Чудни се моите соништа. Те немам видено 10 години, едвај разменувавме по некој збор и поглед а ти ми се појавуваш во мој сон, не знам колку пати. Не знам што ми е со тебе но секогаш си ми бил енигма. Нешто мистериозно, нешто полно со тајни. Не знам ништо за тебе освен дека еден период беше во Америка па сега во Германија. Можеби си се оженил и имаш дечиња. Пред една година го видов брат ти, знам дека тој имаше чувства за мене, повторно како некогаш ме следеше со поглед воодушевен. Порано ќе ми годеше тоа бидејќи имавме симпатии еден кон друг, но бидејќи има девојка сега ми пречи. Како и да е, се надевам дека ги имаш остварено твоите соништа, ќе ми биде мило.
Да имаше глас телово, со сласт ќе ти кажуваше каде најубаво бакнуваш. Да имаше глас телово ќе ти шепкаше досетки цела вечер до рано наутро. Ќе ти крадеше насмевки до доцна во ноќта, ќе те шеташе во мугри преку воздишки. Да имаше глас телово ќе знаеше дека на врат имам најмногу скокот. Ќе ти кажеше дека на ладно се ежам. Да имаше глас телово ќе ти дадеше медал за водење љубов. Ќе ти кажеше дека никој како тебе не бакнува. Ќе ти пишуваше од ден за ден поеми полни со жар кои почнуваат со желба, а завршуваат со страст. Да имаше глас телово ќе направеше ремек-дело и ќе му го дадеше твоето име. Ќе те измешаше со карамела и кокос. Ќе го укинеше чоколадо за да не може да се споредува со тебе по слаткост. Ќе те заплеткаше во бакнежи и ќе те скриеше од светот. Ќе те сакаше од понеделник до недела. Да имаше глас телово ќе знаеше ти се’ што знам јас. Да имаше глас телово ќе ти го кажеше најтивкото те сакам што ќе ти одзвонуваше низ трите коски во увото, додека си жив. Тивко потсетувајќи те. Те сакам. Те сакам. Те сакам.
Зошто си толку тврдоглав? Во Италија си, се грижам за тебе и твоето здравје. Ама не.. тебе ништо не ти е. Прај што сакаш. Ми викаш да не се грижам. Е како бе? Кога ти не се грижеш за себе, јас ќе ти ја отекувам главата. Ми е гајле.
Кога ќе те погледнам во очи знам дека постои рај, а тој е баш таму. Во твојот поглед. Нема поубава сина нијанса отколку онаа во твоите очи. Големи, питоми и мили очи што ме гледаат со охрабрување и љубов. Твоите очи се ведри како небо во пролет. Во нив тонам, но тонам со задоволство. Во тие два океани. И не сакам никој да ме спаси.
Ме чека голема борба. Подготвена сум да истрпам речиси се, само за да те испратам во заборав. Подготвена сум да свртам нова страница во животот и да пишувам убави работи. Толку од мене за тебе.
Ќе ми пројде... ќе ми пројде, ќе ми пројде. Сѐ лошо у животов до сега ми прошло, па ти ли нема да ми пројдеш?