на граѓаните, оти нели јајцата предизвикуваат тој да се покачи. Кога сме кај здравјето, вчера му се слоши на дедо ми. Викнавме брза помош. Дојдоа. За половина час. Уште од врата ги пречекав, а срцево ми играше народни танци, нешто во стилот на „О тешкото“. Одеднаш, докторката извикува и со ококорени очи застанува пред вратата од собата. Мачка! Избркајте ја, имам уплав, не можам да работам! Жими нозеве, среќа што ме додржаа тогаш да не паднам во несвест, почнав да трчам по собата за да го фатам моето куќно милениче за и да и` овозможам на свилената докторка услови за работа. А дедо ми во кревет – крвари од носот за сево ова време. Што ќе се случи со нашиов докторски персонал, ако не дај боже ги пратат да лечат во војна?! Штом мачките се „опасни по живот“, тогаш јајцата што летаат кон влада од стечајците мора да се на ниво на атомски бомби за „професионалците“ од секаков вид. Ако едно стечајно јајце, фрлено кон владините прозорци чини точно 200 евра, тогаш колку чини човековото здравје?

    Веројатно едно шише шток, кило бајадери и нешто ситно, да се најде... Арно вели еден мој пријател – поисплатливо е да одиш во црква од старт, отколку да викаш доктор кога не дај Боже ќе ти затреба. Каква апатија и ладнокрвност кон човечките животи...
     
    На SexyLady, anima и JuLleE им се допаѓа ова.
  2. Bokicka

    Bokicka Истакнат член

    Се зачлени на:
    15 март 2010
    Пораки:
    691
    Допаѓања:
    690
    Еј, Боа одлична тема!

    Има еден мал милион колумни, кои сум ги прочитала и ме оставиле без здив! Имаме ние квалитетни новинарчиња, како и да е! Е, сега што се продадени души сите...

    Тоа е! Мора од нешто да се живее нели ;)

    Иначе постов е чисто пофалби за темата, а со колумна ќе се произнесам деновиве :lol:
     
  3. BoaVista

    BoaVista Форумски идол

    Се зачлени на:
    23 август 2010
    Пораки:
    3.911
    Допаѓања:
    31.651
    Пол:
    Женски
    Од истата девојка потпишана како Мими :)

    Стани македонски политичар во 16 чекори!


    1. Не ја пропуштај шансата што ти ја дава пратеничкиот имунитет, да опцуеш пратеник од другата партија, иако си женет и имаш две деца. Тоа докажува дека за доброто на државата – целиш на трето дете.
    2. Кога и да ти се појави можност, степај се во собранискиот хол, а после тоа сними го за домашната видео колекција. Ќе ти се најде.
    3. Кога нема што да кажеш, наврати се на евергринот „Бранко“. Секако, не заборавај да кажеш дека „15 – ти септември“ треба да се слави како ден на невработеноста на Република Македонија.
    4. Ако некој проект не ти успее, повикај се на твојот вечен адут - светската економска криза. Ако пак, проектот е успешен, не заборавај да нагласиш дека сме ја надминале економската криза.
    5. На секое новинарско прашање во врска со името, одговори долго и глупо користејќи ја следнава реченица без никакви измени: „ Ние правиме редовни контакти со премиерот на Грција, со цел да ја подобриме севкупната атмосфера и односите меѓу двете држави за да може под капата на медијаторот Нимиц да излезе некаков предлог кој ќе биде прифатлив за двете страни и се разбира за граѓаните на Република Македонија“. Не бери гајле, овој народ – каков таков, ќе те разбере.
    6. Кажи им на новинарите дека се предавници и дека работат за ЦИА. Покажи им бре, кај им е местото. Башка – гарант ќе те дадат на телевизија. Дополнителни поени од публицитет! Честитам!
    7. Не објаснувај по многу. Ако те прашаат што е разумен компромис, кажи им дека „разумен компромис“ е „разумен компромис“. Ако не сфатат, нивни проблем. Дај им да се школуваат по четириесет и петтата. Ако и тоа не запали - прати ги на бања.
    8. Носи лажен часовник. Така ќе мислат дека немаш пари.
    9. Запали си цигара во затворени простории, секој пат кога ќе почувствуваш стрес. Никој нема да те фати.
    10. Кажувај и` на јавноста, дека на митингот на другата партија присуствувале стотина луѓе. Море, а да кажеш дека немало никој?
    11. Купи три стана во Скопје и два во Охрид. Следниот битен чекор е да ги префрлиш сите на име на тетка ти од Јужна Палестина. Не се твои бе!
    12. Ископај ги сите дупки на улиците со намера да ги поплочиш кратерите и да овозможиш подобар транспорт на спомениците, а потоа остави да се полнат со вода. И онака ти не си оној несреќен пешак што ќе добие бесплатен туш додека оди по тротоарот.
    13. Грижи се за здравјето на колешките и праќај ги пред време на породилно.
    14. Бескомпромисно настојувај чорапите да ти се иста боја и патентот да ти остане затворен. Во случај да дојде до спротивното, окриви ја опозицијата или Бранко дека тој ја започнал така модата! Имиџот пред се`! Овој совет не важи ако се викате Бранко. Тогаш ќе мора да си најдете друг кривец по избор, што нема да го носи вашето име.
    15. Ако си претставник на опозицијата, ова е особено важно правило за тебе: Не смееш да ги делиш жените по пол! Оти, се сеќаваш – сите самохрани мајки се жени.
    16.Можеш да издадеш предизборен прирачник со содржина – Вештина на немање пари за живите. Во 150 страници, комотно расплини се за да најдеш 150 причини заради кои не можеш да им дадеш 100 евра на стечајците.
    Забелешка на авторот: Сите горенаведени ситуации се случајни и измислени, освен оние кои не се. Со нивното константно применување, секојдневно се зајакнува политичкиот монолог во државава. Во меѓувреме народот си „мези“ од телевизиските скандали и чека оној Папандреу, каков – таков, да отиде на одмор. И што може друго да посака народот, покрај вакви уникатни политичари? Освен да преживее од први до први можеби...
     
    На SexyLady, mila-vanila, anima и 2 други им се допаѓа ова.
  4. anima

    anima Истакнат член

    Се зачлени на:
    14 декември 2009
    Пораки:
    559
    Допаѓања:
    275
    Многу убава тема БоаВиста.Еве и јас би сакала да ви постирам една колумна од истата колумнистка Мими.

    Анорексични 24/7!

    О, ај на здравје појадокот читателу! Државата пресмета дека три ипол литри јогурт, 600 грама шунка, половина килограм кашкавал и сирење плус три конзерви паштета, ти се тебе и на твоето четиричлено семејство доволен материјал за полнење на мевот и нормално функционирање на желудникот во текот на целиот месец. Што ти е нелогично? Нешто, малку да не ти се гледа? Немој сега, преку леб погача да бараш, кога потрошувачката кошничка го налага сето ова... Можеш да го пробаш и оној – „камила метод“. Сево ова да го изедете одеднаш, да складирате, па полесно да би можеле да се соочите со математиката на распределување на намирнициве во текот на месецот. Секако, гратис ти доаѓа бесплатниот донаторски појадок што во сабота ќе имаш можност да го вкусиш на шведска маса на мост. Тој ти е на сметка на хуманоста на скопскиот градоначалник. Да си земеш од шведската маса нешто во торбица за по дома, да ти се најде. Замисли си, читателу, и премиерот вака појадува цел месец. Со фамилијата, кога ќе ја запоседнат трпезата, една паштета од 300 грама ќе ја поделат на пропорционални делови и доволна им е за функционирање 24/7. Анорексични, дваесет и четири / седум! А ти, ако сретнеш некој питач на улица, и ти побара десет денари за леб, ич да не му веруваш! Кај се видело да има леб за десет денари бе? Шегата настрана, додека ми работат во стомакот желудочните сокови, од што сум воодушевена од нутритивните вредности на појадокот што ни` го зготвија, мора да потсетам дека просечната бруто плата е 20. 000 денари. Со нив да речеме, ако фиктивно ги добивате (по пат на фантазирање, сон или медитативна мантра и отварање чакри), може да си купиш леб доволно за да не ти се пријадат колачи. Со вака богата исхрана, гарант ќе ти бидат потребни здравствени услуги, ама извини, нив ги нема во потрошувачката кошничка. Тие ти се одвојуваат од џепарац. Прогноза – 2 000 денари месечно. Кажи ми, читателу, да не случајно сакаш да домуваш во зграда? Е, и тоа се плаќало, ама не е дел од фамозната кошничка. Зашто приливот пари се носат во нечии џебови, а не во твојата кошница. За таа цел ќе си одвоиш едно илјадарче, ко бакшиш. Возење во ЈСП, исто така не ти влегува во цената на кошничката, која мора да напоменеме дека е 12 000 денари за четиричлено семејство. Секако, овде признавам дека Заводот за статистика има обзири кон народот и не му пресметува харикири возење во овие наши прекрасни речиси обновени, со интернет исполнети автобуси, што во слободно време може да се користат како сауна центри. За облека и читателу, прифаќам дека одамна не си помислил, оти добри ти се и опинциве, троа искинати. Па што? И Адам и Ева одеа само со лист на себе, па пак им беше волшебно. Струја, вода и радиодифузна такса. Телефон плус интернет, за да се поврзеш со светот ти е горе – долу некои 200 евра. На гладно срце. За вода, не сум сигурна дека употребуваш... Од кај почитуван читателу, да знам јас дали живееш на Матка. Може си на принудно штедење во текот на целиот месец. Затоа, вода ти одбивам од сметката за суштествување. Да не имаш деца студенти? Ако имаш, ај со среќа нека им е. Знаењето е и сила и моќ. Остај го на страна оној мал ситен детал дека треба да им платиш партиципација. Тоа ќе го направиш од кусурот што ќе ти остане од потрошувачката кошничка. Да ти сумирам: Дури и ако појадувате со семејството три паштети месечно, сепак ќе треба да платите во месец септември некои 500 евра, во случај да не ставате туршија и да не возите автомобил. Сосе туршијата, поскапо му доаѓа. Наравоучение: Потрошувачката кошничка, треба да се вика „социјална помош“. Бруто платата не изнесува 20 000 денари, а дури и кога би изнесувала, не би стигнувала за основните потреби на граѓаните. Затоа Македонија ти е Буркина Фасо. Ако се пишува така. За Фасо зборувам! Што се буниш, ние си имаме име! И идентитет! И лавови! Те поздравија нутриционистите читателу. Анорексични, 24/7.
     
    На SexyLady, enca.69, velesanka и 1 друга личност им се допаѓа ова.
  5. Offspring

    Offspring Форумски идол

    Се зачлени на:
    14 јуни 2010
    Пораки:
    7.166
    Допаѓања:
    26.998
    Ни тргна со колумни од Мими :) Еве уште една доста интересна од неа!

    Забележувам дека сите што се „за“ абортус, веќе се родени – вели досетката на Роналд Реган, роден американски претседател кој бескомпромисно ја бомбардираше Либија, ја нападна Гранада, му продаваше муниција на Иран и ја прогласи политиката за втор „најстар занает“ на светот, нагласувајќи дека таа има многу сличности со „најстариот занает“.

    Неопходно ќе се согласам со него, дека исклучиво родените, по правилата на биологијата и демократијата, може да го дадат гласот за тоа дали се за или против абортусот, дури и ако е афирмативен, посекако уште поодговорно и поенергично ако ги „дозира“ некоја јавна провокација.

    Кога политичарите, особено од некои мешани, десно - леви ориентации напластуваат зборови врз јазикот од кои мед тече, како „јавен интерес“ на пример, тогаш во свеста на секој либерален граѓанин се појавува онаа црвена сијаличка што прашува:Чекај, нова пропаганда или имаат нешто поучно да кажат?

    Не бива да почне новата година, без нови рекламни спотови на владата, овој пат против абортусот. Кампањата носи наслов „Одбери живот“ Може да ја видите на овој линк, (http://www.youtube.com/watch?v=CAF5Nlv1 ... r_embedded)

    или во секое време на еден од главните огласни телевизиски табли што го плаќаме од сопствениот џеб.

    Накусо, во спотот девојката му соопштува на своето момче дека е бремена. Младичов, онака на прв поглед, се гледа дека е дораснат и кадарен само за фудбал и по некој круг низ маало да сврти со клик – клакот. На почетокот и` вели на девојката, дека немаат ни стан, ни кола, пари за креветче и кашички а оваа луцидно го потсетува дека „нивните родители ќе купат и количка и креветче и дека синоќа излегле во кафана и потрошиле повеќе од 1000 денари“.

    Обидот на идниот татко да се спаси од принова, со претставување на животот како финанскиски закрепостен, едноставно се распарува на илјадници мали неспојливи парчиња откако клучните топли зборови го параат неговото срце. „Машко. Ќе биде машко. Ќе личи на тебе, ќе ги има твоите очи, твојата насмевка, твоето носе“. Тука веќе, не може да ја одбие. Премногу е примамлив патријархалниот концепт каде мажот е главата на семејството, а жената е вратот.

    Во ова „видео – семејство“, видливи се погрешно поставените стереотипни окови, кои не само што го ставаат во пранги слободниот избор (кој патем е сведен на една страшно голема неслободна и бескомпромисна порака – да не се абортира) туку го оковуваат и здравиот чист и неконтаминиран со стереотипи разум, кој тежнее кон слободарство и себезаштита.

    Во спотовите се потенцира дека последиците од абортусот може да бидат фатални и по физичкото и по менталното здравје. Тоа никој не може да го спори, но секако дека не се работи за изолиран случај на опасност во текот на живеењето, особено не, во македонско општество каде и од настинка во болница човек кине конци заради ваква или онаква негрижа. Покрај тоа, ако би се ставило на вага, дали да се живее во едно неиспланирано и непосакувано семество, или да се претрпат последиците од абортусот, дилемата е прилично тешка. Во првиот случај, објективно страда еден повеќе.


    Во еден дел од спотот дечкото и` вели на бремената девојка „млади сме, да прошетаме, да видиме...“. Што е она што не може да го види и ако шета бебе во количката, може само да и` препуштиме на фантазијата.


    Со намера или не, изработувачот на овие видео спотови ја потенцирал точно онаа скапаност на нефункционалните бракови кои се темелат на чист секс и незрелост, а немаат капацитет да опстојат на подолги и посериозни штици, како што е на пример имањето дете. Стереотипите се неумесно очигледно и нападно фрлени на нашите телевизори и треба да ни` продадат живот.

    Секоја млада девојка, од овој спот може да види како и што „не треба да прави“, за да избере живот. Да не зема маж што стереотипно се однесува како лигле, да не влегува во брак без љубов и да нема секс пред брак. Ако ништо од ова не функционира за среќа, тогаш да потроши „илјадарка во кафана“. Попрактично е одошто да дава пари на бракоразводни парници. Се` на се`, спотот е милина!
     
  6. velesanka

    velesanka Популарен член

    Се зачлени на:
    26 ноември 2009
    Пораки:
    2.576
    Допаѓања:
    2.449
    Стручна анализа на рекламата за „Ќе имаме бебе“

    Многумина ми рекоа дека рекламава била за абортус (или против истиот, сеедно), па дури така пишува и на видеото, ама јас во ниту еден момент, гледајќи ја, не добив таква порака. Оттаму, се решив дека е редно да се направи една стручна анализа на рекламата за „Ќе имаме бебе“.

    Ќе започнам со локализацијата. Според параметрите што ни се дадени во позадина, дознаваме, од рамковизискиот пренос, дека во мигот се игра натпревар на Арсенал. Спомнати се Адебајор и Фламини (значи морало да се игра пред вториов да се одлучи за пензија во Италија), а бранел Ал Хабси (значи, се играло против Болтон). При споменувањето на 2:2 како израмнување, веќе станува јасно оти тоа е највозбудливиот натпревар во 2008 година, Болтон – Арсенал, кога пресвртот беше завршен во последните секунди од продолжението, за финални 2:3. Значи, оваа неверојатна драма се одвива на 29 март, 2008 година, на ден сабота, некаде непосредно по 17.30 часот.

    Станува јасно дека малиот е веќе роден и до сега е неухранет, посвоен од некои среќни родители или пак, си живурка во некој дом за деца без родители. Зошто? Е па вака, кога типкава го кандисува дека условите не се важни, зашто потрошиле илјадарка во кафана и со тие пари ќе купувале пелени, станува јасно оти не само што немаат услови, туку оваа малку живее во некој друг свет. Имено, според фактот што по кафаната, немале пари да си купат кондоми, јасно е дека месечниот буџет за излегување им е илјадарка. Ете пари за пелени, ама бебето не мора да јаде, не мора да прима вакцини, не мора да оди на педијатар и во никој случај не му е потребна облека, помагала или пак играчки. (Пресметајте колку долго ќе живее само на пелени.)

    На крајот од рекламата добиваме порака дека требало да избереш живот, зашто имаш право на избор. Во кој момент од времето и просторот, во оваа држава, без разлика на политичкото и општествено уредување не сте имале право на избор, особено кога се работело за живот? Ако вие немате право на избор, кој има право да го направи изборот место вас? Оттаму, оваа реклама е директна контрадикција на кампањата која треба да ја поддржи.

    Реализмот е еднаков на нула. Навивач на Арсенал не може да биде кандисан за што и да е, за помалку од минута и пол. Топчија е во состојба да се убедува со вас (дури и кога не е во право!) со денови, за на крај да не се договорите апсолутно ништо. Ама па од друга страна, јасно ми е зошто е избран навивач на Арсенал. Да беше од Тотенхем, во мигот кога ќе му соопштеше: „Ќе имаме бебе“, следниот кадар веројатно ќе беше како ја крши вратата бегајќи.

    Туку, ме мачи една друга дилема. Зошто типкаваа воопшто го кандисува овој? Како жена, дали ќе има бебе или не, нејзино право е да одлучи. По природниот тек на нештата, тој не би требало ниту да има мислење. Она што тој треба да го каже е дали: ќе остане крај неа, дали ќе ја земе за жена (од најпогрешните причини!) или пак ќе се одлучи да навива за Тотенхем (т.е. да замине некаде далеку).

    Ако рекламава праќа некаква порака, тоа е дека двајца незрели луѓе, без услови за одгледување деца, како по некое правило, донесуваат крајно погрешна одлука. Не само што ќе се затворат дома засекогаш (оти и онаа илјадарка што ја имале еднаш да отидат некаде во месецот, сега ќе ја немаат), туку ќе му го загорчат животот и на ново дете, што ни криво ни должно, се родило. Оттаму, стварно не ми е јасно, кој живот го одбраа и за чие добро?
     
    На irenna и Bozica1980 им се допаѓа ова.
  7. Offspring

    Offspring Форумски идол

    Се зачлени на:
    14 јуни 2010
    Пораки:
    7.166
    Допаѓања:
    26.998
    Го жалам бебето уште неродено. :rofl:
     
  8. velesanka

    velesanka Популарен член

    Се зачлени на:
    26 ноември 2009
    Пораки:
    2.576
    Допаѓања:
    2.449
    Ако нема леб, ќе јадеме месо!

    Како што стојат работите, лебното жито за Македонија ќе стане луксуз. Светските трендови, кои последниве шест месеци бележат минимално производство на пченица, а поради тоа и екстремно високи цени, директно се рефлектираат и врз нашата економска, па и политичка слика. Не дека Македонија е виновна што пченицата едноставно секнала, па сега се прават планови како нашите државни залихи да се наполнат. Поголемото предупредување поврзано со актуелните состојби со с$ поскапата храна е ефектот којшто таа може да го има врз нашиот трговски дефицит и инфлацијата. Гледајќи ги другите држави (па дури и најразвиените) како калкулираат и планираат барајќи начини да го ограничат увозот на храна од други земји, нашава несебична Македонија великодушно прима шлепери натежнати од странски продукти. Дефицитот се билда ли билда. Истиснува огромни девизни приливи од компаниите. Кругот се свртува со тоа што домашните компании мора да увезуваат с$ поскапи суровини, а со тоа и да произведуваат поскапи македонски производи, кои и така се слабо конкурентни на отворен пазар.

    А, ако подразмислиме подобро..., па нели и нашата Влада донесе стратегија за стимулација на домашното производство?! Да, така беше. Но, единствени ефекти од оваа владина мерка се #уличните манифестации# на земјоделците. Млекарите што тураа млеко по улиците, лозарите што си го газеа грозјето по патиштата, тутунарите што го фрлаа и с$ уште го фрлаат тутунот... Сосема доволно за да заклучиме дека владината стратегија испадна јалова.

    Ниту кампањата #Купувајте македонски производи# не вроди со плод. Очигледно, на Македонија и треба нешто повеќе од реклами со дедовци, внуки и македонски сонца за до толку да купуваат домашни производи што повеќе ќе нема потреба од увоз на странски.

    Затоа и не чуди што 80% од суровините за прехранбената индустрија ги увезуваме, и покрај #удирањето во гради# дека Македонија е земјоделска земја. И барем да ги оправдаме стотината милиони евра кои великодушно се делат на земјоделците. Факт е дека основната функција на земјоделските субвенции - намалување на увозот на храна и поголем девизен прилив од извоз - не е остварена. Тоа допрва ќе го почувствуваме, кога целата храна толку ќе поскапи што максимално ќе ги исцеди и домашните, но и државниот буџет.

    Но, не е сe изгубено. Шанса сe уште има. Кога веќе & паднаа во вода #патриотските заложби#, ред е Владата барем сега да го направи вистинскиот чекор и да одобри ослободување на стоковите резерви. Мелничко-пекарската комора го испрати ова барање до ресорното министерство, од каде што, неофицијално, следува потврден одговор. Но, како и секогаш, судбоносното ДА се чека од погорните слоеви.

    Не попусто и експертите предупредуваат дека доколку Владата не преземе итни мерки на овој план, цените на храната ќе пораснат до плафон.

    Додека Владата останува имуна на навистина сериозните и загрижувачки најави кои доаѓаат директно од устите на српските мелничари, дека Србија нема да има пченица ни за сопствените потреби, с$ поверојатна станува прогнозата дека Македонија ќе трпи за леб. А малку треба за човек да знае дека освен Србија и Унгарија не постои друг извозник на пченица кој е компатибилен на нашиот џеб. Енормно покачените цени и на овие две земји спасителки не дозволуваат ни малку пооптимистичко сценарио!

    Дека сме чудна нација потврдува и тоа што повеќе н$ загрижува фактот дека ќе поскапат менијата во рестораните, отколку секојдневното поскапување на лебот. Ама, убаво си знаеме ние... ако нема леб, ќе јадеме месо!
     
  9. KuklickaSk

    KuklickaSk Форумски идол

    Се зачлени на:
    20 јуни 2010
    Пораки:
    6.616
    Допаѓања:
    25.194
    Метла
    Нема да имаме подобро образование со тоа што ќе им купиме компјутери на професорите и на учениците. И со компјутер и без компјутер, оној што е ќутук - ќе си остане ќутук. На министерот за образование не му требаат повеќе пари за реформи во неговиот ресор. Му треба метла. Метла што ќе го смете ѓубрето закачено на буџет таму каде што му е местото: во контејнер. На улица. Време е таму да се најдат неспособните, наместо способните. За да се случи мала, ама важна промена
    Претходните две колумни беа посветени на образованието. Без да политизирам (се надевам), се обидов да покажам како гледам на реформите во образованието. Образованието ни е постојано во некаква реконструкција; реформите во него континуирано траат од моментот кога јас бев гимназијалец (постарите се сеќаваат на реформата наречена „шуварица“, според политичарот Стипе Шувар), а не даваат резултат. Кога нешто постојано е под реконструкција а никако да се конструира – тогаш мора да има многумина што наместо да градат – разградуваат.

    Целосниот пад на нашиот образовен систем (не драматизирам, навистина мислам така) му претходеше на сломот на сите вредности во општеството. Затоа што ни падна образованието, останавме со целосно изместени вредности, а не обратно. Падот започна уште во времето на „шуварицата“ и експериментите со средно „насочено“. Паралелно со тоа, сé послаб кадар ги населуваше предавалниците, училниците, амфитеатрите и канцелариите, од основното до високото образование. „Енциклопедискиот“, широк пристап кон образованието се замени со тесно „насочен“, а како резултат на тоа дојдоа сé поплитко образовани кадри. Кога нешто се специјализира треба најпрвин да се имаат општи знаења; не можете да специјализирате правење дупки во вода, ако првин не знаете што е вода.

    Третиот удар дојде како општ дух на времето: едно чувство на бесперспективност, и во врска со тоа - чувството дека е бесмислено човек да учи во ова општество, во кое најбогати станаа токму оние што најмалку учеа. Преку ноќ се виде празнината на флоскулата „кој учи знае, кој знае – има“. Се замени тој социјалистички слоган со еден друг, непишан: кој знае да краде - краде, а кој краде – има. Под „краде“ овде се подразбира не само проста кражба, туку и трговска измама, за која треба специфичен талент. Талентот се вика – безобѕирност (или без-образност). Пример: купувам цела серија лавабоа со фабричка грешка (во формата) по 10 евра, а ги продавам како стилски лавабоа (стилска, намерна грешка), по 100 евра. Кога тоа се усвои, сé беше подготвено да се помине кон малоумно општество. Неговата главна девиза е: со што помалку напори да се спечалат што повеќе богатства. Така, знаењето беше дефинитивно прогонето и заменето со снаодливост, базирана на проверени, често и тајни информации (за шверц, црн бизнис и слично). Никој не е слеп за да не направи разлика меѓу знаење и информираност: едното е систем од информации, другото е „моментално/инстант знаење“ за определена ситуација, која треба да донесе профит.

    Значи, цената на знаењето падна на поширок општествен план, освен кај ретките фанатици, кои продолжија да „учат за себе“. Заедно со знаењето умре и критиката: критичкиот однос кон нештата што нé опкружуваат. Критиката умре во сите области на општественото живеење: умреа литературната, театарската, филмската критика, умре политичката критика, умреа студентското и работничкото движење, сите движења на некаков отпор (чест на исклучоците!). Критиката, која отсекогаш се базирала на мера (скала), за која пак е потребно размислување – му го отстапи местото на судењето според вкус. Вкусот е пак најличното, најиндивидуалното средство за проценување на нештата. Не ми се допаѓа нешто – и го критикувам како лошо, без да измерам дали можеби тоа му се допаѓа на друг и дали можеби има позитивни страни што јас не ги согледувам. Ми се допаѓа нешто – го фалам, без разлика што некој друг укажува на неговите недостатоци. За вкусовите не се расправа: не поднесувам лигњи и немам никаква обврска рационално да објаснувам зошто е тоа така. На тоа се сведоа и политичките дебати – на обични препукувања базирани на вкус (го сакам Х, не го сакам У). Таквото општество создава мрзливи поединци, кои не се должни да логицираат, затоа што функционираат исклучиво според својот вкус. Вкусот пак е близнак со интересот, а тој е смрт за правдата!

    Вкусот ја исклучува мерата: а кога се нема мера, секој е во право, затоа што вкусот не подлежи на тест на вистинитост (за разлика од знаењето). Тоа беше општата атмосфера во која се случи спектакуларниот пад на нашиот образовен систем. Доминацијата на вкусот над мерата го промовираше таканареченото „општество на вкусови“, кое целосно замени каква и да е рационалистичка концепција на општество. Општеството на вкусови е дисхармонично и затоа грдо: хедонистичко е во најприземната смисла на зборот, речиси густативно, сведено на перцепција на вкусот со јазик! Секој некого лиже (суета лиже суета), сиромавите сол, богатите кавијар!

    Но да се спуштиме од ова филозофирање на земја и да видиме како тоа „општество на вкусови“ функционира практично, во образованието. Случката е вистинита. Јас сум учесник, но ќе го скријам идентитетот на другите учесници. Ќерката на еден мој пријател отсекогаш сама учела и сама се пробивала низ животот. Средношколка, умна и главно со високи оценки. При промената на професорот по македонски јазик и литература, никако да добие повеќе од двојка, иако кај претходниот професор имала четири и пет. По цела година обиди да „мрдне“ од два, доаѓа кај мене и ме моли да и напишам „состав“ на одредена тема. Го правам тоа, затоа што знам дека детето е умно и дека коректно ќе го научи и ќе го напише тоа што јас ќе и го срочам. Се враќа од училиште разочарана и ми покажува: сум добил двојка. Инаку, автор сум на учебникот за трета и четврта година гимназиско образование, според кој работат учениците кај таа професорка.

    Не е и тоа страшното: двојка е добра оценка - често добивам (од читателите) и за колумните „двојка“. Проблемот е што ова навистина беше повеќе од два. И уште нешто: проблемот е во тоа што професорката или не ги читала писмените (знае однапред дека оној со двојка ќе остане со двојка = нема промени!), или ги читала па не разбрала ништо (што е пострашно). Од второво стравувам, и затоа: нема да имаме подобро образование со тоа што ќе им купиме компјутери на професорите и на учениците. И со компјутер и без компјутер, оној што е ќутук - ќе си остане ќутук. На министерот за образование не му требаат повеќе пари за реформи во неговиот ресор. Му треба метла. Метла што ќе го смете ѓубрето закачено на буџет таму каде што му е местото: во контејнер. На улица. Време е таму да се најдат неспособните наместо способните. За да се случи мала ама важна промена.



    Авторот е универзитетски професор и писател


    Автор: Венко Андоновски


    :clap: :clap: :clap:
     
  10. Bozica1980

    Bozica1980 Форумски идол

    Се зачлени на:
    24 август 2010
    Пораки:
    6.788
    Допаѓања:
    253.993
    Пол:
    Женски
    Природен баланс

    Бранко наредил СДСМ-овците да ги ранат гулабите со смоките на Велија за да какаат зелено врз спомениците на Груевски...Пишува Горан Михајловски

    1 Им се чудам на умот на некои мои колеги од приватните телевизии. Тие што примаат плата во колбаси и со божем патен налог и дневници им се скандализираат на колегите од А1 оти примале плата во кеш!? Зар не сфаќаат дека и нив ќе ги снајде истата судбина. Само што уште не паднала одлуката.
    Од 25 ноември ги следам колегите од А1 како ни се лутат зошто не сме солидарни со нив, ги трпам навредите дека само тие се бранители на демократијата, а ние сме шупаци продадени на Владата, нè прават мутави оти не сме гледале дека се врши политички притисок и не сме сфаќале дека крајната цел е затворање на А1.
    Сè ми е јасно, драги мои колеги. И ако веќе барате да се солидаризирам со Вас можам да се согласам дека ова е притисок. Ама Владата го прави по учебник, со многу малку формални и правни забелешки. Оти на крајот на денот, тој што должи треба да плати.
    Она што мене многу ме навредува е тоа што тие колеги не се жалеа дека е политички притисок кога шетаа низ Македонија со мегафоните на Велија да ја бранат политиката на Груевски за името и да бараат оставка од Бранко. Не беше политички притисок кога ги бунтуваа тутунарите против Владата на СДСМ и Бучко. Не беше политички притисок кога правеа хајки против секого за кого Велија ќе се договореше со Груевски. Не беше политички притисок ни кога Ставрески се појавуваше на "Фармер" многу почесто отколку премиерот кај Миленко.
    За разлика од оние со колбасите, јас не сакам да им скоривам дополнителни јадови на колегите од А1 и од весниците "Време", "Шпиц" и "Коха е ре", кои, нели, не се на Велија. Ама кога прифатиле да примаат плата во кеш знаеле дека кога тогаш ќе бидат ранливи. Исто како што и јас сум ранлив ако и во мојата компанија се докажат евентуални нелегални активности. За тоа сум свесен, јадосан и многу загрижен. Иако лично немам никаков кабает. Јас не сум примал кеш.

    2 Малкумина би можеле да противречат дека А1 направи многу за новинарството и за демократијата во Македонија.
    Ама многумина ќе се согласат дека газда Велија направи многу за урнисување на бизнис климата и за уништување на новинарството и слободата на говорот.
    На крајот на краиштата "И јас сум А1" затоа што колегите од таа телевизија му помогнаа и на "Вест" и мене лично пред десет години да го промовираме нашиот нов производ.
    Но не сум А1 затоа што Велија потоа систематски со помош на сите влади досега го уништуваше "Вест" со нелегален бизнис во печатените медиуми.
    А на колегите од "Време" им простувам затоа што прифаќаа дури и маалски кафеанџии да ме рекетираат преку нивниот весник. Морале. Му биле другарчиња на Хеди Рамковски.
    Па сега не знам на кого да се лутам. На Владата на Груевски, на Бучковски, на Хари, на Бранко, на Љубчо...Или на Велија?
    И прашувам: Кој сега ќе се осмели да ја критикува Владата? А ако Груевски е чесен во намерите како што тврди, тогаш стои и прашањето: Кој ќе се осмели да работи нелегално?
    3 Ако е политичка проценка дали некого ќе гониш за криминал, или не, тогаш навистина станува збор за - политички притисок.
    Ако знаеш дека некој со години работи нечесно, ама не си истерувал правда тогаш, туку сега кога ти е засегнат личниот интерес, тогаш станува збор за - политички притисок.
    Ако затвораш едни што работат нечесно, за да им овозможиш на други за да работат исто така нечесно, тогаш станува збор за - политички притисок.
    И тоа не само во медиумите. Во сиот бизнис.
    Не е Велија толку улав за да си умисли самиот дека е недопирлив. Повеќе од 15 години разни владејачки гарнитури со своето однесување му даваа гаранција дека е недопирлив.
    Само што сега се случи Велија да налета на Груевски. Што е ист инаетчија како него. И кога тврдоглаво ќе запне за нешто ќе го истера дури и во корист на сопствената штета.
    Како што до пред две години меѓусебно си помагаа, едниот му даваше реклами и нарачуваше текстови, а другиот му го дигаше рејтингот, така сега заедно меѓусебно си се туркаат надолу. На едниот му се затвораат бизнисите и седи во притвор, а на другиот му паѓа рејтингот. Меѓу Велија Рамковски и Никола Груевски има природен баланс.

    4 Она што посебно ме загрижува е тоа што природен баланс има и меѓу Груевски и Црвенковски. Со ваква опозиција ВМРО-ДПМНЕ ќе владее додека не решат самите да си одат од власт.
    Ебате опозицијата. Им ја затвораат телевизијата што им даваше евтини реклами и напуштија Собрание. Па ако сакаше Бранко да смисли нешто оригинално и да се фати за работа вчера можеше да направи Снешко Белчо.

    5 А Груевски можеше да викне протести против А1. За да го задржи континуитетот. Како што викна задоволни тутунари, незадоволни граѓани на Општина Карпош, задоволен ректор и задоволни студенти. Како ли ги најде оние што протестираа против протестот на лекарите на Стоматологија. Пациентите пред Стоматолошката клиника чекаа на штрек зад грмушките, да заврши штрајкот на лекарите за да протестираат. Зошто? Не ги услужиле ли? Пломбите ли им паднале? Или многу јаделе чоколадо, па добиле кариес.

    6 Ако немаат работа денеска, ќе му дадам идеја на Бичиклиски за прес- конференција. Да открие зошто позеленеле спомениците на Груевски. Затоа што Бранко наредил гулабите да ги ранат со смоките на Велија за да какаат зелено.
    Посебно прашање е зошто спомениците на Груевски позеленуваат, а оној на Скендербег уште не позеленел. Веројатно од мака. Затоа што се поскапи.

    7 Неисцрпна инспирација ми се владините реклами против абортусот. Онаа со женската што држи тест за бременост во раката очигледно решена да го заглави дечкото на млади години. А балванот што не користел кондом гледа фудбал. И таа во многу битен момент на преносот го убедува дека треба да роди. Па помеѓу две акции за една минута тој решава да стане татко оти таа му вели дека "може ќе биде машко и ќе личи на него".
    Ќерка ми, која има седум години ја гледаше рекламата и ме праша: "А што ќе му прават ако е женско?".
    Ништо. Ќе бркаат работа додека не направат машко.
     
  11. KuklickaSk

    KuklickaSk Форумски идол

    Се зачлени на:
    20 јуни 2010
    Пораки:
    6.616
    Допаѓања:
    25.194
    Разочарано писмо до Мајка Тереза
    И да слезеш, и да почнеш да даваш, ќе те гледаат како слезена од некој друг свет. Некој друг свет. Сите овде копнеат за тој друг свет, подобар и раскошен, ама сите прават сé да остане стариот свет. Свет во кој распоредот на нештата го направиле сами, без Бога, и во кој човек на човека му е крлеж. За крвта се работи, мајко. Духот е суспендиран за подобри времиња

    Ете така, мајко: на 28 јануари чествувавме два јубилеја – две години од отворањето на Твојот спомен-дом и 100 години од Твоето раѓање (тоа беше лани, но за дваесетина дена немаше смисла да не се поврзат двата јубилеја). Го сторивме тоа со една театарска молитва за тебе – со театарска претстава во која учествуваа Сабина Ајрула, Емил Рубен, Ѓорѓи Јолевски, Дејан Лилиќ, Амернис Нокшиќи-Јовановска. Петмина во твоја чест. Режираше најмладата од сите нас – Нина Николиќ. Јас ти ги пишував репликите – и твоите и оние на луѓето околу тебе. И сé беше свечено и молитвено, освен публиката. Мислам на онаа публика што беше поканета, а не дојде. Да не се лутам? Не се лутам јас мајко, и знам дека и ти не се лутиш, дека му простуваш секому поради својата благост, ама едно е да се греши, а друго е да се биде безобразен, осоколен и заслепен од „положението“ во општествата. Да, мајко, сите големци беа уредно поканети. И на пет минути пред почетокот, за да не ја играме претставата пред полупразен салон, пуштавме народ што чекаше пред вратата. Гревота. Некого каниш со сите привилегии и не доаѓа, а некој сам, затоа што те сака мајко, чека на студот пред врата и само се надева дека некој големец ќе изостане, за да го земе неговото место. И останаа билетите на билетарницата, а на пликовите - имиња на првенци во родот. И потоа дојде народот. И сé беше како што треба.

    Да им простиме, велиш? Простено им е. Само можеле да јават, мајко. Не доаѓаме, имаме работа. Овде секој денес има работа, дури и невработените – гледаат да преживеат. Замисли да си ги поканила во твоите куќи на милосрдието, кои ги имаше во десетици и десетици земји насекаде по лицето од земјата. Замисли, велам, да си ги поканила на парче леб и на средба со сиромашните, за кои ти правеше сé. И замисли нивното парче леб да остане, а некој сиромав, гладен за лебот и телото Христово, да чека за да го земе. Не можеш да замислиш? Е па, не можев ни јас, ама видов. И затоа ти пишувам.

    За твоите сиромашни, за оние што ги подигаше од кал со добар збор и парче леб ме прашуваш? Се намножија, мајко. Овде, во твоето Скопје ги има во број што личи на оној што го најде кога дојде во Калкута. И питачи има по улиците, како никогаш досега. Има и такви што работат а немаат. Млекари, овоштари, тутунари. Стечајци. Сега и професори. Не разбираш? Кога било тоа – земјата да не роди леб, а даскал да се бунтува? Е па, дојде и такво време, мајко, овде. Кој ќе ги подига и помогне? Е, на тоа прашање мајко немам одговор.

    Знам што си мислиш: да слезеш за да им помогнеш. Пред да заминеш на оној свет, последната реченица ти беше: мајка за вас ќе може да направи многу повеќе од таму, кога ќе биде до Него, одошто од овде. И рече дека нема да бидеш само ѕвезда на небото, туку дека ќе слегуваш како светлина. Но ти велам, не слегувај. Ако денес им помогнеш на бедните и понижените, веднаш ќе те сместат во некаква политика. Знам, знам дека се лутиш и дека велиш – твоја држава и политика е љубовта кон Господа. Па ти и на брат ти Лазар, кога отиде војник во Албанија, му рече: „Ти ќе му служиш на кралот со милиони поданици, ама јас ќе му служам на кралот на сите кралеви“. Ама гледам и овде – кој застане на страна на паднатите, понижените, фрлените во кал – веднаш си добива политичка етикета. Не знам дали и ти да дојдеш, ќе си поминеш поарно. Многу сме поделени мајко, испокарани. Како никој да не верува во Него, а сите се прават дека веруваат.

    Се чудиш како тоа? Па така. Ти велеше – сите ние сме инструмент во рацете Негови, правиме нешто малку додека сме на овој свет и потоа заминуваме. За себе велеше дека си само моливче во раката Христова и дека никој ништо не може да направи ако не сфати дека е само орудие во раката негова. Се сменија тие работи, мајко. Овде секој мисли дека, ако сторил нешто добро - сам сторил и само со своја сила, па се возгордејува и во суета се извишува. Стори ли нешто лошо – те убедува дека е за добро, или пак – вината ја префрла во туѓа рака.

    Не, не, погрешно ме сфаќаш. Не велам јас дека цела земја е пустелија, дека сме најсиромашните на светот. Не Мајко, има овде и богати, многу богати. Не разбираш зошто не им дадат парче леб на сиромашните? Не разбирам ни јас. Ама разбирам зошто ти не разбираш. Кога папата дојде во Калкута да ги посети твоите домови на милосрдието, трогнат од таа беда и од милосрдието на твоите служителки-сестри, реши да ти го остави автомобилот „линколн“, кој специјално со авион беше донесен таму, за целите на неговата посета. Мислеше да ти помогне, да не одиш пеш од една до друга куќа на милосрдието, зашто и со срцето беше слаба (каква глупост – ТИ со срцето СЛАБА?!). Ама ти едвај дочека да го попратиш на аеродромот за да го продадеш автомобилот, па да отвориш уште некој покрив под кој ќе им ги чистиш црвите од раните на лепрозните, ќе ги собираш од улиците оние што умираат, ќе ги искапеш во последна причест и добар збор, за да умрат како ангели, кога веќе живееле како добиток. Знам дека кога веќе си го сторила тоа, не можеш да разбереш што правиме овде. Има овде многу такви лимузини, ама никој не ги продава. Напротив, сé повеќе ги купуваат. А мензи за сиромашни има, ама едвај-едвај. Да не е црквата – ни тоа не би било.

    Не мурти го лицето. Ти не можеш да разбереш, колку и да сакаш. Има времиња што раѓаат големи луѓе, токму затоа што времето е мало и скудно, сиромашно. Има времиња богати што раѓаат мали луѓе, духом бедни, џебом богати. Ама има и нешто друго, на што ти нé учеше (односно ги учеше оние што сакаа да те слушнат и разберат): во животот имаш две можности – да дадеш и да земеш. Ти даваше и тврдеше дека нема поголема среќа од тоа да даваш („Да се раздадам на сите без остаток, ете тоа бара Господинот од мене“), затоа што само тогаш кога немаш ништо, имаш сé. Но денес повеќето од нас само земаат, па сепак не изгледаат многу среќно – нивните лица се загрижени, се појавуваат гревови и други поразии во нивните колена и родови, а на сиромашните се гледа како на отпадок што треба да се отстрани од општеството. Знам, знам дека многу те боли ова што ти го пишувам, Мајко. И знам дека и да слезеш, и да почнеш да даваш, ќе те гледаат како слезена од некој друг свет. Некој друг свет. Сите овде копнеат за тој друг свет, подобар и раскошен, ама сите прават сé да остане стариот свет. Свет во кој распоредот на нештата го направиле сами, без Бога, и во кој човек на човека му е крлеж. За крвта се работи, мајко. Духот е суспендиран за подобри времиња.

    Ете, толку од мене. Знам дека е сурово, ама морав да ти пишам. Моли се за нас, кога веќе одамна ние не го правиме тоа, а сите се крстиме.

    Авторот е универзитетски професор и писател


    Автор: Венко Андоновски
     
    На De-lovely, Bozica1980 и julie77 им се допаѓа ова.
  12. Bozica1980

    Bozica1980 Форумски идол

    Се зачлени на:
    24 август 2010
    Пораки:
    6.788
    Допаѓања:
    253.993
    Пол:
    Женски
    БИЛБОРД

    Старо купувај, ново не барај

    Последниов снег, освен за проширените дупки на улиците, ни ги отвори очите за првата, а веројатно и единствена корисна страна на проектот „Скопје 2014“. Заштитните огради на и околу плоштадот, што ги кријат темелите на идните високи споменици на сегашната ниска национална самодоверба, се претворија во потсетник на трагикомичната опсесија со популарната култура од бивша Југославија што изминативе една-две години кулминира во Македонија.

    Лимените и бетонски бедеми се излепени со стотици плакати. Сите се чичка нови, џам испечатени. Дизајнот, соодветен, троа модернизиран, а сепак, направен колку да помине, не повеќе. Имињата, исти како пред 20 или 30 години. Речиси сите се тука. Од „Дивље јагоде“ и „Ван Гог“, преку Ѓорѓе Балашевиќ, до „Дисциплина кичме“ и „Психомодо поп“. На списокот има уште низа други за кои земјава се претвори во најлесниот гурбет. Тие доаѓаат, големите сали секогаш се преполни, хонорарот ќе си капне, а ништо чудно ако и договор за нов концерт падне. Некои од нив не свират толку често во своите матични Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, но Македонија им е привлечна оти „народот е топол и музикален, а храната највкусна“.

    Сигурно затоа киснат на нашите бини. Мали, средни или огромни, не е важно, с` додека сумата е на место. Тие висат тука бидејќи им е јасно дека ова е земја во која старото се воздигнува, а новото се понижува, гмечи и потиснува. Тоа е правило на секој дел од нашето битисување. Власта се перчи дека грабиме кон новата, европска, иднина, а ~ пречи, на старобалкански начин, кога ја ставаат под лупа, ја анализираат и ја критикуваат, здраво и ладнокрвно, европски. Опозицијата се кочопери оти отворила нова страница, а гледаме дека албумот со сликички ~ е полн со стари, добропознати фаци.

    Во таква атмосфера, за очекување е нешто толку (навидум) неважно и површно, како поп-културните потреби на нацијата, да бидат длабоко заглавени во минатото. Доказ за тоа не се само бесплатните билборд-огради на скопскиот плоштад. Доволно е човек да пушти телевизор во ударно време и да почне да се преиспитува дали Втората светска војна завршила пред пет или пред 65 години. На киносалите, тие две-три што ги има во главниот град и којзнае дали и толку во остатокот од земјава, репертоарот им е освежен, а сепак, застарен. Стриповите, пак, додека во светот една деценија се во врвот на поп-културата, рамо до рамо со филмот и со музиката, а во регионот редовно се преведуваат, кај нас се третираат како безначајна уметничка форма.

    И сето ова ќе беше во ред ако стануваше збор за фаза, за ретротренд, со кој повремено може да се опседне мнозинството и во најразвиените општества. За Македонија е трагикомично што, колку повеќе години поминуваат од распадот на Југославија, толку повеќе таа се навлекува на речиси с` од бившиот сојуз - дури и на забраната за размислување како индивидуа, а не како припадник на едното или на другото племе. На почетокот на 90-тите, виџеј Тоше на првиот канал на Македонската телевизија пушташе спотови од Мајкл Џексон, „Бивис и Батхед“ беа инстант-хит, а „Беверли Хилс“ се раскажуваше на часови и по големи одмори. Не оти овие поп-феномени се некаков недостижен врв кога е квалитетот во прашање, но нацијата барем со нив беше во тек со тоа што се случуваше на далечниот Запад, а не како сега, да се ложи на непосредниот север или нешто над или околу него.

    Популарната култура е култура на обичниот граѓанин и длабочината на џебот и кризата - несомнено - влијаат што човек може да си дозволи да гледа или следи, но не секогаш е така. Ниту во Македонија. Во Скопје, во 1995 година, кога с` уште се слушаа одеците на балканските војни, се одржа „Т-фестивал“, на кој настапија „Продиџи“. Америка со нив се запозна дури две години подоцна и толку ~ се допаднаа што купи два милиона примероци од тогашниот албум на бендот. Кога се концертите во прашање, изминативе пет години солиден број ѕвезди и релевантни имиња ја посетија Македонија, а сепак, оградите на „Скопје 2014“ и ТВ-екраните и премногу често ни наликуваат на огласна табла на бившата федерација, а не на билборд на современа, европска, земја.



    Наивно е да се размислува дека секогаш е така, но почесто отколку што сакаме да си признаеме, важи правилото: с` е до главата. Така и за зацапаноста на Македонија во минатото. Со оглед на тоа како ни е две децении, а особено сега, на политичарите и на моќниците, најмногу им оди во прилог ако за с`, дури и за популарната култура, плашливо се вртиме назад, а храбро не гледаме напред. Ако беше поинаку, сите тие, леви или десни, никогаш повеќе немаше ниту да се обидат да ни ја продадат паролата „старо купувај, ново не барај“ од која толку долго профитираат. На наш грб и со наш благослов, секако.

    Александар САЗДОВСКИ #
     
    На Offspring му/ѝ се допаѓа ова.
  13. najubava2010

    najubava2010 Популарен член

    Се зачлени на:
    19 април 2010
    Пораки:
    1.619
    Допаѓања:
    4.653
    Како иден политиколог, и испровоцирана од неколку теми во Политика, а крајно саркастично расположена лично јас ќе се обидам да напишам колумна (за прв пат во мојов живот).

    Приказна за Македонија

    Ако некогаш патот те нанесе кон Балканот и случајно или намерно патот те донесе во Србија, немој да се лажеш да ја преминеш нејзината граница и да случајно дојдеш во Македонија. Зошто??? Па ние за себе секогаш велиме дека сме држава со многу природни богатства, со прекрасни пејсажи, со многу зеленило, со низок БДП, со економски раст и развој кој веќе извесен период стагнира, со пораст на невработеноста и сивата економија...во главно се најдобро. :D
    Е сега да ја погледнеме другата страна на паричката, што ако си Македонец??? Ако си Македонец сиурно имаш некој невработен во фамилија, сигурно твоите најблиски во еден момент се запрашале како ќе преживеат со таа плата до први, но ти додека патуваш на одмор во Дојран или ако си заштедил некој денар поише Охрид пак имаш што да гледаш убавини колку сакаш... Но тука не е крајот ако си Македонец во текот на една недела сигурно на вести ќе слушнеш дека МВР повторно уапсила некој што примал мито, или како татко си ги силувал ќерките, синот ја убил мајката па потоа тој се самоубил итн.
    Во главно МВР работи со полна пареа како локомотивата на Стивенсон, но пак на секој чекор криминалци, секој втор ден грабежи и сл. па добро луѓето неможат се да постигнат наеднаш. Или неможат или државава е преполна со олош и тешко да се исчисти.

    Ајде да ја оставиме внатрешната политика на страна и ќе погледнам подалеку...чекај, чекај погледот ми застана на Грција, што ли се случува тука??? Мммм нешто добро се готви, некој компромис пак ќе ни сервира на маса искусниот готвач Метју Нимиц. Оф леле земјо Македонска, сега со Грциве ли имаш проблеми??? Добро де што дај им го името и нека пишуваат дека Македонија е Грчка провинција и што друго сакаат. Неможе??? А зашто неможе како може Србиве во Политички забавник да пишуваат дека Вук Караџич ја измисли кирилицата така и овие нека си пишуваат нешто. Ние сепак си знаеме кои сме и што сме.

    ’’Не е така се лесно деца’’- ќе речеше дедо ми а јас ќе си го гледав ко теле у зелена врата се додека не дознав колку се 2+2 или што значело тоа ембаргото од 1994 кое ја започна оваа шпанска серија.
    И така ние си играме држ не дај со Грциве, а тие само негативно ќе одговорат на секој наш обид да се смириме...Ехх сега сваќам што значи Гоце Делчев за Македонија а не сите овие наши квази политичари кои немаат храброст да кажат НЕ на Грција и ЕУ. А да се сменат со улогиве овие денешниве да се вратат у 1900 и нека прават компромис со турскиот аскер, а Гоце, Даме, Питу и другите да направат една влада па потоа да им покажат на Грциве кој кого поседува, чија е Македонија и како треба да се вика. Ќе смислат одма нова парола ’’Смрт или Македонија за уставно име’’ и со камата и ножот во рака ќе се кренат на востание.

    Но за жал ова е невозможно ни останува само и понатака да се надеваме дека Грциве ќе ни се смилуваат, и да се радуваме кога Боливија, Туркменистан и Азербејџан ќе не прифатат по уставното име.

    Се надевам дека ви се допадна и дека за момент го имав вашето внимание :) Благодарам :bow:
     
  14. Vitorija

    Vitorija Истакнат член

    Се зачлени на:
    28 февруари 2011
    Пораки:
    913
    Допаѓања:
    606
    Актуелни политички настани

    Ова не знам дали е за смеење или за плачење, кутрите дечиња кои мора да си го замисливаат Костадина кој станал, од гроба па уште и го јава сандакот :x :worried:

    (Биланс: на три странички – единаесет мртви (без никаква причина), едно станување на мувлосан мртовец од гроб, еден сандак претворен во коњ, еден изгниен мртовечки покров престорен во прекривка за коњ. И еден „среќен“ крај, „среќна“ средба на мајка и ќерка, кои завршуваат во мртовечки сандаци)

    Гробничка лектира
    Слушнете го ова: „Си била една баба, која имала девет машки деца и едно девојче. Се случило, та умреле осумте машки деца и од деветте останало само едно момче – Костадин и девојчето Тодија. Станал братот и ја свршил сестра си на далеку три месеца и три дни зад Црното Море. Најпосле ја омажил. Штом ја омажил и тој умрел“.

    Ова не е дискурс на некој морбиден говорник опседнат со смртта. Ова е сказна за лектира. И тоа за трето одделение, кога децата имаат осум-девет години. Време „идеално“ да ги плашите со масовен помор на деца, како во горниот извадок. Сказната се вика, во духот на плашењето со смртта – „Мртвиот Костадин“.
    Во четири реда има девет умирачки – на секој шести збор умира некој. Умираат девет деца, и тоа машки. Тешко тебе ако си машко дете и ако ја читаш лектирава. Ќе се прашаш зошто Господ повеќе ги мрази машките, оти, еве, и денес мажите обично пократко живеат од жените. И слични такви мисли ќе ти се вртат во главата. Ако си женско, ќе те фати уплав да не ти умре братчето, оти таква масовна поморија во едно семејство сигурно не била измислена и запишана во сказна тукутака. Освен тоа, во сказната се говори за смртта како за најнормално нешто, нешто што се случува секој ден, како појадок или ужина. Не се кажува ни од што умреле децата, како да е нормално да умираат. Како да станува збор за тоа дека прооделе (никој нема да праша „од што проодело некое дете“, ама секој ќе праша, не дај боже, од што се разболело или не дај боже, умрело). Девојчињата ќе извлечат заклучок дека најнормално е братот да поживее додека ја омажи сестрата, а потоа најнормално може да си умре!

    Прашувам: дали се ова теми за деца од осум-девет години, кога претставата за смртта сé уште не е изградена, и кога се јавуваат дури и панични стравови сврзани со евентуална загуба на најблиските во семејството? Кој ја избра приказнава и ја одобри за употреба за деца на таа возраст? Веднаш да се разбереме – приказната (случајно) му припаѓа на фондот на албанскиот фолклор и јас со ништо не ја потценувам нејзината вредност. Но, сакам да укажам дека таа не примерена кон возраста на децата што имаат ОБВРСКА да ја прочитаат. Можело да се избере и некоја друга приказна. Сигурен сум дека има и такви со помалку мртовци по глава на жител во семејството, а сигурно има и такви со спасување грабнати принцези, борби со ламји и слично.

    Приказната продолжува во истиот некро-шик стил, кој пласира пикантни мртовечки, гробнички детали: „Сите негови браќа, кога умреле, ги закопале во куќата, а само Костадина го погребале на гробиштата“. Прекрасно. Фантазијата на едно деветгодишно дете може да си направи филм дека токму под неговата работна соба лежи закопан некој костур од предците, кои очигледно си се закопувале по дневни, спални или работни соби, ако треба и по нужници. И оди остави го детето само дома, па чуди се какви необични стравови ти развива. Природно – и јас, кој имам петпати повеќе години, не би се согласил мирно да спијам врз нечиј гроб, или да си поставам работна маса врз него и да си читам лектири.

    Но, морбидноста на приказнава не завршува тука. Имено, мајката го колнела мртвиот Костадин што ја омажил сестра си толку далеку. И толку го колнела, што „му омрзнала на Бога и Бог го оживеал Костадина и тој отишол да ја доведе сестра си“. Браво. Тема на повампирување, токму како во брилијантниот расказ „Вампир“ на Петре М. Андреевски, ама тој расказ не е во лектира за трето одделение. Ќе речете – што попува овој, кога секоја вечер на телевизија има по некој хорор-филм во кој станувањето од гроб е најнормална работа. Да, ама тој филм не е задолжителен, а лектирава е. Телевизорот можеш да го исклучиш и да не гледаш, ама приказнава детево мора да ја прочита. Нејсе, тоа повампирување не е изведено тукутака, без шок-слики, кои како срчи се зариваат во свеста на детето и кое, најверојатно (од личен пример знам) ќе ги запомни за цел живот. Еве, имено што треба да ЗНАЕ (ах, знаење, ах моќ невидена!) едно деветгодишно дете за повампирувањето: „Костадин, штом станал од гробот, сандакот му станал коњ, а чаршафот коњска покривка и отишол така кај сестра си...“ Милина. Од арно поарно. Сите коњи на светов се всушност метаморфозирани мртовечки сандаци. Па можела да се најде и некоја друга сличност за да се опише механизмот на метаморфозата, ако веќе тоа било цел на воспитувачот/педагогот што ја одобрил приказнава. Можело во коњ да се преобрази некоја птица, што и да е, а не мртовечки сандак, кој не само кај децата туку и кај возрасните предизвикува ежавење уште при прв поглед. И, откако тие шок-слики ќе им се врежат на децата во свеста, нашиот Костадин, јавнат на мртовечки сандак што добил нозе, оди кај сестра му. Таму има уште неколку морбидни моменти, но најморбиден е тој што таа трипати (во народните приказни репетицијата обично оди до трипати) го прашува – зошто мириса на земја и мувла. Значи, овде имаме веќе и атака на назалната (мирисна) меморија на децата. Кажи ми како мириса нешто и јас ќе го замислам како да е тука, гласи една стара перцептивна вистина. Нема посилен верификатор на стварноста од допирот и од мирисот (допирот е највисоко на скалата на сетилата, кои гарантираат реалност, мирисот е втор, а дури потоа доаѓаат визуелните и акустичките перцепции, кои можат да бидат и лажни, односно – привиденија). Значи, едно осум-деветгодишно дете треба ДА ЗНАЕ (односно да го приопшти во својот нужен фонд на знаења за тие години) и податокот дека мртовците, особено по подолг престој во гробот мирисаат „на земја и мувла“.
    Интересно. Како да ги готват сите наши деца да работат на судска медицина, и тоа на ексхумации.

    Конечно, овој раскош од морбидности завршува во такво грозоморно крешчендо, што дури и возрасен човек добива желба да се изблуе. Откако ќе ја врати сестра си дома, Костадин пак ќе си легне во гробот со голем ќеф, небаре му купиле нов душек од „Словенија лес“. Тодија, пак, ќе тропне на вратата на својата мајка, сега веќе стара баба. Еве го „хепиендот“: „Во тоа време дошла Тодија и чукнала на портата. Бабата излегла на портата и зеле да се прегрнуваат и умреле и двете, таа однатре, а Тодија однадвор“.

    А? Кажете нешто сега. Не разбирате? Не разбирам ни јас. Во моментот кога се очекува хепиенд, момент на најголема среќа (мајката си ја гледа ќерката по која толку пекала), умираат и двете. И тоа на нејасен начин – едната умира „однатре“, а другата „однадвор“. Метафора за тоа дека човек може да умре и однатре, во психата, или лош превод? И ајде, ако и може деветгодишно дете да сфати дека може да се умре духовно без да се умре физички, како ќе го сфати умирањето „однадвор“? Ни јас не знам, со толку години. Да не се мисли можеби на наједноставното – дека бабата умрела од внатрешната, а Тодија од надворешната страна на портата? „Ќе мора да ја прашаме учителката“, си мислат сигурно децата.
    Биланс: на три странички – единаесет мртви (без никаква причина), едно станување на мувлосан мртовец од гроб, еден сандак претворен во коњ, еден изгниен мртовечки покров престорен во прекривка за коњ. И еден „среќен“ крај, „среќна“ средба на мајка и ќерка, кои завршуваат во мртовечки сандаци.

    Кажете нешто, сега! Кој вели дека нашето образование не ги кали нашите деца да се фатат во костец и со најстрашните ситуации во животот? Кој е доволно улав да го прочита ова, нема веќе да се плаши од ништо. Може без да му трепне окото да ископува мртви од гробови, да капе мртовци, да си разговара со нив, да ги душка и мириса, а кога некој ќе умре и ќе му соопштат – ќе каже „чудо големо“. Така се развива морбидната бесчувствителност. И нека не нé чуди потоа што младите сé почесто се убиваат меѓу себе. За нив лицето на смртта е секојдневие, затоа што не само што го гледаат на филм туку, еве, го има и во лектирите. И тоа уште во најрана возраст.

    Нашето образование е зрело за реформа од корен. Конечно, би требало некој да седне и да прочита што читаат нашите деца. Би бил среќен ако некој што го познава новиот министер за образование му ја испрати оваа колумна. Колку за да види дека има многу работа пред него.

    Авторот е универзитетски професор и писател


    Автор: Венко Андоновски
     
    На Bozica1980, De-lovely и Masnoli01 им се допаѓа ова.
  15. Offspring

    Offspring Форумски идол

    Се зачлени на:
    14 јуни 2010
    Пораки:
    7.166
    Допаѓања:
    26.998
    За користа од „малите глупави човечиња“



    Ги „пребирав црешите“ од купот редовни бестијалии на власта , дремејки на плажа , драги мои . Од редовната доза отровни хемикалии, кои власта ги испушта во почвата на јавноста, во обид трајно да ја дебилизира - кога јасно ми се издвои ( белким заради дистанцата ) корисната улога на „малите глупи човечиња“( во понатамошниот текст м.г.ч.), кои за власта ја вршат највалканата работа, оцрнувајки во јавноста дефинирана цел . Ако ги нема, не можеме толку јасно да ја согледаме намерата .

    Имено, на најновата пропаганда „Драматург“, изникната од смрдливата почва на дпмневската антиуставна лустрација, улогата на м.г.ч. јасно се тестира. Еден од тие мали глупи човечиња , кој патем пишува специјален жанр „дпмневска кољумба“ за еден исто таков весник , пишува дека „конечно маските паднале“ и поставува реторичко прашање - што понатаму ? Сега, демек, кога маските паднале...Па ламентира дека му станало јасно (што е контрадиктио ин адјекто, имено, како може било што да му стане јасно НЕМУ?) зошто транзицијата биле недемократска, зошто приватизацијата била таква... За да заклучи дека Македонија него го чекала да заврши факултет сто години и да се впушти во нејзина конечна демократизација.

    За да се воочи епистемолошката длабочина на глупоста на ова човече , важно е да се напомене дека дури и дпмневската Комисија за утврдување на вистината и фактите - следниот ден по објавувањето на обвинувачките бестијалии против еден човек - дематираше дека има било каков доказ (со сета релативност на тоа како дпмневци ги сфаќаат поимите и разликата меѓу факт и доказ), дека лицето за кое станува збор било соработник на службите за државна безбедност во било кој период. Овој факт-доказ-изјава-наредба, како веќе сакате. немаше улога, ниту влијание на навиеното м.г.ч.! Тоа во својата „кољумба“ продолжува да „лае на месечина“, за да го искористи до крај капиталот за бламирање на омразениот противник .

    Видете, драги мои, тоа е суштествената карактеристика на м.г.ч. - тие не функционираат на „шут“ од разумот, на идеја, инспирација, морален повик и слично - туку на шут во задницата! Така се програмира м.г.ч. , така се вклучува таа направа - со шут во задник почнува да меле и потоа на него нема влијание фактичката стварност, дали се променила, или светот се запалил - м.г.ч. меле се додека не го шутнат повторно во за него епистемиолошкото место, задникот, и не го исклучат.

    Јебига , затоа ни се важни м.г.ч. - да ни обзнанат што се одлучило , кого напаѓаат и дефамираат од смрдливите пазуви на власта. На плитката, заматена мисловна лушпа на м.г.ч. се огледа валканицата подготвувана од темната дупка на власта. На крилата на галебите и кормораните се лепи нафтата од загаденото море и тегавите плуканици на м.г.ч.

    Кога неколкумина од нив ќе зашутираат во задници и овие почнат да мелат - тоа значи пропагандна дека операција е во тек .

    Но сепак, за мене е интересен и дпмневскиот реторички ПАНДЕМОНИУМ, затвор (М.Фуко) , кој се контролира одозгора . Во него м.г.ч. вртат во лавиринтите на слепи канали, но одзгора им се приопштуваат на глинени плочки ( бидејки не се менуваат, ниту се абат било кога) реторичките „десет заповеди“. Нив треба да ги мелат или да ги научат наизус претходно, за да ги мелат секогаш и за било што .

    Патетично е барањето , апелот на м.г.ч. до јавноста, медиумите и опозицијата да ги третираат сериозно и со достоинство (бидејки лично се пратеници , новинари или партиски апаратчици), кога нивната партија ги третира како автомати кои се активираат со удар во задник и за кои се предвидени јасни „десет глинени заповеди“! Бидејки, тоа природно, ѓраѓански не е можно, ним им останува едиствено моќта и репресијата за да бидат чуени, заканите за да бидат третирани сериозно, апсаната и губењето работа и егзистенција на противниците - за да ги есапите дека се живи ! Тие влегуваат во филмот на негативната егзистенција , на не-битието, на злото како стварност, која треба да биде прифатена со утилитарниот факт дека предизвикува повреда на другиот !

    Нормално, во нивниот пандемониум, постои и фаустаовскиот лавиринт на канали за купување души. Таму талкаат исплашените, укмосаните граѓани, кои не го подигаат погледот угоре. Го слушаат преку ѕидовите на пандемониумот, екот на чекорите од маршот на малите глупави човечиња . Чекаат ова се да заврши, но се прашуваат - кога?

    Автор - Љубомир Данаилов Фрчкоски.


    [​IMG]
     
    На BoaVista му/ѝ се допаѓа ова.
  16. Masnoli01

    Masnoli01 Истакнат член

    Се зачлени на:
    31 мај 2010
    Пораки:
    180
    Допаѓања:
    218

    Бог нека ми прости ама се отепав од смеење и најстрашното од се е од кога ќе се изнасмеете ( како јас во случајов ) се осеќате настрано! Пробајте. жими Бога е така. Прв пат имав вакво чувство.....аиииииииии
     
    На Vitorija му/ѝ се допаѓа ова.
  17. Vitorija

    Vitorija Истакнат член

    Се зачлени на:
    28 февруари 2011
    Пораки:
    913
    Допаѓања:
    606
    ^^^Потполно те разбирам :worried: И мене ми беше така (сигурно заради мајсторски изведеното раскажување на авторот измешано со иронијата на настаните за кои на почетокот мислиш дека се невистинити), но потоа се замислив и кога ја сфатив приказната и целата таа ситуација со децата кои наместо да читат бајки со среќен крај, принцези и принцови и уништување на лошите вештери на пример, остануваат занемени и шокирани од информациите: какo МИРИСААТ МРТВИТЕ, КАКО МРТОВЕЧКИ САНДАК СТАНУВА КОЊ И МРТОВЕЧКИ ЧАРШАВ НАМЕТКА :worried: А МРТВИТЕ СПОКОЈНО СЕ ВРАЌААТ ВО ГРОБ, ОТКАКО ЌЕ ПОМОГНАТ ДА СЕ НАЈДАТ МАЈКА И ЌЕРКА КОИ НА КРАЈ УМИРААТ ВНАТРЕШНО И НАДВОРЕШНО :^) :fubar: :x
     
    На Masnoli01 му/ѝ се допаѓа ова.
  18. Offspring

    Offspring Форумски идол

    Се зачлени на:
    14 јуни 2010
    Пораки:
    7.166
    Допаѓања:
    26.998
    Не е колумна, но сепак, вреди да се прочита :)

    Али Ахмети ја поткусурува Македонија.

    Изјавата на Али Ахмети, лидерот на ДУИ и клучната фигура во албанскиот блок на македонската политичка сцена, „дека никој не може да гарантира мир во Македонија ако се подели Косово“ и дека Албанците од Македонија ке се организирале во таков случај, да ја остварат својата национална мисија за создавање голема Албанија или големо Косово, сеедно, со основа предизвика интерес следен со емоционални реакции: изненадување, навреденост, разочарување и гнев кај повеќето македонски граѓани. Албанците главно одмолчаа, освен неколку неграмотни обиди да се „оправда“ оваа изјава на лидерот, од аспект на „смирувачка порака“ ( Рамадани ) или насочена кон ЕУ и НАТО интеграциите?(Теута Арифи).

    ПОРАКИ СО ПОСЛЕДИЦИ

    Оваа изјава на А.Ахмети носи пораки надвор од нејзината утилитарност и
    контекстот во кој е дадена (кризата на Северно Косово) и политичар
    треба, да не кажам мора, нив да ги домисли и да е спремен да ја носи
    одговорноста за нив. Контекстот, пригодноста на пораката е старата
    особина кај Албанците од регионот да даваат екстремни изјави со цел
    да ја заплашуваат и да влијаат на меѓународната заеница во регионот да
    постапуваат промптно, во согласност со нивните интереси (кои се
    дестилираат главно на Косово, а другите ги следат со спинување). Таа
    тактика во минатото беше успешна и Албанците навикнаа на неа. Закани
    се со општа криза и ќе уследи акција на меѓународните фактори.
    Независно што со такви изјави се руши практично се што истите лидери
    во меѓувреме даваа како програма и ставови на внатрешната политичка
    сцена на државите во кои функционираа. Но, за разлика од „секогаш до
    сега“, оваа изјава на А.Ахмети е дадена во контекст на Македонија,
    која е кандидат за ЕУ и пред портите на НАТО (за кои наводно Албанците
    најмногу се заинтересирани) и во контекст на десетгодошнината на
    Охридскиот рамковен договор, кој го „прославуваа“ повторно наводно
    најжустро баш Албанците.
    Какви последици има овој став на Ахмети врз тие процеси ? Никаков, ќе
    речат Алкбанците и ќе ни намигаат да разбереме дека е дадена во
    контекст на Косово, како реторичен протисок врз странците и сл. Од
    друга страна, ќе има редовен излив на омраза (екстремните дпмневци) и
    општа резигнација. На прв поглед, изјвата е мошне девастирачка за
    тонусот на меѓуетничките односи. Албанските политичари не се деца , на
    кои треба да им се прости истурањето млеко по асталот, секогаш кога не
    им е по ќеиф. Барем се доволно возрасни да ги разбираат премисите и
    консеквенците во политиката од своите изјави. Кои се тие во овој
    случај?

    НАВРЕДА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ

    А. Ахмети во изјавата вели дека позицијата на Албанците во Македонија
    не зависи (како што упорно тврдат од ДУИ сиве овие години) од
    статусната позиција на албанската заедница во општеството и од борбата
    за права – туку од состојбата во Косово !? Се за што се бореле, во
    правна смисла, може да се сруши во еден едиствен миг (и А. Ахмети се
    согласува дека е тоа така и го одобрува тоа), ако кризата на
    пунктовите Јариње и Брњак (и такви некои ебени места) се прошири во
    криза за поделба на Косово .
    Тој вели, имено, дека се за што се залагал на изборите , неговата
    програма, јавните изјави за името, за важноста од зачленувањето во
    НАТО ЕУ - се неважни и можат за миг да се претворат во прав, пред
    фактицитетот на Брњак и Јариње во Косово?! Каков е тој политичар што
    вели вакво нешто?
    А. Ахмети при тоа ја третира својата држава Република Македонија како
    територија за ПОТКУСУРУВАЊЕ. Имено, со изјавата вели дека залагањето
    за Охридскиот рамковен договор на ДУИ и лично неговото - НЕ ВАЖИ, или
    е само тактичко, привремено, бидејки не зависи од принципите и правата
    запишани во тој договор и од нивното остварувањето, туку од состојбата
    на Косово!? Во случај на влошување во Косово, ќе треба нов договор,
    кој ке определи Македонија како федерација или за потполна поделба на
    државата – реализација на „албанските национални права“.
    Со тоа Ахмети вели дека што и да правеле Македонците, колку и
    толерантни да биле, какви и добри, релаксирачки меѓуетнички односи и
    права да договориле со Албанците во Македонија – сето тоа е фарса и во
    зависнот од моментот на стабилноста на Косово. Тоа е исклучително
    фрустрирачка ситуација за секој граѓанин на Македонија ( независно од
    оправдувањата за изјавата). Тоа во основа е НАВРЕДА кон другите
    граѓани, дека тие се во функција на „албанските национални права“ и
    живуркаат во оваа држава, се додека не се случи криза во Косово.
    Дали А. Ахмети ги третира нееднакво другите граѓани на Македонија?
    Дали сака да ги навреди и понижи – дека нивните национални аспирации
    се помалку важни или небитни ? Или дека нивното залагање за еднаквост
    на ѓраѓанските права е фарса, во споредба со лебдечките, заканувачки,
    сеприсутни “албански обединувачки нацинални права“? Дали сака да каже
    дека е лицемер до граница на хипокрит, што се однесува за борбата за
    права на Албанците и нивната еднаквост во македонското општество ?

    ФРОЈДОВСКА ГРЕШКА

    Долго Албанците во Македонија користеа еден аргумент, кој ми се чинеше
    издржан. Абдурахман Алити, Ким Мехмети и други ми велеа дека
    Македонците се однесуваат во оваа држава како „домаќини“ и ги
    третираат Албанците како „гости“, на кои тие им даваат права. Дека тоа
    неприфатливо стојалиште и дека ова е еднакво нивна држава, во која тие
    си ги имаат правата и никој не им ги дава или зема... Тоа ми делуваше
    перфектно во ред и заедно се залагавме за нивната позиција, на безброј
    трибини и јавни настапи.
    Сега, А. Ахмети, со оваа изјава, ги става своите сограѓани Албанци
    повторно во позиција на „гости“ во Македонија како демократска држава.
    Гости со контејнери бензин, спремни да ја поделат, да ја запалат , ако
    Косово е во криза, ставајки ја во позиција на земја за поткусурување
    на нивните национално-обедителни, етно-колективистички позиции.
    Сево ова се легитимни прашања кои можат да му се постават на овој
    „одговорен“ политичар на Албанците во Македонија, за кој сметавме дека
    е поориентиран кон европеизација на државата од неговите владини
    колеги од ДПМНЕ. Јебига, драги мои, постојано се спротиставував на
    ставот на еден мој албански пријател. кој велеше, а и сега вели, дека
    Грујо и Али си се заслужуваат и се смееше како тоа јас не го разбирам!
    И двајцата се јавачи на апокалипсата на пропаѓањето на Македонија
    како граѓанска демократска држава и во овој територијален состав.
    Едниот држејки ја надвор од НАТО и ЕУ и менувајки го македонскиот
    идентитет во небулоза на несловенски , античкомакедонски, а другиот
    ставајки ја како жртвеник - територија за потксурување на Косово.
    Како што, со фројдовска грешка, вели еден „браон уредник - увлакач“,
    тие се влада на целосен, вистински државен дисконтионуитет на
    Македонија како држава.

    Љубомир Д. Фрчкоски
     
  19. papilona

    papilona Истакнат член

    Се зачлени на:
    13 август 2011
    Пораки:
    177
    Допаѓања:
    144
    Писма до душевадникот

    П ред една седмица, колеги-професори по мејл ми испратија еден чуден образец, уште еден во серијата апсурдни обрасци што ние, граѓаните (овој пат професорите) мора да ги пополниме, да ги ПОТПИШЕМЕ и да ги вратиме. Во стил на општествата во кои бирократијата целосно се има одметнато од власта и функционира како држава во држава, образецот си има и свое „војничко“ име – тој се вика „Образец ЈС-1“. Ова ме потсетува на некогашната ЈНА, во која за сé си имаше кратенка – сиво-маслинестата боја се викаше СМБ („ес-ем-бе“), прирачникот „Правило службе“ се викаше ПС („пе-ес“), командното место се викаше „ка-ем“ и слично. Очигледно (а тоа е интересна тема за психолингвистичко истражување), абревиациите (кратенките) имаат исклучително силен психолошки ефект врз луѓето: симболизираат ред, организирана држава и поредок, а инспирираат послушност и страв. Така и со образецот ЈС-1: неговото „архивско“, скратено име е добиено со земање на првите букви од два збора: јавни службеници. Меѓутоа, застрашува она „повлака 1“. Значи, ако е ова образецот 1, ќе има уште. Држете се добро!

    Во придружното писмо кон образецот испратен до професорите стои: „во согласност со членот 82 од Законот за јавни службеници (“Сл. весник на РМ“ бр. 52/10 и 36/11) сите вработени на нашиот факултет како ‘вработени што вршат работи од јавен интерес во дејностите образование’ (членот 3 од истиот Закон) се должни да се евидентираат преку пополнување на Образец ЈС-1, кој содржи општи податоци за јавниот службеник. Образецот треба лично да го пополни секој вработен и со својот ПОТПИС ДА ГАРАНТИРА ДЕКА ПОДАТОЦИТЕ СЕ ТОЧНИ“ (истакнатото мое).

    Е па, драги мои, да видиме кои тоа податоци би можел јас како професор да ги фалсификувам. Прво – име и презиме. Зошто би се претставил под лажно име и презиме? Па јас не сум убиец во бегство, туку редовен професор. Второ, датум на раѓање. Зошто би го фалсификувал? Да е државата згодна жена што сакам да ја однесам во кревет, можеби и би се претставил помлад, ама не е. И сé така, глупост до глупост, апсурд до апсурд: генералии што правната служба на мојот факултет ги има во секое време, а богами и државата, затоа што стопати сме пополнувале вакви и слични „државно обврзни“ обрасци со податоци. Ама, сепак, овој пат за тие податоци се бара МОЈОТ ПОТПИС. Од кои причини?

    Причините за тоа се две. Прво, уште во насловот стои дека тоа е документ за евиденција на јавни службеници. Како првпат да евидентираат кучиња-скитници, прости ми боже. Но поважното е дека во законот, на ептен мала врата, со пинцета е протната формулацијата што и горниот извадок ја цитира – дека и професорите се јавни службеници, односно се дел од јавната администрација. Тоа е дел од долгоподготвуваната стратегиска акција за деградирање на професорската фела, која, за жал, станува константа на оваа власт. Со векови професорите биле професори, сега стануваат службеници. Помнам, како дете, кога нé прашуваа што работат родителите, под „службеник“ си се подразбираше човек што чесно си ја врши својата работа во сметководство, правна служба, банка, зад некој шалтер во општина. Ама никогаш не се подразбираше професор под службеник.

    Зошто на власта и е толку важно да признаам дека сум јавен службеник, кога таа веќе во законот на мала врата ме прогласила за службеник што врши работи од јавен интерес? (Едно е да вршиш работи од јавен интерес како што е образованието, сосема друго е да бидеш службеник-административец, ама на такви перфидни деноминации веќе се навикнавме и отрпнавме, со ваква и волку метастазирана бирократија). Затоа што половина од моите анестезирани апатични колеги и не знаат за тој закон. Си молчат, не изнесуваат јавно никакви ставови, и сега преку овој образец всушност државата ќе ги извести дека се ДЕНОМИНИРАНИ, односно преименувани во службеници. Потоа тие ќе се лутат, ќе озборуваат во мали групи по канцеларии и ќе се жалат колку е власта безумна. Веќе видена приказна.
    Малограѓанска наместо револуционерна реакција кај најсвесниот дел на народот – интелигенцијата.
    Втората причина поради која толку многу државата копнее по мојот потпис на овој документ е што таму во една графа треба да напишам припадност кон заедница. Токму така стои, без никакво појаснување. Така што секој може да си пише што сака – месна заедница Влае, Исламска верска заедница, Заедница на возачи и слично. Шегата настрана – тоа е сериозна стапица. Ако професорите и можат да се деноминираат (преименуваат) во службеници, тогаш македонскиот народ никако не смее да се деноминира само во „заедница“. Не сакам да верувам дека тоа е целта на овој документ. Но првата деноминација е поопасна – ако професорите станат дел од јавната администрација, за нив ќе важат сите закони за администрацијата (дури и оној за „правична застапеност“ на „заедниците“), со што автоматски се суспендира основното начело на секој универзитет во светот, од почетокот на светот и векот – автономијата. И тие обиди веќе ги видовме во претходниот владин состав.

    Освалд Дикро, еден од најеминентните проучувачи на темата „потпис“, во својата теорија на искажувањето покажа дека во самиот чин на ставање личен потпис на документ чиј составувач е некој друг и анонимен – постои опасност од манипулација, од самокондемнација и самосегрегација. Јас не го знам идентитетот на оној што го составил тој документ, а тој од мене бара со својот потпис да му го подарам мојот идентитет и да го „присвојам“ напишаното како своерачно напишано. Затоа силните индивидуалци чувствуваат одбивност кога треба да потпишат колективно писмо, манифест, пристапница кон партија. Според Дикро, има две можности при потпишувањето. Кога од лихвар земам пари, потпишувам документ во кој со мојот потпис гарантирам една вистина – дека сум зел пари од лихварот. Но во случајот со ЈС-1 – јас со мојот потпис не оверувам вистина, туку лага – дека сум службеник, односно дека и припаѓам на јавната администрација.

    Да ве потсетам на една маестрална реченица од романот „Црно семе“ на Ташко Георгиевски. Таму, од група заточени Македонци, грчката диктатура бара да потпишат дека се комунисти, иако повеќемина од нив воопшто и не го знаат значењето на зборот. Тоа се обични селани што немаат никаква врска со политиката. Сепак, некои од нив потпишуваат затоа што им е ветено дека ќе бидат ослободени од пеколните маки на голиот остров, под услов да потпишат. Со тоа тие и даваат легитимитет на една лага. Тоа значи дека кога некому му е одземена слободата, може да му се изнуди потпис за каква и да е лажна и фингирана ситуација. Главниот лик, Доне Совичанов, сепак не потпишува. Не дека не сака да биде ослободен, туку има еден здрав, селски, природен, логичен резон – „Ајде потпиши дека си магаре кога не си?“

    Да заклучам, во стилот на турската популарна серија „Од мене татко не бидува“. Од мене службеник не бидува. Ни магаре. Ако веќе ме прогласиле за магаре, нека не ми бараат да потпишам дека сум. Копитата служат за клоцање, не за краснопис.

    Авторот е универзитетски професор и писател


    Автор: Венко Андоновски
     
  20. Vitorija

    Vitorija Истакнат член

    Се зачлени на:
    28 февруари 2011
    Пораки:
    913
    Допаѓања:
    606
    Иднината е во младите велат, но кој е одговорот на младите во ова хаотично секојдневие. Ќе одговара ли некој, се грижи ли некој што нашава младина испраќа ваква слика на погрешни перспективи и заборавени вредности, извештачени особини и рамнодушност кон иднината. А за иднината и нивните цели ретко и кој мисли и се чини најчесто може да се слушне "Кој како ќе си ја нареди" А на кој начин ја "редат" тие си знаат. Жалоснен и мачен е заклучокот од оваа колумна, за него сите зборуваат но никој ништо не прави. А тие што треба да направат изгледа не слушаат. Сепак останува надежта дека не е доцна за да биде подобро.

    Школите, црквата и невоспитаноста

    Ако ученикот го доживува професорот како некој „рамен на себе“ или, уште полошо, како „должник“, и тоа во институцијата во која се должни да станат кога ќе им се каже, зошто тогаш јас би очекувал истите тие деца, надвор од училиштето, да ми станат мене, во автобус?



    Кога говориме за одгледувањето на младите луѓе, ние најчесто говориме само за образование. Неосетно, низ годините, онаа „старомодна“ синтагма „воспитно-образовна институција“ се претвори во „образовна институција“. Воспитанието се пресели, како и многу други мртви вредности, во речниците со културни архаизми.

    Со градски автобус се немам возено многу одамна. Минатата седмица морав. Бев претоварен, затоа што попладнето, по часовите, морав веднаш да заминам на пат. Во автобусот беа само средношколци.
    Немаше постар од мене. Немаше понатоварен од мене. И нормално, никој не стана да ми отстапи место.
    И кога ние бевме средношколци, не станувавме баш многу. Ќе се најдеше по некој, ако се сожалеше. Но она што ме изненади беше една крупна промена: сите тие девојки и момчиња гледаа во мене рамнодушно. Ние, кога ќе настанеше таква ситуација, да влезе постар и уште натоварен човек (знаевме и да опцуеме во себе – „кај најде сега стариов да влезе, што мајка бара толку рано“), применувавме друга тактика – се преправавме дека замислено гледаме низ прозорците. Тоа ни даваше алиби за тоа што не стануваме. Денес тоа го нема – го нема чувството на срам, затоа што никаде го нема чувството за овластен, институционален дискурс, на кој се темели севкупното воспитание.

    Кога воспитувачот или професорот ќе му нареди на ученикот да стане, тој тоа ќе го стори, затоа што професорот, со непишан договор е институционално овластен да го побара тоа од својот ученик, а овој е институционално должен да го стори тоа. Ако ученик побара од ученик да стане, овој не мора да го стори тоа, затоа што ученикот не е институционално овластен за таква команда. Исто како што, ако професорот побара од ученикот да се соблече или самиот да си влепи шлаканица, тој не мора да го стори тоа, затоа што институционалните овластувања на говорникот не досегаат до таму.

    Проблемот и припаѓа на една лингвистичко-прагматска дисциплина, која се занимава со општествената положба на говорниците и на институционализираната моќ на зборовите што ги изговараат. Таа ни укажува дека секој што сака да влезе во некаков институционален ред (државата е врв на таа организираност), мора да ги знае овие непишани правила, за да може да функционира. Ако некој не ги знае тие правила, останува надвор од институциите, односно – останува надвор од таа култура. За него се вели дека е неодгледан, некултивиран, односно – невоспитан.

    Еден мој пријател, професор во едно стручно средно училиште, неодамна доста разочарано ми говореше за истите нешта – дека учениците веќе одбиваат дури и да станат кога тој ќе ги повика да одговараат. Кога го прашав зошто е тоа така – одговорот беше дека „системот е целосно паднат“. Ми раскажуваше дека некои од учениците, преку своите родители, успеале да ја „поминат“ институционалната граница меѓу професор (воспитувач) и ученик и дека поради тоа учениците веќе не ги доживуваат професорите како институционално овластени говорници, кои од нив бараат да исполнат нешто. На прашањето – како се случило да се помине непишаната граница меѓу ученик и професор, одговорот гласеше – преку разни услуги. Некои родители на училиштето му помогнале со спонзорства, купување клима-уреди, телевизори и наставни помагала, со реновирање санитарии, а на некои професори им правеле и приватни услуги. Тоа нивните деца го сфатиле како нивен личен влез во институцијата, па професорот веќе не го доживуваат како овластен (делегиран) претставник на институцијата, туку како – должник, односно како приватен говорник, кон кого немаат институционални обврски.

    Ако навистина е така (а факт е дека сé поголем број училишта, особено основни, упатуваат апел за помош до родителите), тогаш не треба да нé изненадува тоа што институциите задолжени за воспитување и образование и нивните делегирани претставници го губат својот авторитет. Ако ученикот го доживува професорот како некој „рамен на себе“ или, уште полошо, како „должник“, и тоа во институцијата во која се должни да станат кога ќе им се каже, зошто тогаш јас би очекувал истите тие деца, надвор од училиштето, да ми станат мене, во автобус? Таму немаат ни формална обврска да го сторат тоа.
    Единствено нешто на што можам да се повикам за да станат самите е – нивната совест или сожалување кон претоварен патник што стои. Но совеста и сожалувањето ги нема, затоа што претходно не се изградени во воспитната институција. И ако ги има, ќе ги има затоа што можеби некој во семејството (кое е прва „институција“) им ја создал таа категорија. Ако не – никому ништо.

    Црквата има интересна позиција тука. Ако кажеме – добро, нормално е, со падот на социјализмот и преминот кон капитализам се урна цел еден систем на вредности, а новиот систем е сé уште во изградба, тогаш изгледа дека навидум можеме да ја оправдаме ситуацијата како нормална. Капиталистичкиот модел донесе економски тип на размислување. Можно е оние ученици да размислуваат вака: „Зошто би станал, кога и јас и претоварениов плаќаме билет?“ Меѓутоа, никогаш нема да заборавам еден престој во Полска. И во Полска падна системот, па сепак, кога со еден постар колега се качивме во јавен превоз, станаа неколкумина млади луѓе, за да му отстапат нему место. Кога попладнето поминавме крај една катедрала, бевме изненадени од бројот на луѓето што чекаа ред за да влезат во неа. Малку потаму видовме ред и пред една книжарница и јас конечно се уверив дека тие приказни за редови пред книжарниците не биле митови. Значи, ако веќе говориме за црквата и нејзиниот влог во образованието, мисам дека треба да направиме корекција – да говориме за нејзин влог во ВОСПИТАНИЕТО. Ако оние деца од автобусот не стануваат во име на некаква институција, можат да станат во име на БОГА. Имам впечаток дека црквата не ја користи доволно својата моќ за морално да го воздигнува народот. Затворена во себе, во своите хиерархии и институционализираност, таа не излегува меѓу народот. Мајка Тереза велеше дека ако народот не доаѓа во црква, служителите на Бога треба да појдат кај народот. Затоа и целиот свој калуѓерски стаж го помина не во манастир, молејќи се за спасение само на својата душа, туку на улиците на Калкута.

    Друго прашање е што државата ќе мора да се погрижи да им го врати авторитетот и на воспитно-образовните институции. Тоа треба да биде сериозен и долготраен проект. Како садење дрво: колку побрзо се засади, побрзо ќе даде плодови. Одложувањето на садењето значи пролонгирање на периодот на чекање на првите плодови. Еднаш мора да се почне, без разлика колку изгледало дека е доцна.

    Авторот е универзитетски професор и писател


    Автор: Венко Андоновски
     
    На irenna му/ѝ се допаѓа ова.