Јас бев задоволна од Ревокс. Најдобро е навечер на измиено лице да се нанесат неколку капки, па да почекаш некоја минута и да нанесеш крема за лице.
Акните побрзо се губеа и општо порите ми изгледа почисто. Забележав промени за три недели некаде, но користев и ниацинамид.
Секоја вечер го користеше или ? Јас немам проблем со акни, но забележувам дека порите ми се полни со ситни црнки.
Искрено не се сеќавам бидејќи ги користев само што дојдоа кај нас, мислам дека наизменично со ниацинамидот, една вечер едното една другото. Сега само ниацинамид користам.
Салицилната не ја почнувај секој ден. Почни со два пати или еднаш неделно па после одреден период можеш 3 пати. Јас лично ставам два пати,а користам од Јуни активно.
Некој сум кој сака козметика и го негува своето лице ама да бидам искрена од кога излегоа серумиве мене ништо не ми е јасно. Сакам да земам некој да пробам ама не знам кој за што е и од кој би требало да почнам, како и каква намена имаат. Ако некој има воља да се ангажира да ми објасни малку би била многу благодарна.
Зошто серумот на др.Витон витамин Ц е прозирна течност, а на пример серумот вит ц на Натурал Велт е како жолта и заматена? Како всушност треба да изгледа вит Ц серум?
Важно е отпосле да не е сменета бојата. Пр од проѕирен да стане жолт или жолтиот да стане портокалов или кафен. Важно е да остане бојата која ја прикажува производителот. Серумот на Натурал велт има и доста други состојки кои сигурно го обоиле. Е сега ако точно прочитав, во серумот на др. Витон вит Ц е на второ место а во другиот е доста подоле. Но од друга страна пак има повисок процент на хијалуронска киселина.
Имам раштркано пишувано низ повеќе теми, но попрво ќе напишам одново отколку да ги најдам сите мислења, така што еве: *различните серуми/состојки ќе бидат во спојлери за да не изгледа предолго мислењето *морам да го поделам мислењето на два дела (барем се надевам дека ќе се само два дела) бидејќи ја надминав границата на пораката 1/2 Спојлер: Витамин Ц Антиоксиданс кој е клучен за формирањето на колаген и се бори против слободните радикали предизвикани од сонцето. Ова не е забележливо со голо око и би можело единствено да се забележи низ текот на времето, со самото тоа што ќе ти се прават помалку брчки и кожата побавно ќе ја изгуби својата еластичност. Покрај ова, витаминот Ц помага за осветлување на кожата и изедначување на нејзиниот тен, односно може да помогне за избелување на флеки и дисколорации - ова е видливиот ефект. Може да се користи наутро и/или навечер; јас преферирам наутро бидејќи покажано е дека комбиниран со СПФ крема, дава дополнителна заштита од сончевите зраци. Најдобри ефекти има кога неговата концентрација се движи меѓу 10% и 20%; над 20% се смета дека не се добиваат плус придобивки, а се зголемува можноста за иритација. Доколу над 10% е иритирачки за твојата кожа, се разбира можеш да користиш и пониска концентрација (најчесто во крема, иако може да се најде и по некој серум). Сè погоре споменато се однесува на чистата форма на витамин Ц - L-ascorbic acid, но поради нејзината нестабилност (брзо оксидира), неретко се користат деривати на витамин Ц кои теоретски би се претвориле во чист витамин Ц во кожата, но ова е покажано само за мал број на деривати - не се знае за сите. Спојлер: нијацинамид Niacinamide e форма на витамин Б3, која исто така помага во изедначување на тенот, избледување на флеки, ја хидрира кожата, помага во обновување на кожната бариера, помага за намалување на иритација, контролирање на себумот што го лачиме и привремено подобрување на изгледот на порите. Го сакаат луѓе со мрсна кожа и/или акни и им помага за црвенилото на луѓето со розацеа, иако може секој да го користи. Се смета за безбедна и инертна состојка, односно предизвикува проблем само кај многу мал дел од луѓето. Најчесто се среќава во концентрација од 10% (серуми), но истражувањата за неговите придобивки се однесуваат на концентрации до 5%, така што може да се се искористат придобивките и од креми или други производи кои го содржат во помала концентрација. Спојлер: хијалуронска киселина Hyaluronic acid, и покрај тоа што во името го содржи зборот „киселина“, воопшто го нема истиот ефект како останатите киселини. Имено, хијалуронската киселина е составен дел од нашата кожа чијашто улога е да ја хидрира и ѝ го дава тој „напумпан“ изглед. Со тек на времето, се намалува нејзиното присуство и затоа лицето на постара личност е „поиспиено“ во споредба со лицето на помлада личност. Имајќи го предвид ова, хијалуронската киселина (како серум или како составен дел од друг производ) се користи претежно за хидратација, а поради (благиот) пумпачки ефект може привремено да ги намали или „пополни“ брчките. Затоа и се рекламира за постара публика, иако нејзината употреба не зависи од возраст (на помладите би им помогнала за хидратација). Се нанесува на влажна (не водена) кожа, за да ја впие (остатоците од) водата в кожа. Витамин Ц, нијацинамид и хијалуронска киселина можат да се користат секој ден. Спојлер: AHA Alpha hydroxy acids се вид на киселини кои служат за површинска (хемиска) ексфолијација на кожата, т.е. отстранување на мртвите клетки на површината на кожата. Од нив, најчесто користени се гликолна, млечна и манделична киселина (glycolic, lactic, mandelic acid), кои се наброени од „најсилна“ кон „најслаба“. Гликолната киселина има најмала молекула и тоа ѝ овозможува подлабоко да навлезе во кожата и да даде најбрзи и најдобри резултати, но тоа значи и дека најмногу од неа може да се јави иритација и ова е индивидуално за секој. Некој не може да трпи (одредена концентрација на) гликолна киселина, но може да трпи млечна или манделична киселина (оваа неретко ја користат луѓе со чувствителна кожа). Поради ексфолијациското дејство, овие киселини помагаат за осветлување на тенот, избледување на флеки и подобрување на текстурата на кожата (кога се однесува на плитки, површински несовршености), а имаат и хидрирачко дејство, особено млечната и манделичната киселина. Ги има во различни концентрации, во различни производи, изолирани или комбинирани заедно. Највисока концентрација што може да се продава на пазарот достапен за луѓето е 30%; над ова смеат да користат само козметичари и дерматолози (хемискиот пилинг е (30-60)% AHA). Може да се користат наутро со задолжително нанесување и реаплицирање на СПФ крема, но најчесто се препорачува да се користат навечер, бидејќи (особено гликолната киселина) ја прават кожата чувствителна на сонце, па полесно им е на луѓето вака отколку да се грижат преку денот дали ставиле доволно СПФ крема и дали таа доволно ќе ги заштитува. Спојлер: PHA Polyhydroxy acids се како еден вид на послаби AHA. Тука спаѓаат: глуконолактон, лактобионик и галактоза (gluconolactone, lactobionic, galactose). Имаат слични придобивки како AHA (само поради нежноста, побавно би се виделе резултати), но се помалку иритирачки, па се препорачуваат особено за ексфолијација на луѓе со чувствителна кожа, иако може да ги користи секој: почетник, личност која е алергична на некоја од другите киселини итн. За разлика од AHA, PHA не предизвикуваат чувствителност на сонце, па може да се користи и наутро и навечер. Исто така, се борат против гликација, односно процесот кога шеќерот што го внесуваме го ослабува колагенот и еластинот (да, јадењето многу шеќер придонесува кон стареење на кожата). Производите со PHA се поретки, иако полека земаат замав на пазарот. Спојлер: BHA Beta hydroxy acid е само салицилната киселина (salicilyc acid), која служи за длабинска (хемиска) ексфолијација на кожата. Функционира на тој начин што прави ексфолијација внатре во порите, односно ги вади нечистотиите од нив. Најчесто се користи во концентрации до 2%, односно серумите со BHA се најчесто од 2%, додека во производи како средства за миење лице (пример: средствата за миење од Neutrogena), тоници итн може да е застапена во помал процент. Салицилната киселина најчесто се препорачува за луѓе со мрсна/комбинирана кожа и/или акни (AHA за посува кожа) или за луѓе со затнати пори (најчесто се преклопуваат со луѓето со мрсна кожа), но сепак може секој да ја користи (пример, може и луѓе со сува кожа да имаат акни или затнати пори). При почнување со употреба, може да се јави период на purging, односно прочистување, кога нечистотиите ќе почнат да излегуваат наеднаш, па изгледа како да се нафрлуваш повеќе. Ова би требало максимум да трае еден месец (се разбира, може да трае и многу помалку), а ако продолжува, тогаш најверојатно не можеш да ја толерираш. Може да се користи и наутро и навечер, бидејќи не предизвикува чувствителност на сонце; напротив, се покажало дека може и да прави апсорпција на УВБ зраците. Покрај овие придобивки, важно е да се напомене дека има антивоспалително дејство (аспиринот е дериват на салицилната киселина), а од недостатоците - може да ја суши кожата (затоа најпрво се препорачува за луѓе со мрсна кожа). Не смее да се користи за време на бременост. Се нанесува на сува кожа Спојлер: Азелаична киселина Azelaic acid е киселина која врши блага ексфолијација на кожата (а со тоа и помага за избледување на флеки), но повеќе е позната поради своето антивоспалително дејство. На обичниот пазар се наоѓа во концентрации до 10%; инаку, во концентрации од 10% до 20% се препишува како третман за розацеа или за акни кај бремени жени или луѓе што не можат да ги поднесат/се алергични на класичните третмани за акни. Како состојка, слично како нијацинамидот, се смета дека поголем дел од луѓето можат да ја поднесат: штом се препорачува за луѓе со чувствителна кожа - розацеа - голема е веројатноста и дека луѓе со нормална кожа ќе можат да ја поднесат иако сепак, чувствителностите на состојки се скроз индивидуални. Иако ова е релативно и зависи од нивна концентрација/потреба/состојба на кожа, генерално се препорачува ексфолијациските киселини да се користат максимум секој втор ден (3-4 пати седмично). Луѓето со мрсна кожа можа почесто да прават ексфолијација во споредба со луѓето со посува кожа (ним можеби би им било доволно да прават ексфолијација и само еднаш седмично или еднаш на 10 дена).
@manja666 2/2 Спојлер: Ретиноиди За нив има да се каже колку за сите погоре заедно, па бидејќи на форумов поретко се споменуваат во споредба со овие погоре, полесно можам да ги најдам и цитирам мислењата што сум ги пишала претходно (прашањето беше за тоникот со ретинол од REVOX): (да напоменам: цело време пишувам ретинол, бидејќи често се користат двата термини наизменично, но по правило ретиноиди се фамилија на видови на витамин А, а ретинол е само еден таков вид) Спојлер: пептиди и колаген Пептидите се амино киселини, кои се составни делови на одредени протеини во кожата, меѓу кои и колагенот. Теоретски гледано, со топично нанесување на пептиди, би требало да се гради повеќе колаген и со тоа тие да имаат анти-ејџ ефект (намалување на брчки), но во реалноста ова не е покажано. Има некои истражувања за пептидот Matrixyl 3000 кои покажуваат дека има анти-ејџ ефект, но повеќето пептиди не го даваат овој ефект или барем сè уште не е покажано дека го даваат овој ефект. Но, покрај ова, пептидите се добри и можат да се користат за хидратација и за смирување (од воспаленија) и обновување на кожната бариера. Истото важи и за производи (најчесто креми) кои содржат колаген: не е покажано дека топично нанесување колаген помага за намалување на брчки, но може да се користи за хидратација. Ова се најчесто споменуваните и најкористените серуми/состојки. Останатите се претежно серуми со антиоксиданси, серуми за хидратација или евентуално серуми за избледување на флеки (со различни, понепопуларни состојки од набројаните - што не значи дека се полоши или помалку ефикасни). За крај, би напоменала уште неколку поенти: 1. Сè ова е практично бескорисно без користењето на СПФ крема секој ден. Потребата за неа, како и некои други информации ги има овде: Спојлер 2. Дали (дел од) овие работи се неопходни и мора да се користат? Апсолутно не, единствени неопходни производи се средство за миење лице, хидратантна крема (дури и ова е дискутабилно за луѓе со многу мрсна кожа) и СПФ крема (евентуално и ретиноид/ретинол како „крал“ на козметиката). Останатите работи се само додатоци кои може, но и воопшто не мора да се користат. Го напоменувам ова бидејќи моментално толкав е фокусот на производи за нега на кожа што се прави притисок дека мора да се користи нешто плус, поточно мора да се користат многу работи плус. Овие додатоци може да се користат доколку се има потреба која можат да ја адресираат и ако се ужива при нивно користење, толку. 3. Резултатите често се бавни, односно ретко кој производ ќе покаже инстант промена по 1-2 нанесувања, па дури и по месец. За многу од погорните состојки потребни се месеци за да се увиди драстична промена (особено за ретиноидите). Ова е особено важно за антиоксидансите - иако некои од нив може да имаат видливи ефекти, нивната главна придобивка е најчесто помалку видлива (но не значи дека ја нема). Флеките предизвикани од сонце исто многу бавно избледуваат и потребно е многу време и дисциплина во рутината. Ова го кажувам бидејќи многу често се создаваат нереални очекувања. 4. Во глобала, многу од состојките можат да се комбинираат (поретки се тие кои меѓусебно си го поништуваат дејството), но препораката да не се комбинираат активни состојки (тука спаѓаат AHA, BHA, PHA, azelaic acid, retinoids - retinoids+vitamin C) произлегува од можноста за иритација на кожата, бидејќи сите се моќни состојки. Но, по стоти пат, пак ова е индивидуално и ќе се дознае само ако се проба (иако нема потреба да се проба). Ова не се однесува на производи каде активните состојки се формулирани заедно - кај нив се претпоставува дека е адресирана/намалена можноста за иритација уште при самото формулирање/тестирање на производот. Сакам да кажам, не мора да се избегнуваат производи кои состојат комбинација од активни состојки. 5. Редоследот на нанесување не е толку важен, иако најчесто да се препорачува при нанесување на повеќе производи да се оди од најлесна до најтешка конзистенција, односно: миење лице - тоник - серум - крема - масло. Се вели дека за максимално искористување на производите со пониска pH вредност (витамин Ц и киселините), најдобро е да се нанесуваат први по миењето лице, но важи и обратното: доколку некој производ (пример: ретиноид) премногу ми ја иритира кожата/се немам уште навикнато на него, можам да го ставам по кремата, со цел да ја намалам неговата моќност. Исто, ако користам на пример серум со хијалуронска киселина, би го ставила веднаш по миење лице, бидејќи тогаш веќе ми е влажна кожата, а потоа би го нанела останатото. Тука има простор за експериментирање. Останати (попрактични) информации можеш да добиеш на темите: Како до чисто лице?, Revox серуми за лице и The Ordinary продукти за нега на лице. Со среќа читањето и жал ми е што те бомбардирам со (посакувани и непосакувани) информации; не знам да се искажам во пократки црти . П.С. Кај мене се јавува проблем со цитатите во спојлерите - не сакаат да се прошират, но ако ја рефрешираш страната ќе можат да се прошират.
Здраво Гледам дека имаш големо знаење за сериумите се надевам и за кремите Потребен ми е совет Со тек на годините од мрсна кожа ми се појави себореја што колку толку ја толерирам и не е толку страшна , Но секогаш кога и да го измијам лицево од после ми е претерано сува и морам да ставам ептен мрсен крем кој што и не врши некоја услуга Ако може да ми дадеш некој совет , за сјајна кожа и бела против брчки
Ако ти е суво лицето по миење веројатно користиш преагресивно средство за миење: по миење треба кожата да ја чувствуваш нормална, не како да ќе ти испука. Што се однесува до себорејата, најдобро би ти било да разговараш со дерматолог, тој ќе ти каже најдобро. Не би знаела да ти предложам крема, но од серумите кои ги објаснив погоре, мислам дека најмногу има шанса да ти помогнат салицилната киселина (можеш да бараш и производ за коса со неа ако имаш и таму себореја) и нијацинамид.
Некоја девојка да го користела овој серум да сподели искуство? @GrimTheReaper гледам си прашувала претходно за него, дали го зема и ако да, каков е?