2419.6 CFU/100ml наспрема дозволени 50 CFU/100ml колиформни бактерии во водоводна мрежа за пиење. Добредојдовте во Македонија. Кога се давале совест, разум, способност за размислување и инстикт за преживување, изгледа најмалку ни дале на нас кои живееме на овие од ден на ден сѐ победни 26 000 км2. Е тој недостаток си се надоместил со прекумерна способност за самоуништување и потчинетост. Се плашам дека ретко кој во моментов ја сфаќа сериозноста на состојбата во Гостивар, како и зошто настанала, што значи тоа хидрична епидемија и зошто нејзината појава се криела цели 5 дена и требале уште 2-3 за официјално да се прогласи, кој и зошто влијаел тука или уште поважно зошто БИ САКАЛ да влијае кога е загрозено јавното здравје, иако ако не се лажам и претходно имам пишано баш тука дека ние недоволно сме запознаени со концептот на јавно здравје и општо добро. Моменталната незаинтересираност и пасивност која што владее, а која трае подолго време и чинам се продлабочува, веќе сериозно наликува на тежок простотилук и неможност работите да се видат онакви какви што се и токму затоа уште повеќе се плашам дека ние уште не разбираме што значи сето ова за целата држава, не нужно за епидемијата иако секако на тоа е акцентот, ами и како истиов начин на функционирање на работите се преведува буквално на сѐ и секаде во оваа наша прекрасна, а напатена земја. Да ти треба цела недела да прогласиш епидемија, а теренската слика е таква каква што е, уште од прв ден, е… па не знам како да се изразам. А ако на тоа го додадеме фактот дека требаа пет дена за да се дадат иницијални официјални препораки за населението и плус некој ден за детални, неизбежно е да де запрашаме дали тука докторите се воделе исклучиво својот примарен интерес, а тоа е зачувување на здравјето на целото население, или влијаеле и некои други фактори или притисоци, за жал. И дури после цела недела, ние како јавност, а со тоа ни директно засегнатите во Гостивар, до синоќа сѐ уште немавме информација со што точно е контаминирана водата чија безбедност и законски регулирана, а со тоа доаѓаме и до хендикепираноста на здравствените работници соодветно да ги третираат заболените. Зошто? Сега веќе знаеме, Гостиварчани 20 дена пиеле вода загадена со фекалии, колиформни бактерии речиси 50 пати на дозволеното, една од мострите испитани од ИЈЗ е од категорија 5 што е практично канализација како што објави СП. И нивото на хлор било покачено, значи пробале да ја прочистат водата со хлор. Мало појаснување, колиформните бактерии се дел од нашата нормална флора на цревата и се исфрлаат со фецес, оттука најчесто се заклучува дека нивно присуство било каде освен во канализација значи контаминација со фецес. Ех, Македонијо… листата ја збогативме со уште една трагедија. Или несреќа, кој како размислува. Ако размислува, или ако сака да размислува. Гласно.