Сите сакаме да сме среќни. Сите се стремиме кон тоа. Можеби среќата не значи исто за секого, но заедничко за сите нас е што сакаме да се чувствуваме така. Од друга страна, велат дека животот е круг. Денес е добро, утре не. Денеска денот е прекрасен, за утре не се знае. И така натаму. Ќе зборувам за себе лично, а би сакала да го слушнам и вашето мислење. Кога и да ми се случи нешто добро, јас се плашам да се радувам. Се плашам дека со тоа ќе "придонесам" за да се смени ситуацијата. Дека зад аголот демне нешто не толку убаво. Овие мисли знам дека ми се поврзани со анксиозноста. Не сум суеверна, не верувам во никаква виша сила, но кога станува збор за ова не можам да размислувам разумно. Загрижена сум за се' и сешто. дури и за нешта за кои знам дека немам влијание. Природни катастрофи, политичка ситуација, каква било вест што ќе ја прочитам/слушнам. Сметам дека со постојаната загриженост придонесувам да не се случи најлошото. Како да се подготвувам за секој случај, ако ништо друго, барем да имам план. Звучи апсурдно и знам дека не е така. Фрустрирачки е да не можеш да се опуштиш и да се израдуваш, само поради стравот од иднината, од постојаното прашање што ако? Имате ли вие вакво искуство и како се справувате со тоа? Дали и' се препуштате на среќата и уживате тука и сега, или пак живеете со страв од иднината?
Во слична ситуација се наоѓам честопати и јас. Во смисла, како смеам така да се опуштам кога баш во тој момент кога не размислувам на ништо друго, може да се случи нешто, па поради мојата непретпазливост не можам да го спречам или сум можела предвреме да „имам предвид“ дека таквото сценарио е можно и ќе сум била на некој начин „спремна“ на тоа, па соодветно на ситуацијата да изреагирам што е можно побрзо. А нели, кога нешто ќе се случи, и да сакаш, не можеш да го вратиш времето назад и да го спречиш. Мислам дека клучна улога тука игра минатото искуство со вакви ситуации што влече последици. Можеби поради чиста случајност две ситуации сосема спротивни една на друга се случиле едноподруго, па тоа не' тера да мислиме дека има некаков шаблон: после секој среќен момент следат три несреќни што ќе те треснат од земја и ќе те натераат да се каеш што си се опуштил кога едноставно си можел да бидеш on alert. Да предвидиме не можеме, а со страв и трепет цел живот да го живееме не може исто така. Факт е дека не можеме да спречиме нешто да се случи во иднина, ама барем оние среќни моменти да ги уживаме во потполност. Самото чувство на анксиозност убива, не дозволува да го доживееш секој момент во полн сјај. Можеби сме само желни за контрола, чисто да сме сигурни дека се' ќе биде мирно и во ред, но постојат фактори од околината што најверојатно ќе ни влијаат, а секако се вон наша контрола и со тоа не можеме да управуваме.
И јас се плашам кога сум среќна. Затоа што многу пати онака од срце кога сум среќна и ќе се изнасмеам, мора после нешто да ме тресне и да ми ја уништа радоста Си велам немам ли јас право да бидам среќна и да се насмеам, зошто мора тоа да ми се случува
Порано имав малку страв од среќа ама сега веќе не... Сега ми е јасно дека и среќата и тагата се минливи, поминуваат по одредено време... Моментално баш сум во период кога сум среќна и решив да уживам во истата, се додека не помине истата и се така во круг. Всушност тоа и е животот, составен од подеми и падови, среќа и тага.
Јас ти ги читав и другите мислења во врска со ова, и исто како јас да сум ги пишувала. Не си сама. Како личност што има големи проблеми со анксиозност воопшто, се пренесува и на ова и тоа како. Секогаш кога ќе сум среќна мислам дека нешто лошо ќе се случи. Не можам да се опуштам и да уживам во среќата. Не. Воопшто, исто така имам проблем со живеење во моментот и секогаш секирање за далечната иднина. Мене цело време мислите ми се во иднината. Не за утре. За неколку месеци. За неколку години, децении. На некој начин исто е и ова. Не можам да се препуштам на чувството на среќа, на моментот. Мислам дека ме очекува нешто лошо. And y'know, можеби е точно дека после среќното следи и лошото. Но не можам да му докажам на моето мозоче дека тоа е едноставно живот, не дека лошото дошло поради тоа што сум си дозволила да се чувствувам добро, среќно барем на момент. Исто така, страв ми е многу да кажам на глас дека да, јас се радувам за тоа и тоа. Буквално еднаш се допишував со пријателка и и кажав колку ми е олеснато за нешто и после испаничив дека баш бидејќи сум го кажала „на глас“ ќе го уништам. Работам на тоа да се препуштам на моментот. Одам на терапија кај психијатар, колку-толку ми помага. Затоа што навистина ми е преку глава, секој момент од мојот живот да се секирам за понатака. Сакам да почнам да се опуштам во моментот и да мислам од денес за утре, најискрено. Мене егзистенцијата ми е буквално фокусирана на иднината. Што е тоа сега? Сакам да дознаам и да почувствувам. Да ја чувствувам среќата со мирно срце.
Нешто слично со кое ќе се надоврзам. Како што кажа @Anabelle.Amorette поради минатото имав страв за некои работи дека повторно ќе ми се случат. Како да кажам - ги очекувам тие настани и предвреме сум тажна па гледам некој пат премногу длабоко (за жал). Посебно додека имав анксиозност постојано бев тажна и загрижена и сите сценарија негативни ми поминуваа низ глава. Имаше моменти каде што сум сама и спокојна и оддеднаш 'оп на нешто ќе се сетам за кое ќе се изнервирам. Затоа почнав сама да си го тренирам умот. Од најмали ситници било што почнував бидејќи сакав да ја сменам ваквата состојба. Стоев подалеку од токсични луѓе, не се оставав без обврски, подалеку од вести, дури им кажав и на пријателите like се исклучувам не ми зборете за "проблеми", научив дека ако постојано се прашувам што ако се деси ова што ако се деси она ќе го поминам цел живот размислувајќи што и како да направам а нема да уживам во сегашноста. Како што имаше една порака - Ако очекуваш дека ќе заврне, тогаш цел ден (окупиран со таа мисла) ќе шеташ надвор со отворен чадор чекајќи да заврне, а не сфаќаш дека така пропушташ да уживаш во сонцето. Исто и многу ситуации имаше каде што дојдов до реализација дека само јас се замарам додека некои уво ги боли за тоа, па решив и јас така. Сепак долго време пробувам да се терам да мислам позитивно и да си ја гледам среќата, има и сега ситуации каде што пак ќе западнам во некои негативни мисли но пробувам да ги туркам што подалеку. Затоа окупираноста со обврски ми помага многу и со тек на време станував подобро.
Те сфаќам потполно. Неретко се наоѓам обземена од такви мисли. Пример денес што ми се случи. Читав нешто забавно преска до мера што се смеев со солзи. И во истиот момент почнав да чувствувам грижа на совест зошто се смеам толку, да не предизвикам така да се случи нешто лошо. Преку глава ми е од таквите мисли, со резерва се радувам на убавите нешта во животот и споредувам што ми се случило во минатото непосредно пред еден немил настан, за да не ги повторувам истите работи сега се со цел да не предизвикам да се случи пак нешто лошо. Хаос. Исто така страв ми е од планирање мислејќи дека така си праам малер и нема да ми се оствори тоа што го планирам. Се трудам да ги бркам ваквите мисли и може ќе делува смешно но ми помага кога ќе се искарам сама со себе: Ајде престани, ништо лошо нема да се случи... И така некако се нормализирам.
Немам страв да уживам во среќата, имам страв, ако можам така да кажам, од споделување на истата со секого. Не мислам дека малер ќе ме најде оти, по некое правило, кругот се врти, па после среќата на ред иде несреќа, но многу пати се покажало дека колку повеќе луѓе знаат за среќата, помалку трае. Како некој да урочува. Е поради тоа ми е онака незгодно да споделам нешто предвреме или на погрешна личност, инаку немам проблем со среќните моменти, не ме мачат помисли дека следува спротивното.
Имам една другарка која се плаши од среќа бидејќи мисли дека ако му е се погодено после ќе е несреќна. Не можете да го контролирате тоа што ве чека во животот затоа не грижете се знам дека не е толку лесно, но со постојано мислење дека негативни работи ќе се случат вие го привлекувате негативното, стресот на никој не му донел нешто добро, затоа мислете само позитивно, уживајте во среќата, споделвајте ја со вашите најблиски и не мислете на лоши работи пред време животот е круг се случуваат и добри и лоши работи, но треба повеќе да се фокусираме на добрите и да уживаме во нив
Ова како да сум го пишувала јас, до збор. Јас имам константен страв од се и сешто, буквално се плашам од секојдневни активности мои или на моите блиски. Се плашам од ненадејна смрт на моите блиски, се плашам да не се повредат додека работат нешто, ако патуваат да не им се случи сообраќајка. Се плашам да имам деца зашто би можела да ги изгубам. Се плашам за секој мој чекор и секој чекор ма моите блиски и драги луѓе, и во блиска и во далечна иднина. Овој мој страв не само што не ми дозволува да сум среќна и да дишам слободно во секој момент, туку и ме доведе во некоја апатична состојба еве веќе подолго време. Дали се должи на постојаните вести за црна хроника со кои сме бомбардирани или дали навистина е такво опасно време навистина незнам. Се надевам дека нема саматс да предизвикам лошо со моите лоши мисли и си се молам за внатрешен мир.
Немам страв ни од среќата ни да уживам во нејзе. Не секогаш ќе сум среќна во животов и ќе ми иде па затоа во моментите кога ќе ја имам ќе уживам во потполност. На крај краева јас сум човек што живее за моментот во секоја смисла на зборот. Ако сум во моментов тажна не ме интересира утре како ќе сум, ако сум во моментов среќна не ме интересирса дали и утре ќе сум
Кога човек ќе се најде во неизлезна ситуација тој секогаш се бори да најде начин да излезе од истата. Па така и јас со ова. Имам и јас понекогаш страв ама не како порано зошто едноставно прифатив дека среќата не е вечна. И навистина порано вака имав страв како вас. Јас наместо да се плашам сега трагам секогаш по решенија да ги надминам пречките и бариерите, кои ми се поставени за да ја постигнам целта и да бидам пак среќен. Животот се состои од исто така и од препреки и неубави моменти и мора да се прифати тоа. Ако денеска пример сум среќен а утре ми се погоди да не ми е добар денот нема да се пикнам во ќоше за да се кријам. Ќе направам сè што е во моја моќ за да си го направам тој ден поубав.
Многумина имаат проблем со уживањето и среќните мигови бидејќи стравуваат дека нешто лошо може да се случи ако се опуштат, а некои, дури, мислат дека се себични ако се среќни. И јас бев дел од ваквите луѓе, до пред некоја година. Мислев ако сум среќна, ќе ми се "врати", знајте, лошо. И стварно така ми беше, ретко бев среќна и се смеев на глас, и ќе ми дојдеше некоја мисла "Не се смеј, после ќе плачиш" и стварно така.. И цели 15 години.. И на крај знаете што сфатив? Ја знаете сите поговорката: ,,Какви ти се мислите, таков ти е животот". Откако често-пати бев среќна и се смеев непрекинато, прекинав да размислувам на она "врати", и се ми е супер, мислам на позитивно, среќа, смеа.. п.с Само тоа не турка во животот, затоа што еден ден ќе сме среќни, и ќе чекаме нон-стоп да ни се "врати", и се враќа кога-тогаш, а кога не размислуваме на таквите последици, се ни течи како што треба во животот.
Додека сум среќна уживам и не мислам на ништо друго освен на нештото што ме прави среќна. Не сакам да ми биде нарушен моментот на хармонија и задоволство. Заборавам на се и не дозволувам ниту една неубава работа да ми помине низ глава, се охрабрувам и ги заборавам целосно Марфиевите закони. Како и да е, животот е таков. Среќата, тагата, стравот се составен дел од животот. Сепак, на крајот нема да биде важно колку пати длабоко сте воздивнале, туку колку моменти ви го одзеле здивот.
Колку повеќе се грижиш толку полошо , пушти ги работите да течат по својот пат и ќе видиш дека ќе биде добро. Опуштете се само
Среќата некогаш иде како на лото, а пак некогаш ќе мораш да ја бараш сам во лошо. Стравот и мислите нека не ве спречуваат да уживате во среќата. Кога сами си предизвикуваме тага е многу полошо отколку кога животот ни ја носи. Оваа недела ми помина доста тмурно ама една 100ка на грепка ме усреќи и насмеа Уживајте и понастрана од непотребни секирации.
Ви благодарам на сите за интересот за темава и за корисните мислења. Иако знам дека многумина поминуваат низ истото, друго е кога ќе прочитам и туѓи искуства, за да се уверам дека не сум сама, само јас со такви мисли. Тоа што сум забележала кај мене е следново: Колку повеќе читам и се информирам за она што е актуелно, толку полош е стравот. Од друга страна, не може човек да се исклучи од се'. Сакам да сум информирана, но тешко е некогаш да се разграничи важно од неважно, точно од неточно. Изгледа многу нешта зависат и од карактерот на човек. Не' има поплашливи, побезгрижни, има и луѓе што се на златната средина, е на нив им завидувам. Она што ми останува е да уживам во среќните моменти кога животот ќе ми ги "сервира" (или можеби поточно би било, кога јас ќе се изборам за тие моменти), а кога ќе дојдат дождливите денови, да се научам да уживам и во капките.
Често пати се случило да забележам дека миговите на целосна среќа и исполнетост, нешто ненадејно ги нарушува. Не за џабе постои и поговорка дека после секое добро следува лошо а и обратно. Искрено, не се плашам. Се обидувам максимално да уживам во моментот без да размислувам што ќе се случи понатаму. Иднината е секако непредвидлива и многу неочекувани настани може да не изненадат. Самиот живот не би бил интересен доколку се би се движело по една линија, без подеми и падови.
Среќата е акутно чувство што се развива и доживува во моменти на исполнетост и задоволство. Се случува спонтано, очекувано, ненадејно низ животните перипетии и максимално се фокусирам на неповторливоста на расположението. Поимот среќа е единствен, но причините се различни и будат експресија со променлив интензитет. Сознанието дека животот е составен од црнобела комбинација, среќа и тага, грижи и насмевки, успех и неизвесност, кои немаат хронолошка поставеност свесно го прифаќам и реагирам спрема "обоеноста" на ситуацијата. Не се плашам да бидам среќна. Стравот има подлабока причина, а причината за среќата е краткотрајна емоција после која следува "враќање" во реалноста. Не верувам во негативен период после наплив на среќа, ниту имам хроничен страв. Свесно и смирено ги прифаќам случувањата и реагирам според мојата моќ. Многу чувства ќе избледат низ времето. Но, има нешто вредно што ќе издвоиме и ќе оставиме зад себе, а тоа не е стравот.