Темата ја создавам за да поразговараме и да си олесниме како полесно да ја пребродуваме оваа ситуацијата така наречена Monday Anxiety. Верувам дека кај повеќето од нас се појавува (поретко или почесто) и добро би било секој кој се соочува со ова да сподели искуство со ова. Понеделничка Анскиозност е поврзана со тоа што Понеделник како ден, кај многу луѓе предизвикува голем стрес. Ова е ден кога луѓето се враќаат на секојдневните обврски (работа/училиште/факултет) после викендот и тоа им предизвикува стресна ситуација, анксиозност дури и мали панични напади. Ова дури и се појавува и кај луѓе кои немаат одбивност према работата или останати активности што не значи дека таа анскиозност произлегува од самата активност. Мене конкретно во Недела вечер ми се ствара огромен стрес и најчесто се трудам да испланирам се унапред (облека, превоз, храна) за во Понеделник за да го намалам тоа чувство. Не сум мрза, сакам да работам ама ете се борам со тоа чувство шо почнува од Недела и трае цел Понеделник. Како вие се справувате со ова чувство, ситуација, емоција? Sharing is caring.
Многу зависи од фазата во животот и ситуациите низ кои минуваме. Секако влијаат многу фактори но најмногу мислам дека влијае изборот на работно место,колку сме исполнети при вршењето на работата(ако имаме одбивност тоа низ годините ќе стане вистински проблем не само во понеделник туку и воопшто цели недели и месеци). Долги години поминати на исто работно место во иста канцеларија создаваат и анксиозност,депресија и се помала продуктивност и мотив. Секако во државава не е сјајна економијата па да се прават чести промени во тој поглед. За да се избегне понеделничка анксиозност пред се треба да се има некој план за во текот на денот какви работни обврски ќе се преземат,да се бара мотив и желба за работа. Обично позитивниот стрес и планирањето на денот и неделата донекаде можат да помогнат. Но најбитно е како сме сетирани и како ги доживуваме настаните во секојдневието и окружувањето.
И јас мислев првично дека е до работната атмосфера и луѓето па после 2 и пол години работа се префрлив во друга фирма..пак ме следи истото чувство..некогаш дури се прашувам дали навистина треба оваа професија да ја работам штом вака секогаш се осеќам.. Можеби ако би работела нешто друго можеби нема да е така.. Но, сепак претешко е да се сврти се и да се почни од почеток да се бара коренот на проблемот.
за темава. Иако немам тешка работа или правам нешто што би ми предизвикало стрес, сепак имам понеделничка анксиозност и мислев единствена сум со овој психолошки проблем, ама ете не сум била. Исто и јас гледам се да ми биде спремно однапред, дури правам план и за останатите денови од неделата. Ништо до сега не ми помогнало за да се справам со ситуацијава, и самата помисла ми предизвикува панични напади.
И јас никогаш не сум го сакала понеделник. Уште од основно училиште ми беше кошмар ден. Но, мислам грдото чувство за понеделник ми почнуваше уште вечерта во недела, кога спремав ранец, кога се бањав, местев аларм и мислев леле утре кој ќе стане толку рано, 5 дена наредни колку обврски ме чекаат, толку тестови, испрашувања, а овие 2 дена што убаво си одморив колку толку. И сега ми е исто само што некогаш на факс знае понеделник и да ми е слободен ден, па понапорен да ми е среда на пример, така таму префрлам стресните мислите исто ко што ми беа порано за понеделник. Не е ни до омраза на работа, не е ни до денот, туку сум приметила потсвесна мисла дали претстојните обврски ќе ги завршам како што треба е, нешто од перфекционизмот мој што произлегува. Повеќе мислам на се што треба да направам цела работна недела и тоа ме напнува. Некогаш ме релаксира ако во тој напорен ден (без разлика дали е понеделник) испланирам за вечерта во слободното време некоја активност што ја сакам, па си планирам да ја правам неа и така мислите таму ги пренасочувам, малку ми се разубавува мислата за денот, да не сум толку напната и под некој чуден стрес.
Баш синоќа се соочив со ваква анксиозност. Не бев на работа и минатата недела некој ден и ми се собраа повеќе денови дома. Се беше ок, до моментот додека не си легнав. Неможев да заспијам и денес сум едвам некои 3 саати спиена. И кога осетив дека не можам да заспијам уште толку се изнервирав, зошто знаев дека ми требаат одморени ум и очи за денес да можам да си ги завршам планираните работи. И утрово го одложував станувањето, не толку од што се осеќав ненаспана, и не дека тие 5-10-15 минути многу разлика ќе направеа и ќе бев поодморна, туку зошто сакав да останам дома подолго. За малку ќе задоцнев на работа. Во мојов случај мислам дека одмогнаа следниве нешта: - долгото седење дома претходно, се привикнав на тој ритам и не сакав да излезам од зона на комфорт - тмурното и ладно време ме одвраќаа од желбата да излезам од дома - не станував викендов во исто време како работните денови, туку поспивав - немањето информација дали во мое отсуство некој ги сработел работите што останаа или ме чекаат мене во понеделник, што ми е дополнителен стрес - предоцна вежбав вечерта и се раздвижив и расонив пред спиење - тоа што не ги исклучив мобилниот и телевизијата и не се обидов да се исклучам и опуштам Инаку ова што го пиша @Dream-Girl дека помага да си испланираш некоја активност во понеделник вечер, која со задоволство би ја исчекувала навистина е добар совет. Едно време следев серии кои имаа нова епизода баш секој понеделник вечер и со задоволство го чекав понеделникот и му се радував. Го организирав времето се да завршам пред да ми почне серијата за да гледам на раат. Читав дека помага и да си направиш план за работните активности што те чекаат во понеделник, уште во недела и да го напишеш на хартија. Може да се сосем мали задачи, и не мора да се само работни, може да се и некои приватни работи ама наводно нивното забележување прави разлика. Не знам искрено дали тоа би ми помогнало или одмогнало. Што мислите вие за тоа? Јас мислам дека тоа наместо да ми помогне, ќе ми одмогне. Се нервирам ако треба за викенд да мислам на работа. Имаше еден период во мојот живот кога дозволив да ме оптоваруваат премногу за викенд од работа и воопшто вон работното време (и тоа неплатено), тоа постепено стануваше се подолго и почесто, додека не прегорев. Тоа ми беше добра лекција да не дозволам такво нешто повторно. Така да имам одбивност кон воопшто и да мислам на работата кога сум слободна или кога е викенд. Сакам тотална дисконекција за да наполнам батерии. Подобро го поднесувам почетокот на работната недела ако сум одморна.
@Cosmic Girl јас и водам таков планер, уште од средно ми е навика, продолжив и на факс. Викендот за цела наредна недела правам план на обврски. Ама планирам и освен задолжителни обврски и слободно време и пример тоа време да одам на шопинг, на кафе, да вежбам, да гледам нешто, па така планерот кога го гледам дека има и убави слободни обврски освен задолжителни задачи исто малку ми помага да се радувам бар малку за новата работна недела.
Со сите се сочуствувам. Јас некогаш во Понеделник си договарам кафе на некое по cosy местенцe со другарка приквечерина за да се опуштиме малку. Денес пошто и времево дополнително ми влијај си земав бургер да јадам за да се усреќам
Мислев само јас сум вака. Секоја недела навечер ми е така. До 2 -3 не можам да заспијам. Инаку сум интроверт, и кога доашам од работа се осеќам емоционално исцедено.
Јас немам проблем со понеделниците. Си ја сакам работата, уживам во неа и не ми претставува никаква потешкотија. Не паметам ни порано во средно или во текот на студиите да ми пречеле.
Мене не ми е поврзано со тоа колку си ја сакам работата. Исто ми било и во школо и на работа, без разлика каде работев. И дете кога бев петок ми беше омилен ден зашто за мене беше слобода. Милион идеи што да се прави, која од која ми се позабавни, а толку малку време. Завршуваше во петок школото и забавата почнуваше. И сега исто така се осеќам во петоците. Самиот циклус кој се повторува, работни денови->викенд мислам дека не прави такви. И гледаш дека се вртиш во круг ама не можеш да излезеш од него. Уствари и сами намерно влегуваме во него, сакаме да сме во тркалото, зошто сакаме да работиме, да заработуваме, да си ги оствариме амбициите и да сме корисни. Истовремено уживаме во возењето ама и сакаме да се симнеме. Мозокот не зафркава, мислам, не саботира самиот.
Потсвесно е затоа што не ја сакаш обврската што ја имаш и порадо би правел нешто друго, би уживал како во слободните денови. Би се наспал, како за почеток. Ако викендите ти се слободни, помага ако во сабота истераш кејф со некоја активност, а во недела одмараш цел ден по дома, во најудобните тренерки, книгиче, добар ручек, туш, филмче, лагано. Помага ако имаш вечерна рутина. За мене (поради несоница) долго време изгледаше вака: ламба со етерично масло од лаванда, книга, боса нова џез и чај од маточина. Добри 2 саати пред спиење, убаво да се релаксирам. Помага подкаст. Многу сакам да слушам подкастови, па секогаш ден претходно си спремам нешто интересно за слушање утредента наутро. Лично ми помага што "Ear Biscuit" пуштаат епизода во недела, па ја слушам во понеделник, ептен позитивно ме расположува. Помага ако имаш утринска рутина. Кога идев на работа секое сабајле откако ќе се спремев, пред да излезам од дома, медитирав 5 минути. Само толку колку да се фокусирам, да се конектирам со себе, да си ја зацврстам самодовербата, да се опуштам ментално. После тоа по пат подкасти, една до две пократки епизода со охрабрувачка содржина.
Сите ритуали што ги правам во недела мислам не се доволни за понеделникот. Освен понеделник, средата најчесто знае да ми падне тешка. А нема врска ова ни со работа, ни да имам посебна причина. Едноставно и најсупер да сум си поминала, деновиве пак не ми се омилени.
Да, средата е половината пат. Колку што си поминал, уште толку те чека работа пред тебе. Далеку се викендите и пред тебе и зад тебе. Затоа е толку „тежок“ ден. Препорачуваат да направиш мали промени во секојдневните рутини за да ти биде тој ден бар малку поинтересен, позабавен и со тоа и полесно да го поминеш.
Можеби следново е малку вон темата, ама е поврзано со неа. Во психологијата постојат истражувања за биолошките ритами, како дневните и неделните ритами на луѓето и на учениците, како варира во 24ч. или во една недела енергијата и концентрацијата. Со тие истражувања се добиени сознанија во кој дел од денот/неделата е најпродуктивен работникот или кога најдобро учи ученикот и се применува во правењето на распоредите и организацијата на задачите. Нормално, се со цел да се зголеми продуктивноста ама и за да се најде некаков оптимум во функционирањето кој ќе биде добар и за работникот/ученикот и ќе одговара на неговиот биолошки ритам. Суштината е да се запознаеш со своите циклуси, ако треба и да си правиш сам на себе опсервација и да си водиш евиденција за да видиш кога тебе ти е енергијата долу, а кога горе. Па наместо да работиш дополнителни часови, да работиш во вистинските часови. Односно, да се ангажираш повеќе во периодот на висока енергија, а да се одмораш тогаш кога немаш енергија.